Марко Пејчиновски на 28 август 2018-та во 10:30 часот наутро влезе во водите на Охридското езеро кај Св.Наум и по 8 часа и 45 минути или поточно во 18:15 со пливање стаса до пристаништето во центарот на Охрид.
Па има ли поголема сензација од ова која заслужува да биде спортски настан број 1 на годината во Македонија? Јок. Секоја чест за 12 годишниот Марко кој на тие години излезе мадр факр дете, прво кое се осмелило на вакво нешто. Па и на неговите дома што воопшто го пуштиле.
Освен поради годините и огромната делница по која папсуваат професионалци, а не па дете од основно, на јуначкиот подвиг му дава уште поголема тежина и времето на кое пливаше, а пред сè инфарктот на колкот кој претходно го доживеал при операција на тестиси.
Марко ги исплива тие неполни 9 часа баш во ден кога езерото беше немирно со бранови и силен северен ветер. Кога го прашаа за неверојатниот подвиг даде врхунски одговор.
„Не очекував дека ќе биде толку лесно. Сега, откако пристигнав на целта чуствувам замор, а во водата на Охридското Езеро ми беше супер“.
Меѓу стотиците луѓе кои го пречекаа на целта беше и легендарниот пливач Дики Бојаџи.
„Ова дете ни одржа спортска лекција на сите и ни покажа како треба да се користи езерото. Наназад педесет години никој охриѓанец не го препливал Охридското езеро, затоа треба да се слави името на Марко. Честитки до детето и фамилијата која сигурно му била најголема поддршка“, рече Бојаџи.
Во тимот кој го пратеше Марко покрај колегите од OhridNews беа и Црвениот крст од Охрид, како и лекарска екипа.
„На почетокот видов решителност во неговите очи и повеќе верував во него, отколку во мене. Морам да признам дека Марко езерото го преплива во исто темпо од почетокот до крајот. Имаше околу 60 завеслаи во минута, без ниту една криза или лекарска интервенција“, изјави Др. Горан Балевски.
2018-та нема да ја паметиме по некој историски датум за македонскиот спорт, туку по Марко Пејчиноски и неговата решителност да исплива 30 километри на бранови и со претходни здравствени проблеми.
На бранови, без криза и прв Охриѓанец кој го преплива Охридското езеро после 50 години. Регионалните медиуми го нарекоа супер херој.