„Ме боли тоа што сме 138-ма фудбалска земја во светот бидејќи сум играл за таа репрезентација и знам дека квалитетот не ни е на толку ниско ниво “, смета поранешниот дефанзивец Панче Ќумбев со кој седнавме на интервју пред да се појави најновата ранг листа на ФИФА.
Разговаравме на многу теми како седум годишниот престој во Полска каде кога ќе седнел во некој ресторан во Варшава и газдата видел дека е играч на Легија не плаќал сметка. Дружбата со другите македонски фудбалери, како и неговата помош во родниот град.
Отворено и искрено Панче зборуваше за аматерските случувања во македонскиот фудбал каде беше дел од Борец и Победа, а откако градеше меѓународна кариера се врати во Работнички каде ја заврши кариерата во 2012-та.
Се случувало како прволигаш да тренира по села, а сега се обидува да ги заштити тие што градат кариера во земјата каде тој ја почнал кариерата и каде вели дека не е безбедно да пуштиш дете да игра бидејќи може да добие ќотек на терен. Според него 25 годишното стагнирање во нашиот репрезентативен фудбал се должи на тоа што работите се ставаат по тепих и само кај еден селектор не поминува тоа „овој мора да игра“.
Кога објавивме статија за Матиќ од Челси кој им ги плаќал долговите на луѓето од селото каде што потекнува ни стигна коментар дека слично нешто правел и Панче Ќумбев во Велес. За што точно се работи?
Јас потекнувам од скромно сиромашно семејство, моите родители работеа во поранешна Порцеланка и преку ноќ останаа без работа, така што многу добро знам како е да се нема и да се има. Кога потпишав во Полска во меѓувреме се отвори народна кујна во Велес под покровение на МПЦ и со мојата сопруга секој месец дониравме парични средства. Прво се понудив да купам нешто за кујната, но од МПЦ ми посочија подобро секој месец да праќам по некој денар за да се купуваат намирници за луѓето кои што немаат леб да јадат и да земаат оброк од таму. Инаку искрено не знам од каде излегла оваа информација бидејќи само јас и моето семејство тоа го знаевме, но Велес е мал град па ете мило ми е што се спомнало. Мислам дека секој кој може треба да помага за такви работи.
Знаеш ли за други вакви случаи меѓу македонските фудбалери?
Сигурен сум дека има бидејќи повеќето од фудбалерите кои биле репрезентативци потекнуваат од сиромашни семејства и не верувам дека го заборавиле тоа што го поминале. Само ќе напоменам една наша ѕвезда која не е од фудбалот и која за жал повеќе не е меѓу нас, Тоше Проески за кој откако почина дознавме дека помагал на многу луѓе и тоа е потег за поздрав. Знам и за нашата најголема фудбалска ѕвезда Горан Пандев дека е голем хуманитарец и дека многу помага. Многу луѓе кои се обратиле за помош ги нема одбиено, луѓе со големи маки на кои им требало пари за операција.
Гроцлин Дискоболија и Легија Варшава беа дел од твојата меѓународна кариера. Колкава е разликата во заработка меѓу Полска и Македонија, 10 спрема 1 или повеќе?
Нема споредба верувајте, голема е разликата. Иако Полска не е во самиот врв на европскиот фудбал, но еве на пример во Полска имав 5 пати поголема плата отколку во Работнички, а да не зборувам кога играв во Борец и Победа кога бев уште неафирмиран.
Во Гроцлин играше заедно со Филип Ивановски и Владе Лазаревски, во Лех беше Златко Таневски, а во Горник Борче Маневски. Имавте ли заеднички дружби?
Во тоа време во Полска бев единствен Македонец, а пред тоа имаше играно Марјан Герасимовски исто во Легија. После мене дојде Владе, па Филип, во Лех дојде Златко и после година дена Борче во Горник, а едно време и Баевски играше. Интересно е Гродизиск, градот каде што играв со Лех е блиску околу 50 км, исто како Велес – Скопје и јас Владе, Филип и Златко се дружевме секој слободен момент. Таму живее еден Македонец со познато презиме, професор Здравко Стаматовски, татко му на времето беше еден од директорите на ФК Вардар, а мислам дека и претседател на сојуз на борци на град Скопје. Таму предава историја на источна црква и живее околу 25 години. Тој ни беше како матица и кога имавме слободен ден се собиравме кај него, а исто така и за празниците. Со Владе, Филип и Златко и ден денес се дружиме и се посетуваме, тоа се пријателства кои ќе останат и морам да кажам дека се супер момци.
