Македонија во Лигата на нации се наоѓа во лига Д каде се сместени најлошите 16 селекции, а по ремито со Италија и победата против Лихтенштајн успеа да се најде во друштво на четирите носители заедно со Азербејџан, Белорусија и Грузија кои не можат да им бидат противници во групната фаза.
На ждрепката која ќе се одржи на 24 јануари идната година во Лозана, Македонија од вториот шешир ќе добие една од селекциите на Ерменија, Летонија, Фарски Острови и Луксембург, од третиот шешир ќе чека една од Казахстан, Молдавија, Лихтенштајн и Малта, а од четвртиот можни противници им се Андора, Косово, Сан Марино и Гибралтар.
Новоформираното натпреварување кое се воведува како замена за пријателските и можност за помалите фудбалски земји да почувствуваат Европско првенство, ќе се игра од септември до ноември 2018-та, а победниците од четирите групи ќе играат во плејоф.
Прво треба да се одигра редовниот квалификациски циклус за ЕП кој е закажан за 2019-та година (од март до ноември), па дури потоа во март 2020-та година ќе се одиграат плејоф мечевите од сите четири лиги од Лигата на нации со полуфинални и финални дуели.
Покрај земјите кои ќе обезбедат пласман на ЕП 2020 преку квалификациите, Лигата на нации ќе промовира уште 4 директни учесници на револуционерниот Еврошампионат кој ќе се одржи во 13 земји. Тоа се победниците на четири лиги.
Со оглед на последните игри и победничкиот дух во репрезентација, како и освежувањето со најдобрите млади поединци кои летово ја однесоа У-21 на Европско, македонската спортска јавност ќе има големи очекувања од Македонија во лигата Д.
Факт е дека задачата нема да биде лесна, бидејќи денеска сите веќе играат фудбал. Пример Луксембург и скина бод на Франција, Фарски Острови ја шокираше Грција дома и на гости, Исланд со 300 и нешто илјади жители ќе оди на Светско, а Холандија не знае кај тера и остана без ЕП 2016 и СП 2018.
Но, мораме да признаеме дека за Македонија ова е многу полесен пат за да си го исполни сонот, отколку да се мачи со велесили кои секогаш се фаворити за првите две места во квалификациите.
Во друштво на овие земји, мора да се размислува оптимистички на освојувањето на лигата Д. Тоа ќе значи историски пласман на ЕП 2020 и учество во Лигата Ц на следното издание 2020/2021. Па редно време е по скоро три децении чекање.