Ремек делото на Дибиров во полуфиналето меѓу Вардар и Барселона

„Добро што доаѓа лето бидејќи ќе ни треба цело тоа време за да сфатиме како му успеа ова“, рече коментаторот за чудото од вртелешка на Тимур Дибиров, која важи за негова специјалност. Се работи за Фајнлфорот во 2019-та, кога Вардарци ја покорија Европа по втор пат.

Неговото голчиште беше прогласено за број 1

Легендарниот руски ракометар денеска соопшти дека ова му е последна сезона во неговата долга и блескава кариера.

„Најтешко во моментов ми е што сме разделени со семејството, јас сум со синот во Загреб, Ирина е со ќерката во Ростов. Затоа решив да ја доиграм сезоната и да ја завршам кариерата. Сакам да бидам покрај нив. Си велам уште оваа сезона и тоа е тоа и морници ме лазат. Навистина ли дојде тој момент?“, изјави Дибиров

Тимур Дибиров ви е дечки, нешто како Хавиер Занети во фудбал. Знаете на што мислиме така? Издржливост и долговечност, ама во топ форма.

41 годишното руско крило со македонски пасош го пропушти првиот меч во ЛШ дури сезонава, пред два месеци, во замислете 21 година. Неверојатно.

Динамо Загреб - Нант е првиот натпревар на кој Тимур не успеа да настапи во изминативе две децении во дресовите на Чеховски Медведи, Вардар и Загреб. 

Тимур е вардаров лик. Скроз. Скопје го напушти после 9 години со 21 трофеј меѓу кои две европски титули, како и 1.043 гола во Лига на шампиони. Стана трет стрелец на вечната листа после Лазаров и Карабатиќ. Во дресот на Динамо се искачи на втора позиција.

Тоа беа 9 прекрасни години, полни со историски мигови, шампионски сјај и взаемна љубов со клубот и навивачите. Замина гордо и исполнето, со безброј дрски погодоци од мртов агол.

Го потеше вардаровиот дрес со голема жар и посвета, а во едно интервју изјави дека со такво сплотено друштво, да му понуди некој трофеј во ЛШ со Вардар и пак без плата, би прифатил.

Дибиров: Драги пријатели, потребен е текст за многу страници, вие сте засекогаш во моето срце

28 декември 2024 - 12:26