Финалето и официјално е одложено, АЕК потклекна на заканите на своите навивачи

Ракометниот клуб АЕК Атина го уништи ракометниот празник во Скопје и дефинитивно покажа голема непрофесионалност и анти фер-плеј. 

Европското финале во Борис Трајковски ЕХФ одлучи да го одложи, откако ракометарите на АЕК Атина не се појавија на терен.

Информациите на МТВ ги потврди и претставникот на РК Алкалоид, Зоран Цветановски кој рече дека проблемите почнале уште на самиот старт кога го договарале бројот на гостински навивачи.

И покрај тоа што Алкалоид одобрил 200 билети, Грците тргнале за Скопје во бројка од околу 650 навивачи, кои од безбедносни причини биле вратени од македонската полиција.

Проблематични биле два автобуса кои не можеле да влезат во Скопје, а останатите кои имале билети се солидаризирале и решиле и тие да се вратат во Атина.

„Познати се тие правила од 10% од капацитетот на арената каде се игра натпреварот, а тоа би значело околу 650 влезници. Нашиот клуб и МВР донесоа одлука, по некои оперативни анализи дека по некои работи што се случуваа во државата, во моментов тоа не е возможно и бројот на билети за гостинските навивачи беше ограничен на 200. Тука настана најголемиот проблем, тука беа преговорите, тука се кршеа копјата, дел од навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, а дел не“, изјави Цветановски.

Играчите на АЕК, сепак имале голема желба мечот да се одигра, а дел од нив со солзи ја прифатиле одлуката да не се игра.

Но, претседателот на АЕК на крај не им дозволил на играчите да излезат на терен. 

Жестоките навивачи им се заканиле дека ако го играат финалето, да не се враќаат во Атина.

Првиот дуел на гости, Алкалоид го доби со 25:29.

25 мај 2025 - 21:21