Како чичко Тони Надал направи шампион од Рафа

Кога го видел 3-годишниот внук Рафа дека од сите играчки најмногу го сака рекетот, братот на татко му на Надал, Тони одлучил целосно да се посвети на воспитувањето и тениските тренинзи на малиот кој стана непобедлив светски шампион и освои сè.

Почетоците

Тони Надал се родил на 27 февруари 1961 година на Мајорка во традиционално шпанско семејство. Неговиот постар брат Себастијан е татко на Рафаел, а имаат уште двајца помлади браќа (еден од нив е поранешниот фудбалер Мигел Анхел Надал) и една помлада сестра.

Семејството Надал отсекогаш било спортско, така што Тони се занимавал со фудбал, пливање и тенис (бил јуниорски шампион на Балеарски острови).

Тенисот го засакал во 1972 година кога на еден турнир во Барселона го гледал тогаш најдобриот играч на светот Илија Настасе којшто му бил идол. Веќе во 1974-та Тони Надал започнал да игра тенис во локалниот клуб во Манакор. И покрај доцниот почеток, во своето време Тони влегол во Топ 30 најдобри тенисери на Шпанија.

Не станал професионален тенисер затоа што паралелно студирал во Барселона - учел право (на барање на татко му) и историја (од личен интерес). Но не станал адвокат, сметал дека не бил доволно ревносен за таа професија.

Како резултат на тоа држел тениски часови и се вратил во родниот тениски клуб како тренер. Таму водел детски групи. Во една од нив дошол и неговиот внук, малиот Рафаел.

Воспитување на малиот Надал

Рафаел (чичко Тони не го викал Рафа, туку исклучиво Рафаел) првпат фатил рекет на три години, а сериозно се заинтересирал подоцна затоа што повеќе го засакал фудбалот. До 13 години работел само со чичко му и самиот признавал дека почетокот и индивидуалната работа со чичко Тони му била страшна и тешка.

Во пристапот кон воспитување на играчите Тони Надал се однесувал како Ричард Вилијамс кој во својата работа ги мешал часовите по тенис и животните лекции. Но ако татко Вилијамс од самиот почеток ги инспирирал своите ќерки да бидат најдобри, Тони бил пожесток и учел тенисерот да биде гневен во дуелите.

На внукот му давал лоши рекети и го носел на лоши терени, му носел избледени топчиња и сакал да му докаже дека квалитетот на играта е независна од опремата и надворешниот изглед. Го учел дека одговорноста лежи само во него, а не на мрежата, на судиите или на противникот.

Односот на Тони со внукот најдобро е опишан во автобиографијата на Рафаел објавена во 2012. година. Како што напишал еден од тениските новинари на книгата добро би и легнал наслов: “Авантурата со мојот луд чичко“.

„Тони од самиот почеток се однесуваше построго со мене отколку со другите деца. Бараше многу од мене, стално ме притискаше. Пцуеше, викаше, урлаше и се плашев - особено кога другите деца не беа тука и останувавме сами. Кога доаѓав на тренинг и сфаќав дека ќе бидеме само ние двајца многу се плашев“, пишува Надал во својата автобиографија.

„Другари ми Мигел Анхел Мунар се сеќаваше како Тони еднаш со сета сила го удри топчето накај мене со цел да ме исплаши и да го привлече моето внимание. После тренинзите собиравме топчиња а тој викаше по нас“, вели големиот шампион.

Мајката на Рафа му раскажувала како во детството понекогаш се враќал со солзи од тренинзите. Таа се обидувала да дознае што се случува, но Рафа претпочитал да молчи.

„Кога и кажав дека Тони постојано ме вика мамино галениче беше многу вознемирена а јас ја молев да не му кажува ништо на Тони затоа што ќе биде полошо“, раскажува Надал во книгата.

Ваквиот вовед во кариерата на Надал звучи како почеток на приказна за тешкото детство. А ваквиот тежок пристап често не создавал шампиони туку скршен човек (во тенисот има мал милион примери на татко тренер кој бара многу и на крајот уништува кариера).

Но во случајот на чичко Тони и Рафаел таквиот пристап се испоставил како совршен. Тони успеал да му развие шампионски дух на внукот. И самиот Рафа денес признава дека без Тони не би станал тоа што стана.

Контрола

Тренинзите на Тони, Надал ги опишува вака: „Бев одлично физички подготвен, но немав силен удар. Ми недостасуваше агресија. Имав правилен бекхенд, но не така добар форхенд“.

Според самиот Тони, тој не барал од Рафа да форсира форхенд со левата рака затоа што противниците тоа го користеле. Според него до 10 години Надал еднакво добро играл со двете раца и тој не верувал дека неговиот внук ќе стане топ играч со дворачен форхенд.

Затоа решил да ја тргне едната рака од играта и Рафа удирал само со левата, посилна рака. На долгорочни патеки Тони знаел што сака од внукот и станал диктатор. Имал целосна контрола врз Рафа. На пример кога имал 9 години, Тони му зборувал дека бил фудбалска ѕвезда во Милан и дека пет пати го освоил Тур де Франс. На тој начин сакал да изгради авторитет и да има контрола над него.

Покрај тоа кога тенисот почнал на Рафа да му носи убави пари, чичко му одбил да прима хонорар од него затоа што тоа би ја сменило динамиката на нивните односи. На Тони поголема му била емотивната отколку финансиската мотивација да работи со внукот. Но на крајот потчинет бил тој, а не Рафа.

Неодамна Тони Надал ги коментирал гласините дека следната година ќе оди во пензија затоа што, дали во шега дали сериозно, секоја година имал помала контрола над судбината на внукот. Дури и да го кажа тоа на шега, сите знаеме за клишето дека во секоја шега има пола вистина.

Единство и многу заеднички емоции и трофеи

Тони и Рафа работат заедно повеќе од 25 години а во тој период толку многу се врзале што тешко е да се замислат еден без друг. На секој коментар за играта на Рафа, Тони секогаш употребува ’ние’ а не вели ’тој’. Сосема е извесно дека по завршувањето на оваа сезона, ако Тони Надал престане да му биде главен тренер на Рафаел тоа ќе биде крај на една успешна епоха.