Приоритет на Бјанкочелестите во минатиот јануарски преоден рок беше Весли Худ кој требаше во одбраната да му се придружи на својот сонародник Стефан Де Фрај. Но Аз Алмар реши да го држи до летово, па одлуката падна на Маурицио од Спортинг.
Тој доби солидна минутажа во тимот на Стефано Пиоли, но наместо да ги пополнува дупките во одбрана, игра грубо, добива картони и му носи штета на тимот. Маурицио синоќа на својот 28-ти меч за Лацио доби нов црвен картон и тоа уште во 6-та минута и стигна до бројка од 12 жолти и 4 црвени картони.
Првиот картон го заработи минатата сезона против Интер, на важен меч за Лацио во борбата за третото место кој го загуби 1:2 на домашен терен.
Лацијалите потоа се изборија за таа позиција која ги однесе во квалификации за ЛШ, а Маурицио освен што беше виновен за примениот гол на почетокот од реваншот против Баер Леверкузен, беше исклучен во 68 минута со што му ги закопа желбите на својот тим кој сонуваше за пласман во елитата.
На стартот од новата сезона во Серија А, следуваше третиот црвен картон на гостувањето против Верона при резултат 1:1, но Лацио успеа да триумфира. На синоќешниот меч против Розенборг тимот од Рим поради него играше 84 минути со играч помалку, но повторно успеа да победи 3:1.
Нашиот најнов Офсајд лик сезонава има три црвени картони на 9 натпревари, а црвен во дуел со него доби Горан Пандев кој му удри лакт и доби суспензија од три меча.