Минатиот викенд во Франција се одржа осмиот протест на „жолтите елеци“: околу 50.000 луѓе одново излегоа на улиците, бараа оставка од претседателот Емануел Макрон, намалување на даноците и зголемување на платите и пензиите.
Најжестоки судири со полицијата имало на мостот Леополд Седар Сенгор во Париз. Таму властите не дозволиле да поминат демонстрантите и специјалните едници на француската полиција го заградиле просторот.
До судир дошло откако демонстрантите фрлале камења и стаклени шишиња кон полицијата а тие возвратиле со солзавец и гумени куршуми.
На интернет брзо се рашири видео на кое еден голем, крупен маж сам со голи раце удира неколку специјалци и не обраќа внимание на нивните шлемови и штитови. Потоа се слуша истрел и мажот отстапува.
Видеото брзо станало вирално и напаѓачот го препознале: тоа бил 37-годишниот поранешен шампион на Франција во бокс Кристоф Детингер. Тој изјавил дека полицијата ги нападнала и загрозила него, жена му и уште еден пријател со солзавец и пендраци.
Националната жандармерија на Франција му се обратила Твитер со пост на кој пишува: „Мисје, вие кој удиравте паднат полицаец по глава, ве дознавме. Како боксер не ги владеете многу правилата. Ќе ве научиме на пропишаниот кодекс“.
Monsieur, vous qui avez frappé un collègue à terre, vous êtes identifié. Pour un boxeur, vous ne respectez apparement pas beaucoup de règles. Nous allons vous apprendre celles du code pénal. @EmmanuelMacron @EPhilippePM @CCastaner @NunezLaurent @DGPNEricMorvan @prefpolice pic.twitter.com/zBNcD9kWMs
— Commissaires Police Nationale SCPN (@ScpnCommissaire) January 5, 2019
Во понеделникот Кристоф се огласил и се извинил во видеообраќање: „Во мене гореше граѓански гнев. Гледам како претседатели, премиери и раководители на региони ги полнат стомаците наместо да бидат пример. А ние, малите луѓе сето тоа го плаќаме. Француски народе, јас со цело срце сум со тебе. Ние треба да се бориме по мирен пат“, рекол Кристоф.
Француската боксерска федерација го осудила Детингер: „Нападот на полицајците противречи на вредностите на нашиот спорт. Ние го поддржуваме настраданиот офицер и неговото семејство, како и сите кои не се на служба во последните недели.“
****
Во 2007 година Детингер станал шампион на Франција во тешка категорија откако на поени го победил Камелјо Амран. Во 2008-ма Детингер загубил со нокаут од Мерик Роберже и ја изгубил титулата.
Кристоф ја завршил кариерата во 2013 година со победа откако го нокаутирал Жан Марк Монро. На крајот од својата кариера имал 18 победи (7 со нокаут), 4 порази и една нерешена.
Во 2012 година боксувал и надвор од границите на Франција кога изгубил по судиска одлука од Исмаил Абдул во Белгија.
Детингер учествувал на сите осум протести на жолтите елеци. Според радио станицата France Inter, Кристоф работи во Есон, тоа е населба недалеку од Париз. По крајот на кариерата тој работел на одржување на спортскиот инвентар во месните школи и боксерски секции. Има жена и три деца.
Поради нападот на службени лица во униформи тој сега е соочува со затворска казна до 5 години и парична казна од 75.000 евра. Учесниците на протестите експресно организирале акција за поддршка на боксерот кого го сметаат за херој: преку краудфандинг компанија собрале 110.000 евра за плаќање на неговата казна.
Протестот на жолти елеци (наречен така откако еден автомајстор пред два месеци гневен од одлуката за поскапување на горивото снимил видео и повикал на протести со жолти елеци кои задолжително мора да ги има секој автомобил), почнал на средината од ноември.
На почеток луѓето протестираа поради поскапувањето на бензинот, но откако движењето зема голем замав, барањата се проширија и сега бараат оставка од претседателот Макрон.
Од почетокот на демонстрациите, повредени се повеќе од 2.800 граѓани и околу 1.000 припадници на полицијата. Во 2019 година, демонстрантите излегуваат секоја сабота на протест додека властите не ги исполнат нивните барања.
По настанот со боскерот, премиерот на Франција Едуард Филип кажал дека властите ќе одговорат на насилството како кон фудбалски хулигани.