Легија е клуб со реноме и еден од најтрофејните во Полска кој има настапувано и во ЛШ. Што научи таму во однос на професионалноста?
Легија можеби е еден и од најголеми клубови во Источна Европа и е во рангот како што во Југославија порано беа Ѕвезда, Партизан, Хајдук, Динамо. Не можам да опишам за каков клуб се работи. Јас кога потпишав за Гроцлин и кога игравме со Легија го чувствував тоа дека се работи за посебен тим со историја, но тогаш нас како тим ни лежеше и секогаш ги добивавме. Ја имав таа среќа или да им дадам гол или да бидам најдобар и потоа ми стигна од нив покана. Се работи за услови кои не може да ги споредиме со нашите, можеби Вардар и Шкендија одат натаму и газат со добри чекори и се надевам дека еден ден ќе го стигнат тоа ниво. Тоа е крајно респектабилен и организиран клуб кој пред 3-4 години го реновираше стадионот. Имаат најдобри навивачи во Полска, познатата Жилета. Кога седнував во Варшава на кафе доаѓаа по 10-15 деца да бараат автограм, многу подруго ги гледаат фудбалерите таму отколку кај нас. Сега тука ако седне Пандев може да го изгледаат и да му префрлат и нема да го чувствуваат како наша најголема ѕвезда. Полската лига не е многу поквалитетна во однос на македонската, но е поквалитетна во однос на работа и услови. Самата лига е одраз на репрезентацијата и затоа се и тие разлики меѓу нашата и нивната репрезентација.
Навивачите на Легија важат за големи “фанатици“ во однос на поддршка и верност, како и по одличните кореографии, каков е односот навивачи - клуб?
Жилета е една од најорганизираните навивачки групи во југоисточна Европа кои 90 минути на стадион не запираат да бодрат и кога немавме добри резултати не ни беше сеедно. Но јас никогаш не сум бил загрозен бидејќи таму играчите ги ценат посебно. Во еден период кога имавме слаби резултати и го загубивме градското дерби со Полонија, а тоа дерби е како Ѕвезда- Партизан или Селтик-Ренџерс дојдоа на стадион и протестираа, но немаше инциденти, туку ни беше кажано дека мораме повеќе да се залагаме и тоа беше во рамките на дозволеното. Да си играч во Легија е привилегија, верувајте дека ми се случило да седнам во кафиќ или ресторан и да не платам ни ручек ни кафе бидејќи газдата рекол тука играчите на Легија не плаќаат. Така се чувствува човек горд дека нешто вреди таму и луѓето тоа знаат да го ценат.
Какви казни се предвидени во Полска ако се случи напад врз фудбалери како што беше на Чаир изминатиот викенд?
Навивачите од Полска ги бие лош глас во Европа бидејќи има едно дерби меѓу Краковија и Висла Краков, а тоа е можеби најкрваво од сите дербија затоа што се работи за двата најстари клубови во Полска и навивачите меѓу себе не се поднесуваат. Краков е поделен на Висла и Краковија, а пред еден нивни меч пред 7 - 8 години во судирот на навивачите имаше и едно убиство и од тогаш полската влада и федерацијата преземаа ригорозни мерки. Сите навивачи кои влегуваат на стадион мора да носат лична карта и за сите имаат евиденција каде седат и доколку направи инцидент некој од тоа седиште, навивачот нема да стапне на стадион и може да лежи во затвор. Верувајте дека такво нешто што се случи во Чаир, во Полска нема шанси да се случи. Јас скоро 7 години играв таму и ниту еднаш не сум се осетил загрозен како играч и на домашен и на гостински терен. Имало свирежи и тоа е нормално, ама никогаш не удриле со нешто. Во тој поглед се работи за културна земја, а инаку навивачите меѓу себе имаат пресметки и тоа е факт, но тие си закажуваат пред и после натпревар.
Кога во 2012-та Македонија загуби од Луксембург на Фејсбук напиша дека сме аматери од највисок ранг. Потоа следуваше дебакл на ранг листата на ФИФА на кој му претходеа два срамни квалификациски циклуса. Сега на кој ранг на аматери сме?
