Новак Ѓоковиќ во Женева до јубилејна 100-та титула во кариерата!

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со триумф на реномираниот турнир во Женева стигна до златната 100-ка на АТП турнирите и дополнително му се приближи на Роџер Федерер на вечната листа.

Новак Ѓоковиќ во големото финале во Женева го совлада Унгарецот Хуберт Хуркач после повеќе од три часа тенис, со 2-1 во сетови: 5:7, 7:6, 7:6 и стигна до својот прв трофеј сезонава. Турнирот во Женева е како генерална проба пред големиот Ролан Гарос кој почнува денес а Ноле отвора против Американецот Мекдоналд во понеделник.

Новак Ѓоковиќ сега има 100 титули во кариерата и се приближи на вечната листа до Роџер Федерер кој има 103 титули и Џими Конорс кој има 109. Зад Новак се Иван Лендл со 94 пехари во кариерата, Рафаел Надал со 92, Џон Мекинро со 77 и Род Лејвер со 72 итн.

Интересно, Србинот најголем дел, дури 72 од 100-те пехари ги освои на големите турнири, а 28 трофеи освои на турнирите 250 и 500.

Ноле има 24 Гренд Слема, 40 Мастерси, 7 други турнири, 1 злато на Олимписки игри, 15 пехари на АТП 500 и 13 пехари на АТП 250.

Првата титула во кариерата Белграѓанецот ја освои во холандскиот град Амерсфорт кога за награда доби ајпод. Интересно тогаш ривал му беше Николас Маса кој сега му е тренер на Хуберт Хуркач со кого Ѓоковиќ играше во финалето во Женева каде ја освои 100. титула.

25 мај 2025 - 09:46