Манчестер Сити е тимот со најголем буџет во светот

Според истражувањето објавено во магазинот „Money Issue" на ESPN, газдите на Сити издвојуваат просечна плата од 5,2 милиони фунти годишно или 100.764 неделно и со тоа тие се најплатен спортски клуб на планетата во конкуренција на 278 екипи од 14 лиги.

Со доаѓањето на Шеикот Мансур Бин Зајед Ал Нахјан во 2008 година, во Манчестер Сити започна нова ера, титулата во Премиер лигата им се врати по дури 44 години, а сега станаа и водечка моќна сила на глобално ниво, благодарение на новите газди кои не знаат што е тоа штедење пари.

Најдобро платени играчи во тимот на Сити се Јаја Туре, Серџо Агуеро и Карлос Тевез и со тоа „Граѓаните" го креваат просекот и се најплатен состав во светот во конкуренција на најбогатите 278 клубови од 14 лиги во 7 различни спортови од 10 земји. Просечната годишна плата на ѕвездите од Манчестер изнесува точно 5,239,750 фунти или 8,059,477 долари.

Минатата година на оваа листа прва беше Барселона, а веднаш потоа Реал Мадрид, но сега гигантите од Шпанија паднаа на третата и четвртата позиција веднаш по бејзбол тимот Лос Анџелес Доджерс кој своите играчи годишно во просек ги плаќа по 4,86 милиони фунти.

Во топ 5 најбогатите спортски клубови на планетата се наоѓа уште еден бејзбол тим од САД, а тоа е Њујорк Јанкес, а единствената екипа од НБА лигата во ова елитно друштво е Лос Анџелес Лејкерс кој се наоѓа на седмата позција.

На табелата составена од најбогати 12 клубови во светот, со исклучок на Манчестер Сити, останатите 7 фудбалски екипи се освојувачи на Лигата на шампионите во новиот милениум.

12 јуни 2013 - 12:55