Редари на италијанските стадиони најчесто се студенти, кои викендот го користат да заработат дневница која се движи од 30 до 45 евра. Сума која според нив е далеку помала од ризикот кој го носат големите натпревари.
Во Торино, нив ги одбира агенцијата Менпауер, која лани работела за Јувентус, а сезонава за „Биковите“. Процедурата да станеш редар не е тешка: Праќаш си-ви и посетуваш курс, еднаш годишно.
„Нè викаат од натпревар до натпревар и ако си добар те бараат пак, ако не чао пријатно“, вели Матео за Газета дело спорт.
Како во секоја работа, така и во редарската има хиерархија и во однос на тоа се движат и заработките. Оние со подобри оцени на курсот заработуваат повеќе, но имаат и поголема одговорност: Во 11 часот треба да се на стадион, безбедно да ги пречекаат домашните и гостите и да го чуваат мирот на прес конференцијата.
„Во Торино заработуваме по 25 евра, а работиме од 12 до 17:30. Во Јувентус беше подобро, нè плаќаа по 37,5 евра. Работата на влезот е најтешка. По логика и по закон, полицијата треба да сноси поголема одговрност за тоа што се внесува внатре, но нивната работа најчесто ја вршиме ние, иако стојат до нас“, додава Матео.
Торинското дерби беше тензично, со многу инциденти пред, за време и после натпреварот. Редарите се жалат дека не можат да претресат и најдат сè што се внесува на трибините.
„Често е невозможно да ги претресеш сите, особено затоа што најопасните навивачи влегуваат последни, на крај, за да ги избегнат ригорозните контроли. Сепак, од кога сме ние овде инцидентите се намалени“, констатира Матео.
Некои бакљи се големи колку еден маркер. Може да се сокријат насекаде. Во патика, во сендвич, во спакувана салата. Штом ги внесат на трибините, играта за нив може да почне. Некои навивачи го користат и стариот „добар“ начин за шверц на пиротехника, кога вечер пред натпреварот одат на трибините и со нечија помош внесуваат огромни количини на пиротехника.
На некои им успева и планот кога под изговор дека местат кореографија, под столиците лепат бакљи за подоцна да го уживаат мирисот на пиротехника во текот на целиот натпревар.