Ретко кој го знае анонимниот Роман кој ќе игра 1/4 финале на Вимблдон

По женската сензација, 16-годишната Мира Андреева, во машка категорија уште еден анонимен тенисер стигна далеку и денес игра во големо четвртфинале со шанса за историско полуфинале. Се вика Роман Сафиулин.

Деведесет и вториот рекет на АТП ранг листата, Русинот Роман Сафиулин е најголемо изненадување досега на овогодинешниот Вимблдон.

Тој има 25 години а досега само пет пати бил во главен ждреб на големите турнири. Го пропуштил Ролан Гарос зошто заборавил да се пријави, а покана за Вимблдон добил откако се откажал Рафаел Надал.

КОЈ Е РОМАН САФИУЛИН?

Тој е роден во Русија, во градот Подолск. Уште од мал сакал спорт па почнал да тренира тенис. Во градот имало само два терени а татко му Ришат работел како тениски тренер.

„Носев таму рекети како мал, тренирав во мала група. Го удирав топчето во ѕид“, се сеќава Роман како се запознал со тенисот преку татко му.

Во детството тренирал уште и фудбал и пливање но најмногу го сакал тенисот. Сериозно почнал да го игра на 12 години. Бил пред избор: школо или тенис. „Го избрав тенисот и досега сум во него“.

ПОРАДИ ПОВРЕДА ПОДОЦНА ВЛЕГОЛ ВО ТОП ТУРНИРИ

Сафиулин е јуниорски шампион од Отвореното првенство на Австралија 2015, така што е познат на тениските вљубеници но не и на пошироката јавност. Тој во детство бил втор светски рекет на ранг листа и ги победувал Андреј Рубљев и Данил Медведев. На 16 години освоил шест возрасни професионални турнири во една сезона.

После го попречувале повредите. Особено многу му сметала повредата на десната лопатка (плешка), поради што не можел ниту да сервира ниту да разменува ударци нормално. Отишол дури до Виетнам на операција.

Здравствени нелагодности го опседнале на патот кон сениорскиот професионален тенис. Втората етапа пробој до топ тенисот му почнала на почеток на 2020-та кога Роман го освоил првиот Челенџер но тогаш се појави пандемијата и сè застана.

Во 2021-ва Сафиулин дебитирал на Гренд слем, за првпат во кариерата се појавил на еден од најголемите турнири. Стигнал до второ коло и во Австралија Опен а и подоцна на Ролан Гарос. На почеток на минатата 2022-ра стигнал и до репрезентацијата на Русија на АТП Купо.

Во февруари 2022 ја остварил и првата победа над играч од Топ10 (Стефанос Циципас) и влегол во полуфинале на АТП турнирот во Марсеј. Минатото лето освоил два Челенџера и да првпат се нашол во Топ100 на ранг листа.

После овогодинешниот Вимблдон каде блесна и е права сензација тој ќе влезе во Топ 50. 

САФИУЛИН Е СУПЕР ТАЛЕНТ НО ДОЛГО ВРЕМЕ НЕ ВЕРУВАЛ ВО СЕБЕ, НЕМАЛ САМОДОВЕРБА

Андреј Рубљев, уште еден руски тенисер но далеку попознат од неговиот сонародник, денес игра во четвртфинале на Вимблдон против Новак Ѓоковиќ.

Рубљев за Сафиулин еднаш рекол:

„Рома секогаш бил многу талентиран дечко и одлично играше уште од јуниорска возраст. Фала Богу што нема никакви тениски проблеми. Тој има суперфизика, правилно се движи, има висок тениски интелект. Во неговиот случај го попречува невербата во себе. Тој смета дека нешто не умее и не умее. Постојано се криви себе за грешките. Кога сам себе ќе почне да си збори: јас сум јак и можам да освојам титули, тогаш ќе растури!“

Сафиулин се согласува. Не негира. „Многу лично ми го кажале тоа. Просто ми фали самоувереност во играта, во ударите. Сите викаат: се има, само да почне да верува во себе“, признава Роман.

Рускиот тенисер како да почнал да ја цврсти самодовербата па на овогодинешниот Вимблдон стигна дури до четвртфиналето што е најголем негов личен успех во кариерата но и најголема сензација за сега на Гренд слемот во Британија. Во полуфинале попладнево го чека Италијанецот Јаник Синер кој е 8-ми светски рекет.

11 јули 2023 - 12:29