Приказна за еврејски боксер кој имал 208 меча и боксувал со германски официри во Аушвиц

Малку е позната историјата на Саламо Арух кој го поминал пеколот Аушвиц и само благодарение на дарбата за бокс успеал да спаси жива глава.

Во Аушвиц било убиено целото семејство на Саламо Арух, а тој успеал да преживее благодарение на боксот со кој ги забавувал нацистичките офицери и чувари.

Наместо шампионски појас добил нешто повредно - животот му бил спасен.

АРУХ НЕ ИЗГУБИЛ НИ ЕДЕН БОКСЕРСКИ МЕЧ И ТРЕБАЛ ДА ОДИ НА ОЛИМПИЈАДА

Саламо Арух се родил во Солун, во еврејско семејство и растел со уште три сестри и браќа. Од мали нозе му помагал на татко му кој работел утовар и истовар на пристаништето.

Со тешка работа ја зацврстил мускулатурата и во слободно време тренирал бокс во сала. Прво татко му му бил тренер, а спарингувал со едниот брат.

Првиот официјален меч Саламо го имал на 14 години, а веќе на 16 станал локална ѕвезда и боксувал за популарниот клуб Арис.

На сите 24 меча победил и стана апсолутен младински шампион на Грција. Во 1939-та го освоил и Балканското првенство во средна категорија. После тоа го викнале во грчката армија каде го зголемил својот рекорд до 27 победи и 0 порази.

Силниот Арух бил голема надеж на Грција за златен медал на Олимписките Игри во Хелсинки, но Втората Светска војна прекинала секаков спорт.

Во периодот до 6 до 30 април 1941 година цела Грција била под опсада од германски блицкриг, а Арух завршил во гето со семејството. Шест месеци работел градежни работи, а потоа од март до август 1943-та од Солун во логорите на смртта биле пратени околу 70.000 Евреи.

Семејството Арух било едно од првите пратено во концентрациониот логор Аушвиц каде шансите да се преживее биле речиси никакви. 

„Нè однесоа буквално како скотови, во товарни вагони каде не можеше да се спие зошто бевме премногу во ист вагон. Од Грција до Полска одевме околу шест дена. Многу не стигнаа до крај, умреа од глад или истоштеност. Ние стигнавме доцна вечер. Јас, родителите, три сестри, браќата и другите заклучени бевме разделени, па ни избричија глави и не прскаа со студена вода. До следниот ден напладне стоевме на ладно без право да седнеме“, раскажал еднаш Арух.

Последен пат ги видел неговите кога влегол во логорот. Мајка му и сестрите ги убиле со гас „Циклон Б“, татко му умрел од истоштеност, а браќата му ги убиле зошто не сакале да вадат злато од убиените Евреи.

„Во логорот сретнав еден познаник кој доаѓаше кај нас порано и го прашав кај се останатите од нашиот град. Ми кажа: „Ги отруја со гас, а труповите ги спалија“. Мислев дека полудел. Уште не знаев каков пекол се случува во Аушвиц“, раскажал младиот Саламо Арух.

Арух веќе бил познат како боксер и кога еден од чуварите прашал дали меѓу грчките Евреи има боксер, Саламо излегол од стројот.

„Нè возеа до една барака каде дојде автомобил и од него излезе командант. Бараа боксери за своја забава. Праша кој од нас знае да боксува? Моите успеси на аматерско ниво не беа тајна за никој од логорот и сите покажаа во мене. Он ме праша дали сум спремен да боксувам сега одма? А јас не спиев цела ноќ и не јадев со денови, едвај стоев на нозе, ама памтам дека потврдно одговорив“.

Таа вечер Саламо Арух боксувал за првпат откако дошол во логорот и победил против друг Евреин кој бил една глава повисок од него.

