Лазаров: „Право мало чудо за нас и за целиот ракомет“

Селекторот на Македонија Кире Лазаров беше исклучително расположен после неверојатната драма од која неговите момци јуначки извадија реми против полуфиналистот од последното Светско првенство 29-29.

По трилерот во Хернинг пред нешто повеќе од 11.000 гледачи, селекторот Лазаров во микс-зоната истакна дека не може да каже се што му лежи на душа (од оправдани причини, зошто ЕХФ ги казнува сите коментари на сметка на судењето).

Но Лазаров воглавно беше расположен за разговор со македонските но и со странските новинари. Во микс-зоната тој на прашање на странска новинарка дека „е извлечено на крајот реми против тежок противник како Португалија“, Лазаров рече:

„Сакам да им честитам на моите момци денес, беа одлични. Заслужија не знам што... Зошто се боревме против полуфиналистот од последното Светско првенство, а тие дојдоа тука да се борат за медал, поточно за златен медал. И ние сме презадоволни што како мала, мала земја успеавме. Сакам да додадам и дека изгубивме во прв дел двајца важни играчи, две леви крила, игравме без леви крила цели 40 минути можеби и повеќе. Нашиот најискусен одбранбен играч Никола Маркоски доби црвен картон. Ова е право мало наше чудо но и на целиот ракомет“.

„Не знам дали смеам да кажам што ми е на душа затоа што имам многу што да кажам.

Мора да бидеме претпазливи да не навредиме некого. Јас и пред почетокот на првенството во една изјава кажав дека ние сме мала земја, во моментов многу сме деградирани, не е лесно да играш против светски велесили. Ова не е алиби, видовте сами, тоа е така.

Во иднина ќе биде многу тешко да се бориме со вакви работи. Јавноста сака ракомет, ни дава поддршка, сакам да им честитам од душа на сите играчи што успеаја да парираат со полуфиналистот на минатото Светско првенство. Против екипата која се бореше за медал и тука дојде по злато, направивме голема работа, знаејќи дека во првиот дел ги загубивме двете леви крила и моравме да комбинираме.

Исто така го загубивме и најискусниот играч со црвен картон, кој во вакви мечеви многу му помогнал за националниот тим. Сите концепти ни се растурија, настана мал хаос пред крајот на првиот дел. Пробавме да го средиме тоа за време на полувремето, не почна вториот дел како што треба, но успеавме да ја најдеме формулата и со голема борба, пожртвуваност и верба, стгинавме до резултат. 

18 јануари 2026 - 21:09