Пливачкиот пат на Ентони Ирвин

Олимписко злато после проблеми со наркотици, алкохол и психа

Во 2000-та во Сиднеј како незрело момче го освојува златото за Америка во пливање. Набрзо паѓа во тешка депресија и три пати „се ракува“ со смртта поради предозирање со дрога, алкохол и апчиња за смиурвање. 16 години подоцна се качи на подиумот како најстар освојувач на злато.

Двегодишниот Ентони не можел да заспие после ручекот. Ниту мајка му, исцрпена и уморна од калифорниската горештина која успеала некако после долго лулање да го заспие. Во домот завладеала празна тишина.
 
Во еден момент малиот Ентони го тргнал ќебенцето, излегол во дворот на семејната куќа и тоа било првпат да знае каде и што сака. Тргнал кон базенот. Седнал на платформата и ги брцнал нозете во бистрата вода. Кога мајка му за неколку минути го видела, се смрзнала од страв. Што ако паднел?
 
Одговорот стигнал брзо, за помалку од една недела околу базенот ставиле ниска метална ограда.

„Оградата околу базенот беше многу чудна. Ми делуваше права мистерија, изгледаше страшно и не ми дозволувале да се приближам. Тогаш сум бил право мало ѓубре кое секаде прави проблеми. Не сум бил мирно и добро дете“, се сеќава Ирвин.

Кога пораснал и се смирил, родителите го пратиле на пливање. Претераната енергија и агресија од Ирвин направиле чудовиште од пливач: на првиот турнир освоил седум трофеи а потоа секој месец бележел нови рекорди на ниво на Калифорнија.

Ентони тогаш бил спремен за сериозна кариера и слободно време му останувало катастрофално малку. Понекогаш на тренинзите гледал како на казна, бегал од дома и се расправал со родителите.

Ентони имал нервни тикови, повремено бил напнат и неконтролирано емотивен. Лекарите набрзо му дијагностицирале пореметување на централниот нервен систем или синдром Турет. Веќе на девет години му давале таблети за смирување на гневот. Лекарствата не му помагале секогаш. Во младоста Ентони го избркале од еден регионален турнир во Калифорнија затоа што играл со шкорчиња во хотелската соба и ја запалил постелнината. Подоцна научил како болеста да ја користи како дополнителен мотив во спортот.

Така, непосредно пред почетокот на Олимписките Игри 2000 во Сиднеј, на Ирвин му ја сманиле дозата на таблети за смирување. И тоа ќе се испостави како круцијално затоа што на трката 50 метри слободен стил Ентони го освои златото. Една година подоцна овој „трик“ му допринесе да го освои златото и на Светското првенство на трките на 50 и 100 метри.

До крајот на 2001. година, Ервин почнал да чуствува одбивност кон пливањето. Емоционалните согорувања завршиле со ужасна депресија:

„Се чуствував како осамен човек заглавен на врвот на планината на кој никој не може да му помогне. Бев сам. Не ми се допаѓаше тоа што го правев, но не знаев што друго да правам. Чуствував дека никој не ме сфаќа. Потонував се подлабоко во таа самотија и никој не разбираше зошто сум таков. Пливањето не ми причинуваше задоволство и се чуствував како да сум во затвор.“, раскажува новиот олимписки првак на 50 метри слободен стил во Рио.

Наскоро, во 2003. година на само 22 години како златен олимписки првак, Ентони решил да ја заврши кариерата. Од тој момент тргнал по патот на алкохолот, еднаш дури и се разбудил во затвор несвесен што се случило ноќта и зошто заглавил зад решетки.

Животот му станал катастрофален.

„Имав толку пати секс со непознати и сомнителни девојки што стана одвратно. Не можев да живеам веќе така. Уморен од сите овие притисоци од внатре и надвор не можев ниту да пливам. Сакав се да заврши“, се сеќава Ентони Ирвин кој на 35 години стана најстариот олимпиец во светот кој освоил две злата во дистанца од 16 години. Во Сиднеј имал 19 години, во Рио 35.

Во еден момент испил прекумерна доза на апчиња за смирување и сакал да умре. „Следното утро се разбудив и открив дека не можам ниту да се убијам. Од тој момент како повторно да се родив. Како да ме спаси нешто и ми даде волја“, додава Ирвин.