Имам една маана можеби, тоа што ќе го речам се исполнува за жал и кога е негативно. Јас сум активен на социјалните мрежи бидејќи таква ми е комуникацијата поради синдикатот и поради пријателите кои ги имам низ цел свет. После поразот од Луксембург прочитав некои неубави коментари на самите репрезентативци и потоа напишав една мини колумна и кога пред некој ден ми излезе како потсетување што сум објавил тој ден, уствари излегува дека ништо не е сменето, а дури малку е и полошо за жал. Можеби е неблагодарно да се зборува од позиција на ајде да кажеме навивач, бидејќи јас сега не сум играч, ниту тренер, ниту некаде во управа на клуб, но како поранешен репрезентативец имам право да кажам свое мислење без разлика дали дали тоа му се допаѓа или не. Некои ми замеруваат, но јас сум по природа бунтовник, таков бев и во Победа, Работнички и во Полска. Не можам да преќутам некои работи што ме болат, а ме боли тоа што Македонија е на 138-мо место. Сум играл за таа репрезентација и знам дека квалитетот не ни е на толку ниско ниво. Но рибата смрди од главата. Ние очекуваме да победиме со Луксембург, Сан Марино и Андора, но јас сум бил таму и сум видел какви услови имаат за тренинзи. Освен Вардар, Работнички и Шкендија кои имаат помошни терени, за другите да не зборам. Јас во Победа 3-4 години тренирав во Коњари, Лажани и така ги научив сите села, Географија сум сега подобар. Можеби е смешно, но тоа е за жал реалната состојба. Ние немаме основни услови за фудбал и имаме лига со 10 професионални екипи од кои само три играат на домашен терен: Шкупи, Турново и Силекс. Вардар игра во Ѓорче, Работнички во Маџари, Ренова во Кичево, Шкендија игра во Велес, никој нема домашен терен, ние зборуваме за професионализам, а во некои клубови играчите немаат земено по 3-4 месеци плата, а доколку си ги бараат парите ги суспендираат. Можеби имаме најлоши услови и најлош фудбал во Европа. Тоа е факт и не треба да преќутиме. Некои ми се лутат дека сум против некој. Јас не сум ниту за, ниту против, туку сакам да имаме фудбал во Македонија бидејќи имам син кој утре сакам да тренира во нормални услови, а не го да го пратам во Чаир и да го истепаат како што ги нападнаа играчите на Вардар. Таков фудбал не сакам. Имаше еден коментар кој вели најубаво 5 години да се укине фудбалот во Македонија и потоа одново да почнеме. Можеби тоа не е решение, но во овој момент како изгледаат работите за жал не сум оптимист.
Се сменија и странски и домашни селектори, ама никако да се искорени она „овој мора да игра“. Ако си на функција како би го променил тоа?
Се додека не ставиме селектор на кој нема да му се мешаат од друга страна и кој ќе има свое јас ние ќе немаме репрезентација. Единствен таков според мене беше Чеде Јаневски и затоа Чеде си замина. Ова е мое мислење. Со него мислам дека ја направивме најголемата грешка во историјата на македонскиот фудбал, затоа што ако го задржевме уште 2-3 години Чеде ќе направеше репрезентација која ќе играше важна улога. Можеби не во овие, но во следните квалификации да. Зошто? Затоа што Чеде е градско дете, Чеде е дете на Вардар, кој долги години живее во Белгија и кој има европски размислувања и Чеде не дозволува да му се мешаат Јанко, Петко или Трајко и затоа мислам дека си отиде. Ние имаме многу големи фудбалски имиња кои се тренери и селектори, но поради изборот на странски селектори не добија предност. Искрено многу го ценам Друловиќ како играч и како тренер и освои со младите Европско до 19 години, но уште мислам дека не беше докажан. Не треба да правиме таков луксуз и да ставаме странец како селектор, туку треба да ставиме некој што го познава нашиот менталитет, кој што ги познава нашите играчите. Ги има околу 30, квалитетот е тој и треба плус да црпи од младите. Сега Игор Ангеловски има ѓаволски тешка работа, стана селектор во можеби најтешкиот период за Македонија и треба да вади врели костени од жарот. По имиња ние немаме лоши репрезентативци кои во своите клубови играат важни улоги, но тоа треба некој да го укомпонира, а тоа го може искусен тренер со педигре. По мене можеби требаше да добијат шанса еден Ѓоко Хаџиевски, Цапар, Ѓоре Јовановски, па зошто да не и Јонуз да се врати бидејќи додека тој беше селектор не беше толку лошо. Имаме селектори кои што значат нешто, Џиџи исто така го заборавив. Значи имаме селектори кои можат многу повеќе да придонесат отколку Сантрач или друг странец. И Бошко беше наш, но тој 30 години е излезен од Македонија и не е во самите збиднувања.
