Ајде тогаш со ред, бидејќи и ние се збунивме кога разбравме, а уште повеќе што тука ниту некој чул, ни видел, ниту известил.
Од 25-ти до 31-ви август во градот Патрас во Грција, сместен на северниот дел од Пелопонез се одржаа вторите Медитерански игри на кои публиката уживаше во 13 спортови на плажа.
Големо спортско натпреварување и доживување кое се смета за мини олимпијада и на кое се претставија 26 земји од Медитеранот. Ако не сте знаеле, а сигурно не знаете, бидејќи никаде не се спомена кај нас, Македонија имаше свој претставник во одбојка.
Поддржани од Македонскиот Олимписки комитет и Одбојкарската федерација на Македонија, во Патрас отпатуваа репрезентативците Јован Шапе и Кристијан Ристески заедно со селекторот Горан Јањевиќ и претставникот на МОК, Сашо Поповски.
Момците не заминаа тивко, туку нечујно, бидејќи ниту некој најави, ниту некој се пофали, ниту па напиша за овие момци. Се подготвувале сами одржувајќи кондиција на кејот на Вардар и со само еден турнир во Косово.
Двајцата искусни одбојкари со долг прволигашки стаж, не заминуваа во Грција како туристи, туку со скромни подготовки остварија одличен успех, завршувајќи во топ 12 од вкупно 26 земји учеснички.
Загубија од Србија, но ја совладаа Албанија и во топ 12 фазата загубија од Португалија.
И не амо тоа, туку со ова претставување тие ги освоија првите 120 бодови кои ги пренесоа на Светската ранг листа.
Дуото Шапе – Ристески сега котира на 471-ва позиција од вкупно 1.338 места. Браво момци.
Ај што тука имаме хронолошки проблеми во спортот со инвестирање, инфраструктура, развој на школи и ред други проблеми од типот на тоа што репрезентации патуваат со стари автобуси кои по пат им се расипуваат, туку за некои не ни знаеме кај одат и какви успеси ни носат, а со тоа и достојно ја претставуваат Македонија, препуштени сами на себе.