Чис Платен има 93 години и таа утре ќе биде единствената гледачка во Лондон која била жива и на првото и до сега единствено полуфинале на Ридинг во ФА купот. Се одигра во 1927 година и заврши 3:0 за Кардиф, а утре на Вембли по 88 години втор пат во својата историја тимот стигнува до полуфиналето и повторно пред нејзини очи.
Годините не ја спречуваат на оди на стадион, па макар тоа било и гостување на 800 км како минатото коло кога патуваше на мечот против Блекпул кој заврши 1:1.
Платен родила шест деца, од кои три и се починати, има 16 внуци и 8 правнуци. Нејзината љубов кон Ридинг најмногу се зголемила кога имала околу 45 години, односно кога пораснал најстариот син и почнал да се грижи за помалите браќа и сестри.
„На гостински натпревари одев секогаш со сопругот, но потоа тој остаре и опадна и не можеше повеќе да оди. Јас не се откажав, му спремав храна и потоа тргнував на пат“.
Таа секогаш и секаде е со клубот во изминативе 50 години. За нејзиниот 80-ти роденден во 2001 година, присуствуваше на плејоф финалето против Кардиф кога Ридинг загуби 3:2 во продолженија и не успеа да влезе во прва лига. Го гледаше и финалето од тогашниот Симод куп во 1988 година кога на стариот Вембли, Ридинг славеше над Лутон со 4:1.
Пред девет години имаше несреќен случај и го скрши колкот, па пет недели натпреварите од првата историска сезона за Ридинг во Премиер лигата ги следеше од болница.
„Се сеќавам дека офкав од болки и кога ќе дојдеше лекарот да ме праша што ми е, јас му велев како што ми е, па ќе ги пропуштам натпреварите против Челси, Манчестер Јунајтед и Арсенал“.
Сезонава не пропушти ниту еден натпревар во историската сезона за Ридинг во ФА купот и беше на сите мечеви против Хадерсфилд, Кардиф и Дерби, како и на четвртфиналето против Брадфорд.
Клубот кој најмногу го мрази е токму утрешниот противник.
„Мислам дека Арсенал почнав да го мразам уште од мала кога го слушав татко ми кој секогаш викаше против нив. Тренерот им го викам Арсен Вингер, бидејќи тој секогаш кенка за нешто. Би било супер ако ги победиме. Имаме шанси, но многу од нашите навивачи немаат доверба во Ридинг. Имаме одличен голман, Адам Федеричи и ако другите му помогнат, а тоа не го прават секогаш, мислам дека ќе биде добро“, вели Платен.
Таа се надева ќе може да го следи Ридинг во живо и до 100 години, а најголемата желба и е на 30 мај, три дена по нејзиниот 94-ти роденден, да оди на финале во ФА купот.