Викенд, празник, денови за фудбал. Така размислува најпознатиот навивач на репрезентацијата на Шпанија Маноло познат како Еl del bombo (Маноло со тапанот).
Маноло, роден во Хуеска никогаш не зборува за пари и вели дека според неговите познанства и патувања тој е богат човек. Има свое мало кафуле во кое се гледаат дуелите на шпанската фудбалска репрезентација, но со оглед на тоа што тој патува секаде со La Furia Roja, кафулето без газда не може нормално да работи.
„Тоа не е фер, но што да се прави“, вели Маноло кој ја обожува својата работа и во чие кафуле понекогаш доаѓаат навивачи од цел свет. Речиси никој не го знае неговото право име - Мануел Касерас Артесеро, но навивачкиот тапанар е една од главните атракции на спортска Валенсија. Дури и ако сте во овој град и не сте отишле на домашниот меч на „Лилјаците“, не се нервирајте, затоа што на неколку метри од „Местаља“ може да седнете во најфудбалскиот триаголник во градот.
На бела ќерамичка табла во еден агол стои натпис плоштад „Валенсија“: таму седат вработените во клубот, таму се продаваат брендирани артикли од клубот, им се помага на сезонците да набават карти и навивачите се загреваат пред натпреварите.
Во еден бар каде на маса еднакво добро уживаат и Арапи и Азијати, се готват добри ќебапи. Калорично и колоритно место. Шарените понуди на кинеските ресторани се вкусни и евтини, но го немаат шмекот како шпанските. А барот на Маноло е прав музеј на шпанскиот фудбал и многу пријатно место за пиво, за гледање фудбал и дружба со насмеаниот тапанар кој лично ги служи гостите. Tu museo deportivo (Твојот спортски музеј) живнува кога Валенсија игра дома и продолжува да се полни до крајот на мечот.
Сите знаат дека Валенсија обично игра дома еднаш во две недели и натпреварите се во различни денови, но традиција е Маноло да не го затвори барот во недела навечер до доцна без разлика дали Валенсија играла во сабота или во недела. Во барот на Маноло доаѓаат не само навивачи на Валенсија и Леванте, туку полно е и кога игра Реал Мадрид. Таму може да начекате и студенти кои зборуваат баскиски и млади девојки од Белгија, како и туристи со маици Борусија.
Маноло секогаш седи на висок стол со шеширот на глава и додека гледа фудбал мрмори нешто „под мустаќ“.
„Фудбалот за мене е сè. Но немам ништо против ако би го немало, затоа што во животот премногу се изнагледав фудбал“, вели легенардниот Маноло кој беше и во Скопје на мечот Македонија - Шпанија минатата година.
ИСТОРИЈАТА НА МАНОЛО
Најпознатиот светски фудбалски патник не сака да раскажува, но во 1987. година останал без семејството. Сопругата не можела да ги поднесе неговите чести патувања, ги собрала четирите деца и засекогаш заминала од мажот. Тој вели дека од тогаш си ветил дека никогаш веќе нема да се жени.
Кога ќе го видите насмеаниот Маноло, тешко е да се утврди неговата нефудбалска драма која што го погодила поради фудбалот.
„Никогаш не сум сакал професионално да играм фудбал и на 16 години станав „бомбо“ (навивач со тапан). Живеевме во Уеска, навивав за локалната екипа и понекогаш одев да ја гледам Сарагоса. Секако, атмосферата на стадионите беше многу различна. На „Ла Ромаледа“ се собираа по 20.000 гледачи, а Уеска играше во Сегунда и ја следеа неколку илјади гледачи. Но јас силно удирав во тапанот и им пружавме голема поддршка“, се сеќава Маноло на почетоците како тапанар.
Маноло често покажува фотографии меѓу кои една постара, на која има 25 години (втор од лево на десно во горниот ред). Оваа фотографија му била омилена затоа што е со црвено-синиот дрес на Уеска со другари и колеги, а пред нив стои тапан со амблемот на Уеска.
„Скоро секое лето одевме на одмор фамилијарно во Аликанте а еден август првпат ја гледав Валенсија на Trofeo Naranja (меч пред официјалниот почеток на сезоната). Тогаш дојдоа ЦСКА и Динамо Москва, а како мал интересна ми беше селекцијата на СССР. Се сеќавам дека во Купот на саемски градови на „Местаља“ имаше страшна атмосфера“, ги памети почетоците Маноло.
„Валенсија секогаш играше добро и за неа навива целиот град. Дури и кога беше во Сегунда, „Местаља“ беше преполна. Кога јас се преселив од Уеска во Валенсија, одев буквално на секој меч. Често во интервјуата ме прашуваат за омилен играч, но немам никој посебно, сите се еднакви за мене и во победа и во пораз. Оние кои го носат шпанскиот дрес сега, не се разликуваат од оние пред 20 години“, додава добро пополнетиот Маноло.
Во разговорите Маноло практично не спомнува презимиња на фудбалери и раскажува дека лично се познава и комуницира со многу сегашни и поранешни играчи на Валенсија, Барселона, Уеска и Реал Мадрид.