„После ми кажаа правила на борбите. Немаше никакви рунди, наместо ринг имаше еден круг. Се тепавме додека некој од нас не паднеше во несвест. Цена на секоја борба беше сопствениот живот. Се тресев пред секоја борба. Просто знаев дека ако изгубам ќе урмам. Во тие моменти не мислиш на сочувство и благодарение на тоа можеш да преживееш“, раскажал боксерот кој поминал суровоста на пеколот.

„На тие турнири доаѓаа СС офицери, чувари, команданти. Прво ги забавуваа со разни циркуски точки, пееа цигани песни. А борбите беа кулминација на програмата. Се кладеа на нас, а моите победи како што разбрав не ги радувало многу тие што се кладеле“.

БОКСУВАЛ 208 МЕЧА И УДИРАЛ ДУРИ И ПИЈАНИ ГЕРМАНСКИ ОФИЦИРИ, ПРАВО ЧУДО Е КАКО ПРЕЖИВЕАЛ

Кога сфатиле дека Саламо е надарен боксер, нацистите веќе не му давале тешка работа, туку тој чистел канцеларии и му ја подобриле храната, колку можела да се подобри во тие услови. Тој за победа обично добивал векни леб кои ги делел меѓу другите во логорот.

Два пати неделно имал борби - во среда и недела и секогаш победувал. Според записите и сеќавањата, тој боксувал на 208 меча, на 206 победил а уште два биле заведени како нерешени.

Еднаш Саламо кој имал 61 килограм за 17 секунди нокаутирал противник тежок 113 килограми. Тогаш фашистите станале и му аплаудирале. Се случувало и пијани СС офицери да облечат ракавици и да влегуваат во ринг да се пробаат со Саламо Арух, а тој не размислувал дали да ги нокаутира.

Имало верзија дека нацистите кои ги гледале неговите бокс мечеви, го мразеле ама не можеле да го убијат поради командантот на логорот кој на Арух заработувал многу пари од кладење.

„Беше неверојатно да се трпи тој пекол и размислував за бегство. Едни другари Полјаци ископаа тунел и ми предложија да избегам со нив. Ама брзо ги фатија и ги обесија на едно место за сите да ги гледаат. Повеќе не помислив на бегство. Боксот ми беше единствена шанса“, се сеќава Арух.

Тој го дочекал ослободувањето на Аушвиц на 27 јануари 1945 година кога советските војници ги спасиле останатите затворени логораши. Арух неколку месеци ги барал своите најблиски ама после некое време дознал дека ги убиле сите уште по пристигнувањето.

Во 1989 година бил снимен и филмот „Триумф на духот“ кој зборува за историјата на животот на Арух. Го играл Вилијам Дефо а самиот Арух бил консултант на филмот кој сепак има неколку погрешни моменти.

Пример во филмот се прикажува дека тој дошол во Аушвиц со невеста, иако тој во реалноста се оженил во 1945-та година кога излегол од таму. Исто така е прикажано дека тој живеел во иста барака со татко му и брат му, но во реалноста живеел со други непознати лица во логорот.

По крајот на страшниот пеол, Арух прво избегал во Палестина, а по создавањето на Израел се преселил во Тел Авив каде станал успешен претприемач и сопственик на една компанија. Боксувал на уште 4 меча, изгубил првпат во кариерата и решил да ги закачи ракавиците на клин.

Арух се оженил со 17-годишна познаничка од логорот, имал четири деца. Никогаш не дебитирал во професионален ринг но бил локална ѕвезда во Израел и станал легенда. 

И покрај подвигот во Аушвиц, имало такви кои не ги одобрувале борбите на Евреи против други Евреи по желба на нацистите. Арух бил и критикуван.

„Ако јас тогаш знаев или некој да ми кажеше дека цело мое семејство не е живо, јас немаше да се борам. Ќе ме стрелаа или ќе ме пратеа во гасна комора но вербата дека некој од моите е жив, ми даваше сила на духот да продолжам да се борам за својот живот и поради нив. Мислам дека ако се најдевте на мое место исто ќе постапевте“, заклучил Саламо Арух.

Тој починал на 26 април 2009 година на 86-годишна возраст.