Од кај им тоа на пилотите во Формула 1 да се прскаат со шампанско?

Традицијата е стара речиси 50-ина години а првпат полевање со шампањ се случило сосема спонтано поради тоа што шишињата ги оставиле на силно сонце.

Првото шампањско се појавило на подиумот во Формула 1 во 1950 година, но никој тогаш не се прскал. Се случило тоа на Гран-прито во Франција. Трката се возела на трасата Реим-Гу која што се наоѓа во областа Шампањ. Најпознатиот производ на овој регион е истоимениот пијалак шампањ.

Организаторите тогаш решиле на победникот да му доделат Moёt et Chandon кој му следувал на Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо кој прв ја минал целта.

После оваа епизода, шампањското периодично почнало да се појавува на подиумите на трки во разни категории. Пилотите тогаш без некоја голема еуфорија, како најстар брат во новогодишната ноќ ја отворале флашата и пиеле неколку славенички голтки.

***

Сè се сменило во 1966 година. Пред церемонијата за доделување на наградите за победниците на трката 24 часа Ле Ман, организаторите ги оставиле шампањите да стојат на сонце.

Како резултат на тоа кога му ја врачувале наградата на Швајцарецот Јо Зиферт, шишето шампањско „детонирало“ и се ги испрскало присутните гледачи и новинари во првите редови.

Инцидентот ги развеселил и освежил инволвираните, но по извесно време заборавиле на него.

После една година, на истиот подиум на трката 24 часа Ле Ман, Американецот Ден Герни решил да го повтори она што го направил Зиферт, го протресол шампањското, го отворил и ги поливал сите околу него.

Токму затоа, Американецот Герни се смета за родоначелник на подиумската традиција, особено што за разлика од Зиферт кој ненамерно ги испрскал присутните, овој свесно решил да ги освежи.

Швајцарецот Зиферт, пак, на трката во Ле Ман во 1967 година станал првиот кој со шампањско не прскал во толпата, туку кон другите пилоти кои стоеле до него. Најдебелиот крај го извлекол неговиот шеф на тимот Ханс Херман.

Герни починал во јануари годинава на 86-годишна возраст, а Зиферт загинал во 1971 година во хаваријата на трката во Формула 1 за Големата награда на Брендс Хече.

КАКВО ШАМПАНСКО СЕ ДАРУВА ВО ФОРМУЛА 1?

Од самиот почеток на оваа традиција во ’60-те години, па до 1999 година официјален шампањ во Формула 1 бил Moёt et Chandon. Компанијата специјално произведуала трилитарски шишиња од брендот Brut Imperial.

Најчесто од сите шампањот го отворале Ален Прост и Ајртон Сена.

Во 2014 година во чест на Сена, Moёt et Chandon пуштила во продажба ограничени шампањски а цената за едно трилитарско шише изнесувала 4.390 долари. Пуштени во промет биле 41 шише - во чест на 41 победа на легендарниот Бразилец во Формула 1.

Во 2000-та на подиумите во Формула 1 се појавил нов шампањ - Mumm, којшто се произведува во францускиот град Реим. На подиумите се појавил и брендот Cordon Rouge.

Победниците обично добивале шампањ стар пар години, па така на пример за сезоната 2010 на подиумот се отворале шампањи од 2007-2008 година.

За компанијата спонзор било важно името на брендот да биде видно за глдачите и навивачите. Затоа на шишињата работниците обично им ставале натпис Mumm на две места - над и под етикетата па така од која страна пилотот да го свртел шишето, името на брендот можело да се види.

Во 2016-та, 15-годишниот договор меѓу Mumm и Формула 1 завршил па „кралските трки“ останале без шампањ. Пилотите тогаш се поливале еден со друг од шишиња шампањско Chandon којшто е спонзор на тимот Мекларен.

Ова шампањско се произведува во Аргентина, Австралија, Бразил, САД и Кина, но не во областа Шампањ. Тоа значи дека шампањското Chandon може да се нарече лесно вино, но не и шампањ, сметаат вљубениците во Формула 1 и во овој признаен пијалак.

