По враќањето од Србија, управата на Вардар разговарала со Милиќ и соопшти дека без оглед што се работи за натпревар во кој клубот не е вклучен, Милиќ таму истовремено го претставува Вардар и го прекршил клупскиот кодекс на однесување, заради што ќе го суспендираат на еден месец.
Почитувајќи ги клупските правилници, Вардар му изрече временска суспензија од еден месец на Милиќ, и парична казна согласно клупските правилници поради ваквото однесување, со надеж дека истата ќе влијае позитивно на негово однесување во иднина, како на негов, така и на другите членови на екипата. Клубот има разбирање за играчот, но никогаш нема да толерира однесување што е надвор од спортскиот кодекс и што може да донесе негативен публицитет, и на клубот, па и репрезентацијата за која настапува. Сметаме дека токму однесување на спортистите треба да биде пример за идните генерации, и затоа секогаш ќе го подржуваме фер плејот, на терен и надвор од него, стои во соопштението на РК Вардар Скопје.
Пред квалификацискиот меч за ЕП меѓу Србија и Израел, селекторот на Србија, Дејан Периќ им дал на играчите слободна вечер во саботата. Неколку репрезентативци се вратиле пред полноќ, а Милиќ се прибрал во 06:00 часот наутро. За целиот настан прво се огласи селекторот на Србите, кој изјави дека Милиќ дошол толку пијан, што мислеле да го однесат во болница на испирање. Периќ додаде дека нема да го вика голманот сè додека тој е селектор.
Ракометарите на Вардар во сабота од 16:00 играат дуел од Сеха лигата против Мешков на гости, а по казната на Милиќ, на голманската позиција ќе бидат Арпад Штербик и Петар Ангелов.