Денес започнува 34. издание на Европското првенство во одбојка за мажи кое годинава ќе се одржи за првпат во дури четири различни земји: Бугарија, Финска, Италија и Романија. Вкупно 7 града ќе бидат домаќини на претстојните натпревари. Во Софија ќе се играат и 4 средби од осминафинале и 2 во четвртфинале. Полуфиналните дуели, финалето и натпреварот за бронза се играат во Милано. Првите четири од секоја група продолжуваат во елиминациска фаза.
Селекторот Јошко Миленковски и неговите избраници ќе имаат пет натпревари во осум дена а Европското ќе го отворат против еден од фаворитите за завршницата, домаќинот Бугарија која во последниве години е во самиот европски одбојкарски крем.
Соседите ќе играат пред повеќе од 13.000 свои навивачи.
„Европското првенство го отвораме против домаќинот Бугарија. Со оглед на тоа што шест или седум години играм тука и добро ги познавам, можам да кажам дека, иако е подмладена, ова е најдобрата генерација на Бугарија досега. Потврда за тоа е и второто место на минатото Европско првенство“, изјави Ѓоргиев.
По Бугарија (9. септември, 18 часот), Македонија ќе игра со Украина (11. септември, 15 часот), со Португалија (13. септември, 15 часот), Израел (16. септември, 15 часот).
Сите натпревари ќе бидат одиграни во модерната „Арена 8888“ во Софија. За Македонија ова ќе биде четврто Европско првенство по ред.
Актуелен европски шампион е Полска која со селекторот Никола Грбиќ доминира на големите турнири во последните години. Во 2023-та Полска ја совлада Италија во финалето а Италија е актуелен светски шампион.
Македонија не е меѓу фаворитите на турнирот но располага со добар состав. Тука се лидерите, браќата Ѓорѓи и Никола Ѓорѓиев, Александар Љафтов и Лука Костиќ.
На Златната Европска лига Македонија летово заврши на 16-то место од 27 репрезентации. Од друга страна најдобар пласман на Бугарија досега на Европските првенства е второ место од Еуро 1951-ва година. Бугарите имаат и четири бронзи: 1955, 1981, 1983 и 2009.

Црвено-жолтите одиграа три контролни средби како подготовка за Европското првенство, против бугарската екипа Берое 2016 (Стара Загора). На првата Македонија во салата „Јане Сандански“ во Скопје го победи бугарскиот тим Берое 2016 со 3:1 (25:19, 25:16, 22:25, 31:29). Втората средба пак и припадна на Македонија со 3-1 во гемови, а на последниот двобој Стара Загора славеше со 3-1.
Репрезентацијата на Македонија веќе неколку дена е во Софија каде синоќа го одработи и првиот тренинг во помошната сала на „АРЕНА Софија“.