Првото гризење на медал датира од 1991 година кога британски атлетичари кои сензационално ја победиле Америка во трката 4х100. Фотографите им побарале да направат нешто необично во позирањето откако ги добиле медалите.
Традицијата продолжува на секои Олимписки Игри и на големи натпреварувања во разни спортови.
Но еден градоначалник во Јапонија отишол чекор подалеку откако го загризал златниот медал на олимписката шампионка во софтбол, Миу Гото, и тоа без дозвола.
Ваквиот потег на градоначалникот на Нагоја, Такаши Кавамура наишол на осуда во тамошната јавност. Тој ја тргнал медицинската заштитна маска и го гризнал медалот на приемот на шампионката Гото.
Моментот бил пренесуван и на телевизија во живо па гледачите жестоко го критикувале градоначалникот за нехигиенскиот и непочитувачки потег среде глобална вирусна пандемија.
Официјално лице од Градскиот Дом во Нагоја изјавил за СиЕнЕн дека добиле повеќе од 8.000 жалби и поплаки од граѓаните кои бараат оставка на Кавамура.
Организаторите на Токио 2020 во четвртокот соопштиле дека ќе го заменат медалот на Гото, ќе и дадат нов и ќе ги сносат трошоците.
Градоначалникот Кавамура се извинил на една прес-конференција за „оштетувањето на златниот медал“ и понудил тој да плати од свој џеб за замена на медалот. Додал дека и пратил извинување на Гото и на Јапонската софтбол федерација.
Софтбол репрезентацијата на Јапонија во финалето била подобра од САД со 2-0 и го освоила олимпиското злато.
„Многу внимателно го чувам мојот медал. Госпоѓа Гото која нималку не се налути има големо срце. Јас дефинитивно би плачел за такво нешто“, напишал на Твитер олимпискиот шампион во џудо на ЛОИ во Токио, Наохиша Такато.