
Младиот вардаров голман и голема перспектива на голот на македонската репрезентација Васил Гогов одлично го стартуваше дуелот и со две врвни одбрани им даде крилја на своите соиграчи.
Црвено-црните брзо стекнаа предност која што ја чуваа до крајот на првиот дел. Највисоко водство Вардар имаше во 8' минута кога поведе со +4 (6-2). Раул Алонсо тренерот на Еурофарм Пелистер тогаш повика тајм-аут за да ги соземе своите ракометари.
Но Вардар отиде и на +5 со убавиот гол на Хориха. Возврати Филип Кузмановски кој го најави резултатското приближување на Битолчани но само накратко.
На паузата со голот на најдобриот играч на финалето Томи Јагуриновски, Скопјани имаа 17-14, предност која ќе се испостави за клучна до крајот.
На стартот на вториот дел Вардар љубоморно ја чуваше предноста, бодрен од своите 200-ина навивачи (наспроти побројните Чкембари на другата страна).
Манасков и Радивојевиќ преку крила се обидуваа да го вратат Пелистер во игра, Србинот имаше фантастични 6/6 од игра а Манасков 5 гола.
Најблизу да се врати во игра Пелистер беше на 2-3 минути пред крајот кога имаа напад за -2 и драма на крајот но Вардар се одбрани и на крајот заслужено славеше 31-27 за нов пехар во Купот.
Вардарци сега ја потврдија доминацијата со дури 17 трофеи во Купот. Пелистер има 5, а последниот е освоен пред цели 20 години, во далечната 2005-та година. Металург има 6 трофеи.
На крајот најефикасен играч на мечот беше Богдан Радивојевиќ со дури 8 гола, а Томислав Јагуриновски и Младен Крсманчиќ кај Вардар дадоа по 6.