Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски се пласираше во 3. коло на јуниорскиот турнир на Вимблдон и тоа на неверојатен начин.
Меч топката Македонецот ја искористи така што низ нозе шмекерски сервираше, го изненади ривалот Родриго Пачеко Мендез и му зема поен и победа (6:1, 6:2).
Овој потег беше објавен на официјалните страници на Вимблдон на социјалните мрежи а веќе има над 40.000 лајкови, илјадници коментари и реакции.
Еден од оние кои биле изненадени од потегот на Калин бил и Каспер Руд, најдобриот норвешки тенисер во историјата кој со само 23 години стигна до 5. место на ранг листата и се смета за дел од светскиот тениски крем. Пред неколку недели играше во големото финале на Ролан Гарос.
Каспер Руд под Инстаграм објавата на официјалниот профил на Вимблдон за потегот на Калин искоментирал: „Не беше ли ова престап“? на што друг корисник му одговара дека сигурно го сервирал топчето пред да стапне на земја преку линијата за сервис. „Да, можно е, тешко е да се каже“, одговара Руд во дискусија на најдобриот потег на Вимблдон досега.