На 5 јануари 2006-та, денот кога наполни 24 години Јаница ја доживеа најболната трка во кариерата која се одржа во рамките на Светскиот Куп на врвот Сљеме во Загреб.
Стартот беше на 985 метри надморска височина, а целта на 200 метри и само што тргна се соочи со непосакувана ситуација по која други би се откажале. И паднаа стапот и ракавицата на десната рака.
Но Јаница е роден борец и ја возеше трката како ништо да не се случило. На таа брзина и студ со гола рака го удираше секој стап. Коментаторите се чудеа што мртва ладна ја трпи болката и со голема брзина се спушта кон целта, а во неверување беа и навивачите кои беа во бројка од 20.000. Но таа беше упорна до крај.
„Првото возење беше срамно, а второто го возев за вас. Ми се случи голема глупост, стапот ми се заглави. Не можев повеќе да ги удирам колците со дланката, па продолжив со лактот. Тоа беше ужасна болка. Поради сите овие луѓе кои дојдоа на Сљеме, морав да ја завршам трката. На крајот врескав“, изјави хероината која без стап и со големи болки успеа да се избори за топ 3.
Најбрза на слаломот беше Марлиси Шилд, втора Катрин Цетел, а Костелиќ од седма позиција во првото возење, на јуначки начин се избори за трето место.
Таа година за жал и беше последна во кариерата. Психички исцрпена и поради големи болки од повредите, реши млада да се повлече од скијањето. Тоа беше тежок ден за нејзе на кој пушти солзи пред камерите, но нејзиното тело за возраст од 24 години претрпе многу модрици.
За осум години кариера направи успеси кои мислите дека ги направила скијачка која и ставила крај на кариерата на 40 години.
На Олимпијадите освои четири златни и два сребрени медали со што важи за најуспешна алпска скијачка во историјата на Зимските Олимписки игри.
На Светските Купови има злато во сите пет дисциплини освоени во една сезона и вкупно 30 победи: 20 во слалом, 6 во комбинирано, 2 во велеслалом, 1 во супервелеслалом и 1 во спуст. Потоа има три големи кристални глобуси, три мали слаломски глобуси и четири мали глобуси во комбинирано скијање.
Успесите на Јаница, особено нејзините олимписки победи ја сместуваат во друштво на најдобрите хрватски спортисти. Ако колената и издржеа уште неколку години, уште ќе ја полнеше витрината. Таков менталитет не се раѓа секој ден.