Во тоа тело членува и Омер Буњаку, до пред неколку години осудуван водач на навивачката група Шверцери Чаир, а сега спортски директор на фудбалскиот клуб Шкупи и носител на јавна функција: советник за спорт.
Омер Буњаку е ликот кој беше одговорен и приведен за големиот инцидент на Кале во Скопје а кому на лице место тогаш лисиците од раце му ги вадеше Артан Груби (на времето исто меѓу водачите на Шверцери Чаир).
Тој ќе биде меѓу одговорните за координација и комуникација меѓу македонските навивачи кои ќе патуваат на Европско првенство во Букурешт и Амстердам.
Буњаку во 2014-та беше приведен и притворен поради демолирање на кафулето „Њу Орлеанс“ во скопската Стара Чаршија, само затоа што диџејот ја пуштил песната „Распукала Шар планина“ која не им се допаднала на Омер и другарите кои го демолирале локалот. За тоа доби условна казна од 7 месеци.
Списокот на членови на Координативното тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европско првенство во фудбал, е објавен во Службен весник како одлука на владина седница.
Замислата на Владата е дека ова тело треба да обезбеди поддршка при организација, комуникација и промоција на настапот на фудбалската репрезентација на ЕП.
Членови се: Мухамед Зекири, генерален секретар во Влада, неговиот заменик Тахир Хани, Марјан Забрчанец како владин национален координатор за комуникации, Силвија Митевска и Ѓорѓи Тасев како советници за спорт на премиерот Заев, тука е и Наумче Мојсовски - директор на Агенција за млади и спорт, како и Авни Рустеми, заменик-директор на АМС, Саше Тасевски од БЈБ при МВР, Михаела Веселинов, директор на Сектор за дипломатски протокол при МНР, Даниел Димевски и Владимир Богоевски од Олимписки комитет и Омер Буњаку и Изет Ризаху, првиов (пази чудо) советник за спорт а другиот државен секретар во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Тука се и Зоран Стерјовски и Бесник Шуки како новинари на МИА и Драган Николовски и Анета Андонова од МТВ.