Оваа генерација што ја води Боби Милевски е генерација за респект, но многу луѓе забораваат дека таа ја створи Бобан Бабунски. Во сите извештаи што ги читам по весници никаде не прочитав да каже некој дека Боби ја води и тоа е се океј, но Бабунски ја направи основата. Тоа е вистината, инаку секоја чест за Милевски што ги презема тие деца и ги усовршува, но мене ми е многу жал за тие 2 бода што ги загубивме против Исланд. Ако јас бев некој фактор немаше да дозволам да се игра на терените на ФФМ, туку на арена Филип Втори со бесплатен влез за да се наполни. Имаме 5-6 репрезентативци кои многу добро играат фудбал: Бабунски, Аврамовски, Радевски, Ангелов и други кои можат на поширок терен да играат подобро, а ние се затворивме тука на терените на ФФМ на мал простор. Исланѓаните играа на високи топки, а ако се играше на стадион мислам дека ќе ги добиевме и можеби ќе имавме поголеми шанси за пласман, меѓутоа пак ќе кажам други луѓе одлучуваат за тоа и тоа е мое мислење. Треба да се направи еден длабок рез, сите викаат во играчите, но не знам дали треба во играчите или во самата глава, во самата управа, во самата ФФМ, затоа што ако 25 години тапкаме значи нешто навистина не чини. Кога дојде оваа гарнитура реков добро е фудбалски луѓе, но очигледно сум бил за жал во заблуда. Можеби направија терени, можеби има нешто, но ефектот е многу мал, а како за беља нон стоп се случуваат некои глупости како ова во Чаир. Кога ќе видам дека на толкава арена репрезентацијата ја гледаат 2.000 души за мене е тоа пораз.
Веруваш ли во иницијативниот одбор за спас на фудбалот предводен од Дарко Панчев. Може ли да направат промени доколку им се укаже можност?
Да бидам искрен доколку некој заслужува да добие шанса тоа е Дарко Панчев, не затоа што ми е идол од детството, не затоа што го сакам како играч, јас лично не го познавам, но како играч и бренд го имаме тука 30 години и не знаеме да го искористиме. Јас верувам во него и ако Дарко влезе во ваква приказна мислам дека сигурно има и добра позадина. До сега беше неутрален, еднаш се обиде па го извисија, загуби од анонимус во фудбалот, но јас верувам во него и јас би сакал утре ќе има конгрес на УЕФА и ФИФА да нè претставува Дарко Панчев, самото име и презиме има тежина. Со синдикатот одам по такви конгреси каде Дарио Шимиќ е на хрватскиот синдикат, Томази е на италијанскиот, Шмицер е на чешкиот, значи имиња кои тежат.
Колку успеа да влијаеш во заштита на играчите како претседател на синдикатот на фудбалерите?