Но не одело се така лесно. Напротив, ризикувал уште повеќе. Како што раскажуваат неговите другари, Ентони имал ноќи кога ужасно се препивал и користел разни таблети поради што неколку дена не станувал од креветот. Една вечер бегал од полицијата со 200км/ч но толку се занел што удрил во црвен Мустанг и нејасно е како излегол со само исчашено рамо.

Од тој момент Ирвин го избегнувал секој разговор за минатото, иако не му било срам што по триумфот на Олимписките Игри станал алкохоличар, наркоман и водел неуреден живот. Не чуствувал никаква врска со стариот живот.

„Јас не сум пливачот Ентони Ирвин, јас сум просто Тони, еден од момците во групата. Поради тоа никогаш не зборував за златниот медал“, напишал Ирвин во својата автобиографија откако станал член на рок-групата Weapons of Mass Destrucion која свирела во Њујорк.

Ирвин бил одговорен за гитара, а подолго време работел во музичка продавница. Во 2004. година се пробал и во тату-салон. „Музиката ми даваше слобода која што ја нема во спортот. Во неа можев да се опуштам. Престанав да слушам хип-хоп во кој бев вљубен за време на пливачката кариера и преминав на рок-ен-рол“, додава американскиот пливач.

Во еден момент Ирвин почнал да медитира во будистички храм, а набрзо бил фасциниран и од културата на исламот: многу читал за суфистите па дури и постел за Рамазан. По извесно време се враќа на првата љубов - базенот. Негов стар пријател отворил школа за пливање во Њујорк и решил да ангажира стручни тренери.

„Не размислував за продолжување на кариерата. Само сакав да заработам. Но во друштво на деца кои уживаат во водата не чуствувате никаков притисок од конкуренција. Не претерував со пливање, но работев и тоа ме ослободи од лошите навики како што е пушењето. Тогаш процветав“, вели Ентони Ирвин.

Во 2010. година Ирвин ја доживеал последната силна депресија поради чувство на бескорисност. После тоа почнала препородбата на шампионот. Не само што се вратил на тренинзите туку и работел на психолошка рамнотежа. Во 2011 година официјално ја објавил желбата за настап на Олимпијадата во Лондон.

По квалификациите за Олимписките Игри, Ентони дал неколку десетици интервјуа во кои го преиспитувал својот живот: Пласманот на Олимпијадата е како сон. Во Сиднеј бев зелен и амбициозен а сега сум благодарен што сум жив“, вели Ирвин.

Симбол на неговото враќање станала една од тетоважите на рацете. На една рака има Феникс во јапонски стил, птица која симболизира враќање од пепелта. Сакав да се преродам и тетоважите ми помогнаа во тоа“, вели Ентони.

Од минатиот живот на Ирвин не останало практично ништо. Олимпиското злато од Сиднеј го продал во 2005. година за 17.101 долар, но не за доза кокаин или ЛСД, туку ги пратил во фондот на УНИЦЕФ за помош на жртвите погодени од цунамито во Индискиот Океан. Аукцијата одела онлајн.

На ОИ во Лондон, Ирвин стана петопласиран но продолжил да тренира. „Во младоста базенот беше затвор за мене, а сега ослободување од се од што сум загрижен или исплашен. Водата ме тргна од сложениот живот“, признава првакот од селекцијата на САД.

Пред почетокот на Рио-2016, Олимписките Игри за кои Ентони Ирвин обезбеди пласман преку квалификациите во својата земја, тој стана еден од шесте капитени на репрезентацијата на САД во пливање. Соиграчите ги спремал со мотивационен говор од Шекспир.

„Главна работа - не размислувај за вниманието и фокусирај се на работата. Јас не спасувам животи. Се е Божја волја. Не верувам дека човекот ја управува својата судбина. Низ мене работи Виша сила. Дури сега на 35 години имам нешто што немав порано - работна етика и љубов кон работата. Тоа ми помага“, констатира 35-годишниот Ирвин.

Во Рио Ентони го освои златото на 50 метри слободно и стана најстариот олимписки шампион во историјата на овој спорт. Сега има нешто повеќе од 35 години а главната мистерија е дали Ирвин ќе има нормален живот по завршувањето на кариерата?