Париз 2024 ќе остане незаборавен за Србија, која е горда до небо за историскиот олимписки златен медал на Новак Ѓоковиќ, но секогаш ќе има горчина за кошаркарската елиминација на машкиот национален тим.
И со право, затоа што борбата за злато синоќа ја заслужи само една селекција, а тоа е Србија.
Нема да споредуваме и да се навраќаме во старите времиња, туку само ќе констатираме дека никој, барем во поновата историја не ја надиграл Америка во спорт, во кој отсекогаш се вели дека никој ништо не и може.
Влегоа во натпревар против селекција за која победата беше 1.05, а за нив 11 и од позиција на аутсајдери, термин адекватен само според коефициентите на кладилниците, им одржаа кошаркарска лекција на Американците.
Лекција на прави југословенски баскетџии кои со традиција ги имаме на Балканот. Играчи кои отсекогаш биле со педигре и резултати и во Евролига и во НБА и на репрезентативните натпреварувања.
Го дробеа САД и со игра и со резултат и не го пуштија да здивне и да фати ритам. Ги добија првите три четвртини, во еден момент имаа неверојатни 17 поени разлика, а првата четвртина водеа со +8 и тоа после четири тројки на Кари постигнати за нецели четири минути од стартот.
Момците на Пешиќ влегоа храбро во мечот, беа полетни, шутираа и погодуваа дрско од сите позиции и имаат одличен проток на топка. Што е најважно играа тимски, со многу жар и самодоверба.
Во ниту еден миг од средбата не се забележа дека Јокиќ и Богдановиќ се ѕвезди од НБА. Напротив, Јокиќ како МВП и НБА првак беше постојано во служба на тимот, кој го краси хемија.
На овие игри на секој меч е на ниво. Овој пат со 17 поени, 11 асистенции и 5 скока. Тактиката на Кер беше постојано да биде удвоен, а така се отвори повеќе простор за другите, па дури и за резервистите кои помогнаа поентерски.
Од играта на Србија се воодушевија многу славни кошаркарски имиња од НБА, меѓу нив и четворица ѕвезди од Германија, Франција, Шпанија и Аргентина, а тоа се Новицки, Паркер, Гасол и Џинобили.
Целосно отворено и искрено своите импресии по мечот ги искажа и самиот селектор на САД.
„Србија одигра совршен натпревар. Погодија толку многу тешки шутеви. Играчите беа брилијантни, испорачаа игра под притисок. Сјајен тим. Тим со класа. Играат толку тврдо и толку заедно. Искрено, Србите ме направија скромен, навистина скромен. Ми беше чест што бев дел од овој меч. Ова беше еден од најдобрите натпревари во мојот живот. Видов некои српски играчи како плачат после натпреварот. Се чувствував ужасно затоа што направија сè. Играа прекрасна кошарка“, стои во дел од изјавата на Стив Кер.
За разлика од нив, неговата селекција делуваше како раштиман оркестар. Целосно дезорганизирани во играта, како без концепција, посебно во напад кој се базираше на шут за три поени и ништо повеќе.
Американците се потпраа на безпрекорниот индивидуализм во тимот, а тоа се пред сè Стефон Кари, кој го сметаат за најдобар шутер кој некогаш заиграл во НБА и Леброн Џејмс, најдобриот стрелец во историјата на НБА и еден од најголемите на сите времиња.
Првиот го вклучи познатиот негов снајпер, погоди неверојатни 9 тројки и постигна 36 поени. Вториот, неуморен од играње кошарка, влезе во ритам кога е најмногу потребно и запиша трипл дабл учинок.
За овие двајца, едноставно нема одбрана која може да ги спречи. И да имаат лош ден, има кој да го вклули алармот во тимот. Да не заборавиме дека во вториот дел му тргна и на Ембид кој постигна 19 поени, а невидливиот Дурент постигна 9 поени во клучните моменти.
За избраниците на Пешиќ нема утеха после ваква импозантна партија против кошаркарскиот гигант кој го водеа 37 од можни 40 минути. Остануваат само неговите зборови кои најдобро ви звучеле вака:
„Одигравте партија за паметење против селекција од кој цел свет се плаши. За мене вие сте олимписки прваци“.
Филип Нацоски