Во 2017 година легендарното шампањско се вратило во Формула 1 чијшто сопственици се договориле со компанијата Carbon. Во договорот стоела и ставка според која натписот на брендот ќе биде дизајниран со големи букви за да биде виден од камерите.

Оваа компанија е основана во XIX век но најголем дел од својата историја произведувала вино. Шампањ почнале да произведуваат пред пет години, а раководителите на Формула 1 го објасниле својот избор на тој бренд затоа што нивното шампањско било оригинално а шишето било уникатно и направено од јаглеродни влакна.

Дизајнот на етикетите е различен: златна боја е за победникот, сребрена за второ место а бронзена боја за пилотот кој трката ја завршил трет.

Цената на едно вакво шампањско е 3.000 долари!

КОЈА МУЗИКА СЕ ПУШТА ВО ВРЕМЕ НА ПРСКАЊЕ СО ПОБЕДНИЧКИОТ ШАМПАЊ?

По традиција за време на традиционалниот настан со шампањ во позадина игра темата „Тореро“ од Кармен на Жорж Бизе. Таа звучи победнички и иделно одговара со церемонијата.

Навивачите на Формула 1 во овој избор на музика нашле уште една смисла. Кармен на англиски се пишува Carmen па оттука Car како возило а men како луѓе, мажи.

КАДЕ ПОБЕДИТЕ НЕ СЕ ПРАЗНУВААТ СО ШАМПАЊ?

Во Бахреин се прскаат на подиум со безалкохолен пијалак

Шампањско не се пие во земјите каде алкохолот е забранет. На етапата во Абу Даби во Бахреин нема ваква прослава поради строга забрана за употреба на алкохол во исламската култура.

Пилотите во Формула 1 во овие земји се полеваат но внатре во шишињата нема шампањ туку безалкохолен пенлив напиток. Во арапските земји е забрането и рекламирање алкохол па затоа никогаш на овие патеки нема да видите етикети „Mumm“, „Chandon“ или „Carbon“.

НЕ СЕ ПРСКААТ СО ШАМПАЊ ВО НЕПРИКЛАДЕН МОМЕНТ

Ако на патеката се случила сериозна хаварија или трката завршила со несреќен случај, тогаш по крајот на Гран-прито шампањ не се отвора.

На пример на трката за големата награда на САД во 2005 година кога се започна со сериозна хаварија на Ралф Шумахер. Таа трка ќе остане запаметена и по тоа што тимовите кои возеа со гуми Bridgestone одбиле да ги прифатат изменетите правила кои повеќе во прилог им оделе на тимовите кои користат пнеувматици Michelin.

Како резултат на тоа, на стартот не се појавиле дурии 14 пилоти (го извозеле пробниот круг и влегле во бокс). Победникот го оспорувале шест пилоти. Гледачите биле незадоволни, а неколку пилоти не го дочекале финишот.

На подиумот се нашле Михаел Шумахер и Рубенс Барикело и третиот Тиаго Монтеиро за кого ова бил прв подиум во кариерата и прв Португалец кој некогаш бил меѓу првите три пилоти на една трка во Формула 1.

Барикело и Шумахер ја бојкотирале церемонијата а Тиаго не можел да ги задржи емоциите и покрај протестот ја прскал толпата со шампањско.

НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПОЛЕВА СО ШАМПАЊ ОНОЈ КОЈ НЕ САКА

Луис Хамилтон е еден од оние кои најмногу и се радуваат на оваа традиција. Тој обожава со шампањско да ги полева сите околу подиумот. Но една таква епизода наиде на жестоки осуди од јавноста.

Во 2015 година на Гран-прито во Кина, Британецот реши својата радост да ја сподели со една од грид-девојките кои стојат на подиумот крај победниците. На девојката очигледно не и се допадна агресивниот Хамилтон кој со шампањот се однесуваше како до него да се колеги од трката а не девојка.

24 август 2018 - 11:34