Голот на Никола Карабатиќ во последната секунда од мечот за третото место против домаќинот Германија, им донесе многу причини за радост на француските навивачи.
Најтрофејната ракометна нација во светот ја продолжи серијата на медали на големите натпреварувања и ова им е четврти во низа од Рио 2016 па наваму.
Затоа беше тој врисок на 34 годишниот крал на ракометот за кого ова е медал број 15 во неговата 16 годишна репрезентативна кариера. Каков феноменален дострел е тоа.
Дечкото има навистина голем к`смет што игра за Франција, а тоа веројатно и немало да се случи ако татко му Бранко не бил исто така ракометар. Никола Карабатиќ е роден во Ниш на 11 април 1984-та година.
Татко му е Хрват, како и поранешен играч на Железничар од Ниш, а мајка му Радмила Србинка. Се селат во Франција бидејќи Бранко таму добил тренерски ангажман. Никола тогаш имал 3 и пол години, а брат му Лука се родил 88-ма во Стразбур.
Карабатиќ и утре да каже доста е со играње ракомет, не може и не смее да жали за ништо. Па дури 9 од тие 15 медали со Франција му се златни, а три пати е прогласуван за најдобар ракометар во светот.
Четири пати стана светски првак (2009, 2011, 2015 и 2017), три пати европски (2006, 2010 и 2014) и два пати олимписки (2008 и 2012).
Погледне ја оваа импресивна слика:
А што да се каже за клупските успеси? Фативме да му ги броиме, 55 трофеи има. Кире наш има 51. Нема година во кој овој ракометар не се радувал на некој трофеј било да во првенство, Куп, Лига Куп, Супер Куп со Монпеље, Кил, Барселона или сега со ПСЖ.
Внимавајте на оваа серија. Со исклучок на 2013-та, во која кусо играше за Пеј Декс, тој секоја година во текот на кариерата бил државен првак.
Серијата му оди вака: Монпеље (2002, 2003, 2004, 2005), Кил (2006, 2007, 2008, 2009), Монпеље (2010, 2011, 2012), Барселона (2014, 2015), ПСЖ (2016, 2017, 2018).
Лигата на шампионите ја има освоено три пати со три различни екипи. Со Монпеље во 2003-та, со Кил во 2007-ма и со Барселона во 2015-та кога беа соиграчи со Кире Лазаров.