Се трудам колку што можам, но верувајте дека многу тешко ми оди. Се борам сам со уште еден помошник и адвокатски тим. Можеби ќе звучи смешно, но синдикатот го финансирам сам од мој личен џеб, како патувања, авионски карти, состаноци. Се борам да направам нешто затоа што имам ветувања од ФИФпро, светското седиште на синдикати дека стојат зад мене и дека ако биде сè како што треба во ноември на светскиот конгрес во Коста Рика треба да добиеме статус на кандидати и веќе ќе бидеме многу заштитени. Се обидувам да им објаснам на играчите, но многу тешко ми оди и знам дека додека играш и додека земаш пари е сè ок, меѓутоа не ја гледаме позадината на играчите што може да им се случи како децата од Металург кои ги суспендираа кои преку ноќ останаа на мразот. Кога во ФИФпро го претставив случајот ме гледаа чудно и не им се веруваше дека такво нешто може да се случи да играч не земал 4 месеци плата. Штрајкувал, ете штрајкувал неоправдано требал да го најавил штрајкот и да се консултира, но штрајкувал бидејќи си ги барал своите права, а не затоа што не му се тренирало и не сакал да игра. Штрајкувал бидејќи немал излез, немал леб да јаде и кирија да плати. Децата ги бркале од становите бидејќи не им била платена киријата и на цела таа мака суспендирани се на 6 месеци. Значи 10 месеци играчот немал право да земе плата. Кога кажав за случајот главниот човек на ФИФпро ми рече: па зарем тоа е нормално да му се одземе на играчот правото да работи? Тоа во ниедна нормална држава го нема, за жал кај нас тоа се случи и што е најтрагично поминаа два управни одбора на ФФМ, помина годишно собрание и никој не најде за сходно како човек да подигне два прсти и да праша што е со децата на Металург. Земаа дневници, ручаа, се поздравија и си отидоа сите дома, кај нас сè е ок со фудбалот, 138 место сме, имале тепачки таму и ваму, судиите ги тепаат, финансискиот извештај исто е ок, ние одиме напред. И додека сите работи одат под тепих, ние ќе пропаѓаме цело време.
Кои се вашите ингеренции како синдикат, до каде може да делувате?
Кога го оформив синдикатот пред околу 2 години прошетав во сите клубови, а во 2-3 клуба бев одбиен, еден од тие беше Металург каде што ми беше речено дека во Металург не играат синдикати. Апелирам до сите играчи и тие што не се членови на синдикатот да се обратат до нас. На многу до сега сме им помогнале, а на други сме во процес да им помогнеме. Интересно е што имаме околу 100 членови од различни екипи и ќе ви кажам иако можеби е смешно, освен играчите на Вардар кои имаат платени една или две членарини, до сега никој друг нема уплатено членарина, а се работи за 300 денари месечно. Ние сакаме да бидеме обединети и заштитени, но мене ми е срам да ги потсетувам играчите бидејќи се работи за две кафиња. Можеби тоа е од неажурност или од неодговорност, но првиот начин на кој треба да се види колку сме сплотени можеби е тој. Во Полска на пример тоа одеше на годишно ниво, ни одземаа од платите и тоа беше океј. Не се работи за парите, туку за самиот гест, не сакаме да бидеме сложни и организирани. Инаку морам да ги поздравам капитените на сите екипи и екипите кои застанаа зад случајот со Металург. Сите дадоа поддршка, освен Металург каде не се ни јавив и не сакав да им правам проблеми на играчите, на писмено ги имав со потписи сите играчи од цела лига кои дадоа поддршка. Но тоа не беше покажано во сите медиуми бидејќи некои медиуми се нели сè е добро кај нас во фудбалот па тоа го оправдуваат, дури и прават интервју со нарачани прашања, а тоа е многу провидно.
Пред 3-4 кола играчите дадоа поддршка со едноминутно молчење во знак на поддршка и освен еден или два медиума никој не го пренесе тоа и некои од медиумите за жал многу работи не пренесуваат. Увидов со кого си имам работа и многу ми е јасно дека многу од медиумите се можеби под капата на федерацијата. Јас секогаш кога давам интервјуа ги кажувам работите отворено и од срце, но за жал многу се превртуваат некои работи, многу луѓе ми замеруваат, но јас кажав не зависам од никој, ниту па некој зависи од мене и мојата единствена цел е да успееме во тоа што сум се нафатил да го работам, а тоа е правата на играчите да ги донесеме на многу повисоко ниво. Ако може во една држава фудбалот да е спорт број 1 и е секаде најважната споредна работа, можеби кај нас ракометот е пред фудбалот, меѓутоа ако сите сакаме фудбал, играчите не земаат плата, не се осигурани и кога ќе се повреди го бркаат од клубот, а од друга страна сè е ок со нашиот фудбал не знам до кога ова ќе оди вака. Јас сум упорен во тоа што го работам и знам дека ќе успееме бидејќи последниот состанок со капитените ми даде надеж дека ќе одиме на подобро и верувајте дека фудбалот кај нас се игра за судии, делегати и контролори. Пред да почне било која екипа да се натпреварува во прва или во втора лига мора да уплати котизација која што е загарантирана сума на пари за делегатите, судиите и контролорите. За играчите нема ништо загарантирано и тука ви е сè јасно дека фудбалот не се игра за играчите.