Ријека освои двојна круна и му донесе на Динамо 4,3 милиони евра

Ријека е апсолутен шампион на Хрватска откако по драмата ја освои шампионската титула во последно коло, а сега на пехарот му придодаде и трофеј од хрватскиот Куп.

Финалето на Купот на Хрватска како ретко каде во светот и многу чудно, се игра во два натпревари. Ријека на првиот меч со Славен Белупо на гости одигра 1:1, а синоќа на реваншот на својата прекрасна „Рујевица“ победи 1-0 со евроголот на Наис Џуара и стигна до двојна круна.

Ова значи и дека Ријека одигра за Динамо Загреб и му заврши огромна работа. Со овој триумф на Ријечаните, „модрите“ се пласираа директно во Лига Европа наместо во Лига на Конференции каде ќе завршеа ако тимот од Копривница го освоеше Купот.

На тој начин благајната на Динамо изненадно се наполни со дополнителни 4,32 милиони евра колку што УЕФА наградува за дирекен пласман во Лига Европа. Динамо Загреб стигна до лигашкиот дел без да игра квалификации а тоа е благодарение и на коефицентот меѓу европските клубови што требаа да играат квалификации за Лига Европа.

На крајот од лудата сезона во хрватскиот фудбал, Ријека ќе игра квалификации за Лига на шампиони, ќе почне од 2. коло во јули. Динамо Загреб ќе игра во Лига Европа а Хајдук ќе игра во 2. квалификациско коло за Конференциска лига.

 

30 мај 2025 - 10:36