Одбојкарскиот феномен Иран

Репрезентацијата на азиската земја вечерва против Франција има прилика за првпат да влезе меѓу четирите најдобри одбојкарски селекции на светот.

Одбојката е национален спорт број еден во Иран, а за тоа говори и изјавата на актуелниот селектор на оваа земја, Боба Ковач.

„Веднаш откако завршив во Перуџа, тргнав за Иран да потпишам договор со федерацијата. Во Техеран стигнав во 05:00 часот сабајле а на аеродромот ме чекаа 15 новинари. Откако потпишав договор, одржав прес-конференција која траеше цели 2 часа", се чудел Ковач колку се сака одбојката во Иран.

За разлика од високите премии на другите селекции, Иранците доколку влезат меѓу најдобрите 4 во светот ќе поделат 500 илјади долари, а нивниот досегашен успех е уште поголем ако се знае дека припремите за Мундијалот им траеле 2 месеци, период во кој воопшто не ги виделе најблиските. Сите репрезентативци на Иран играат во домашното првенство.

„Другите репрезентации добија дозвола да си ги поведат и семејствата, а ние немавме прилика во Полска да ги носиме сопругите, девојките и децата. Се фокусиравме само на играта и заслужено стигнавме до оваа фаза", вели селекторот на Иран, Боба Ковач.

Избраниците на Ковач се едни од ретките кои успешно се снајдоа во спартанскиот систем на натпреварување на Светското првенство во Полска, каде по првпат на еден Мундијал се играат повеќе од 15 натпревари.

По првата групна фаза, следуваше втора исто така составена од 6 репрезентации, а во моментов се игра третата со три селекции. Одбојкарите признаваат дека веќе се исцрпени.

Иран е во група со Франција и Германија и за пласман во 1/2 финалето вечерва им е неопходна максимална победа а притоа да не им препуштат на Французите повеќе од 57 поени, за да во тој случај им се приклучат на Германците во борбата за финале. Од друга страна на Франција ѝ е доволен и еден сет за да се најде во 1/2 финалето.

Иранците добиле гарант од нивната влада дека ќе имаат прилика да учествуваат и на Азиските Игри во Кореа кои почнуваат од 25. септември, а доколку се пласираат во 1/2 финалето од СП, во Сеул ќе можат да ги носат и најблиските. Властите во Техеран веќе подготвуваат дочек за националните херои.

Сепак, дека не е сè така розево, покажа и случајот на Гонџа Гавами, Иранката која лежи во затвор затоа што не го почитувала законот според кој жените не смеат да присуствуваат на спортски манифестации и во живо го следела дуелот Иран-Италија во Техеран.

18 септември 2014 - 11:41