Тимур Дибиров во Вардар стекна статус на ѕвезда и легенда, нешто што не го доживеал претходно во кариерата. Има 37 години, но не зборува ниту за заминување од Јане Сандански, ниту за пензија.
Во мислите му е само Вардар, клубот за кој игра со 50% помала плата и со љубов. Вели Вардар ме направи двократен европски првак и тоа е клуб каде сите ме ценат и сега дојде време да му се оддолжам.
Во интервју за 24 ракомет зборува и за тешките моменти и за блескавите, за тоа како наместо во Париз завршил во Скопје, за еден ден кога скришно летнал во Москва по што соиграчите помислиле дека ги напушта.
„Од оваа дистанца и откако се стабилизира ситуацијата понекогаш си го поставувам прашањето, дали доколку некој дојде и ми понуди толку време да не добијам плата, но да освојам ЛШ со таа екипата мојот одговор е ДА. Можеби затоа што нервниот систем ми е веќе стабилизиран, но јас на крајот бев толку среќен за тоа што го преживеавме и доживеавме, мислам дека одново би го направил истото.
Чувството на крајот на таа сезона и освојувањето на титулата во Келн не може да се плати со ниту едни пари. Тој адреналин, таа група на луѓе, родени со спортот, родени победници за кои топката е живот, а не материјалисти. Не зборувам само за играчите, туку како колектив, сите што бевме во Вардар.
Многу ни беше тешко, имаше моменти кога некој од нас ќе пукнеше, ќе полудеше, но другите му даваа поддршка. Сите ние сме со различен карактер и темперамент, но успеавме да создадеме таква симбиоза и хемија, некако се исклучуваме од сè друго и останавме тука само еден за друг.
Паметам пред четвртфиналето со Пиг Сегед имав некои приватни обврски и морав на еден ден да заминам за Москва. Побарав дозвола само од Парондо, на никој друг не кажав дека одам. Петокот после тренинг летнав и кога соиграчите виделе дека ме нема, кога во вклучив мобилниот по пристигнувањето во Москва веќе имав милион пораки и повици од нив. Ми пишуваа `Како можеш така да побегнеш и сега да не оставиш`? Веќе ме пратија на медицински прегледи во Германија и Франција. Потоа им објаснив и сè беше во ред.
Така функционираше тој колектив, ние сите зависевме еден од друг, немаше, помалку или повеќе важен, сите бевме исти. Како ланец, ако една алка недостасува тогаш ќе се распадне. Одново да најдам такви соиграчи и да падне договор една сезона да играме во такви услови, но со таква атмосфера, такво друштво, сплотеност, јас би прифатил повторно. Се покажа дека не е сè во парите, иако секој од нас знаеше колку беше тешко.
Вардар за мене не е само клуб. Во мојата кариера тој ми даде голема шанса, многу голема доверба и од мене направи двократен европски првак, направи играч кој ги собра сите индивидуални награди и на клупски и на репрезентативен план. По седумте минати години тука, сега осма, се најдов во една ситуација кога јас треба да вратам за сето тоа на клубот.
Во Вардар секогаш сите ме ценеле, имав љубов и од навивачи и од тренери и од управа и сега кога клубот беше во такви проблеми требаше да одговорам на соодветен начин. Љубовта кон Вардар да ја покажам на дело. Факт е дека секој од нас е на половина, па и повеќе од половина ги намаливме нашите договори, но тоа е само затоа што ја разбираме ситуацијата и веруваме во светла иднина на клубот.
На навивачите за енергијата и љубовта која ми ја даваат им возвраќам со играта на терен, а на управата и луѓето во клубот, со тоа што сум чесен и праведен. Во мојата кариера во Вардар сè било одлично и еве на ваков начин ги `израмнувам сметките` и среќен сум што така враќам за се“.
Целото интервју прочитајте го тука.