
Ракометот во Грција не е баш занимлив спорт, далеку заостанува зад кошарката и фудбалот, особено во викендот кога Олимпијакос и Панатинаикос играа на Фајнал Фор на Евролига, но кога се во прашање грчко-македонски дуели, очекувано тензиите растат.
Грчките медиуми денес воглавно го пренесуваат ставот на АЕК дека нивните навивачи уште од старт имале ултиматум, или ќе влезат сите оние навивачи кои тргнале со автобуси од Атина или никој нема да влезе во салата. Овој став го правдаат со правилото кое важи во повеќе спортови, 10% од вкупниот капацитет на салата да биде предвиден за гостинска публика. Ако имате капацитет од 6.500 гледачи („СЦ Борис Трајковски), тогаш 10% значи 650 гостински гледачи.
А на домаќинот, односно безбедносните служби пред сè полицијата е да одлучи дали може или не да се носи со големиот безбедносен ризик. Во случајов македонската полиција по оперативни проценки, пресметала дека такво нешто а пред сè после стравичните настани во Кочани, во моментов не е можно (така изјави претставникот на Алкалоид Зоран Цветановски).
Познатиот спортски лист Gazzeta.gr доцна синоќа го пренесе соопштението на навивачката група „Оригинал 21“ од Атина во која се вели:
„Вечерва беше голем момент во историјата на нашиот клуб. Вечерва момците од ракометната секција се одрекоа од нешто важно како што е можноста да се освои европски трофеј за да ги поддржат навивачите на АЕК. За нас веќе сте победници!
Нашата одлука, сите или никој не е моментална одлука, тоа е животен став. Така се чувстуваме како Оригинал 21 и така функционираме колективно со другите екипи кои беа таму вечерва. До крај со АЕК, ОРИГИНАЛ 21“, стои во соопштението на Фејсбук страната на навивачката група на атинскиот клуб.
To10.gr пишува „Реваншот на АЕК против Алкалоид виси 'во воздух'“ и додава дека „Многу навивачи на АЕК биле држени на границата Евзони и во разговор со управата на „жолто-црните“ јасно ставиле до знаење дека тимот не треба да игра ако на сите навивачи не им биде овозможено да дојдат во салата“.
Истиот медиум во текстот од синоќа пишува и дека: „АЕК добил само 190 карти за овој натпревар иако во почеток очекувале дека ќе добијат повеќе од 1.000. Во моментов натпреварот виси во воздух и се укажува на тоа дека ноќта ќе биде долга“.
Атински Sportal.gr во текст под наслов: „Хаос на граница со навивачите на АЕК - закани дека нема да се игра реванш на европското финале“ пишува уште и:
„Хаос неколку часа пред реваншот од финалето на АЕК против Алкалоид за Европскиот Куп. Полицијата на граница блокирала повеќе од половина навивачи на АЕК кои патувале во Скопје да го поддржат својот тим. Поточно, вратени биле три од осум автобуси.
Одлука на управата е дека ако не ги пуштат да поминат, екипата нема да излезе на финалето. За оваа одлука е известена и Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Како што може да се разбере, атмосферата е многу напната и останува да се види што ќе биде, а европското финале виси во воздух“.
Сајтот SportDog.gr ја пренесе реакцијата на Алкалоид во која скопскиот тим му одговори на АЕК: „Натпреварот не се одигра зошто тие не сакаа“. Во продолжение од текстот се вели: „Тимот од соседната држава со своја верзија на финалето кое никогаш не се одигра и се одложи а противник му беше АЕК“.
Финалето и официјално е одложено, АЕК потклекна на заканите на своите навивачи