Гостувањето на ПСЖ во Битола, момците од „Само ракомет“, го искористија да го седнат на кус муабет Раул Гонзалес, човекот кој ја испиша европската бајка со Вардар во 2017-та и кој беше на кормилото на репрезентацијата.
И покрај тоа што веќе шеста година живее и работи во Париз, Раул е ист како што го испративме. Скромен, умерен, искрен. Срцето уште му чука за Вардар и Македонија, а не го заборавил ниту македонскиот.
Го вратија на почетоците во Вардар и за тоа како дошол кај нас.
„Тука беше Алекс Душебаев, тој ми објасни како се живее тука, ми ја пренесе атмосферата. Кога дојдов ми беше многу чудно. Во Шпанија и Франција многу сакаат ракомет, ама не како тука. Шеташ во град и сите те препознаваат и сите гледаат ракомет. Кога пиеме кафе со Чупиќ и Дибиров, зборуваме секогаш за Вардар бидејќи за нас тоа беше најважното. Не знаев ништо за Македонија, ама кога стигнав видов дека е многу добро место. Има многу добра храна, има сонце“.
Има ли нешто што го нема ПСЖ за да освои ЛШ, а го имаше Вардар?
„Многу е тешко. Јас во Вардар бев 5 години, а во првите три не успеаме да ја освоиме. Тешко е затоа што има многу екипи кои можат да победат во ЛШ. Кога стигнуваш во Ф4 треба да имаш среќа. Ние не бевме фаворити, ама победивме и беше послатко со головите на Циндриќ и Чупиќ во последна секунда. Со 10 разлика не е истото чувство“.
За другите разлики меѓу Вардар и ПСЖ.
„Има разлики во однос тоа како се работи тука, а како таму. Тешко е да објаснам бидејќи има многу разлики. Играчите се различни, менталитетот е различен, но јас се адаптирам тука, се адаптирам и таму. Среќен сум што сум во Париз и јас сум среќен и горд што бев тука во Вардар и во репрезентацијата“.
„Одигравме многу добро на првенството во Хрватска. Реков дека Столе Стоилов ќе биде многу добар тренер, затоа што тој е многу паметен. Се сеќавам на моментот кога на 5 секунди до крај промаши еден на еден против Германија. Таму имавме шанси да играме полуфинале. Многу го сакам Столе, тој многу ми помогна. Кога стигнав тука не знаев ништо и тој беше секогаш со мене. Му се посакувам сè најдобро“.
Што би издвоил од животот во Македонија?
„Мене ми беше многу лесно. На почеток многу тешко, бидејќи не знаеш што да јадеш, што да пиеш, ама тука во Македонија јас се чувствувам секогаш како дома. Кога ќе дојдам сите ме знаат. Кога игравме во ЛШ немаше место ни на скали. Сите сакаа да одат. Македонските навивачи се најдобрите во светот, не само на Вардар, туку и од Пелистер“.