„Фудбалерите на Валенсија паркираат пред мојот бар, но никогаш не сум ги видел кога се тука. Еднаш дојде Хуан Мата со братучед му. Барот има премногу гласни навивачи а играчите не сакаат такво друштво. Тука може да им се сврти во глава од автограми и сликања“, се смее Маноло.
Во барот на познатиот Маноло може да најдете многу предмети кои му донеле емотивни моменти, но играчки дресови нема многу. Има само два прекрасни дреса од Шпанија а под нив пишува: „Засекогаш во нашите сеќавања“. Тоа се дресови со броевите 12 и 21 од „Црвената Фурија“ на Антонио Пуерта и Даниел Харке.
„Живеам овде триесет години, а за Валенсија навивам околу дваесет. Но ако ми верувате не паметам кога последен пат сум бил на „Местаља“. По кобниот пораз од Баерн Минхен на пенали во финалето на Лигата на шампионите, тоа е една причина. Може да се каже дека не одам поради обврски, но постојат причини за кои не сакам да зборувам“, со тивок глас раскажува Маноло.
Цели 16 години Маноло на стадион одел со уште десет музичари. На почетокот тие имале ужина во неговиот бар, а потоа бесплатно влегувале на „Местаља“. Во Милано заедно со El Bombo биле пет музичари, но за финалето добиле само три билети.
За да добијат уште две карти, Маноло му се обратил на претседателот на Валенсија. Еден час подоцна им донеле две карти и им ги продале за 20.000 пезети.
„Од тогаш се сменија многу управи и претседатели, а ниту еден од нив не ме праша зошто престанав да одам на мечевите на Валенсија. И тоа ме боли најмногу. Валенсија има прекрасна поддршка и мислам дека не им е потребен Маноло. Сега навивам само за една екипа, тоа е репрезентацијата на Шпанија“, истакнува симпатичниот Мано.
По историјата со картите за финалето од Лига на шампиони против Баерн Минхен во Милано, Маноло решил да не оди на „Местаља“, туку Валенсија да ја гледа од својот бар. Сега има само една љубов, со која го прошета целиот свет.
„Цел викенд сум во барот затоа што за време на натпреварите овде доаѓаат сите оние кои не можеле да влезат на стадион. Има многу навивачи, а мене сите ми се исти како фудбалерите. Пред мечот обично е весело, а најверни според мене се оние на Бетис и Севиља. Ова се единствени тимови и за нив се навива скоро во секој шпански град, така што на гостувањата имаат голема поддршка“, вели Маноло.
За многу навивачи од целиот свет, посетата на Валенсија им е поврзана со барот на Маноло. И секој пат Маноло ги пречекува со црвениот дрес на Шпанија, се слика нив, отвора пиво од фрижидерот. Бројот на дресот му е 12, затоа што важи за 12-ти играч на „Црвената фурија“. На вратот носи црвено-црна марама која што се става на празникот на Свети Пилар во Сарагоса.
„За репрезентацијата на Шпанија навивам 45 години, а за тоа време сум гледал 9 Светски и шест Европски првенства. Долго време чукав на тапан на утакмиците на Уеска, Сарагоса и Валенсија, а потоа се префрлив на репрезентацијата. И не само на фудбал, туку и на кошарка“.
Првпат на гости ја гледал репрезентацијата на Шпанија во 1979. година кога Ла Роха играла против Кипар. Од тогаш пропуштил само два или три меча и сите поради голема причина. Поради тешка настинка не бил на четвртфиналето на Мундијалот 2010 во Јужна Африка (Шпанија - Парагвај), но брзо се вратил дома, се опоравил и пак назад за полуфиналето против Германија. Потоа во финалето против Холандија го видел голот на Иниеста и со сите Шпанци го бакнувал златниот пехар.
„Многу, навистина многу мечеви сум изгледал. Во САД нашата репрезентација можеше да игра подобро, а во Јужна Кореа судиите многу не оштетија. Но тоа што се памети е фудбалот - тоа е игра која многу зависи од среќата“, вели Маноло.
На квалификацискиот меч за ЕП 2016 против Украина (во таа група беше и Македонија), Маноло бил единствениот навивач на Шпанија на „Олимпискиот“ стадион во Киев. Украинската престолнина во 2012. година стана среќна за Шпанија кога го освоија Европското првенство. Маноло го обожувал Киев, според него еден од поубавите европски градови. Тогаш пред мечот се сретнал со Жозе Мурињо.
„За време на Мундијалот 1982. година во Шпанија пропатував околу 15.000 километри по целата земја. Одев автостоп, а многу луѓе ме познаваа по тапанот и често ме превезуваа. Еднаш на автостоп ме собра Брза помош во која се испостави дека имаше мртов човек. Седнав напред со возачот и разговаравме цел пат, а тапанот стоеше покрај мртвиот човек позади. Во тоа време се преселив во Валенсија каде на почеток работев по кафулиња и ресторани, а потоа се преселив близу „Местаља“.
Во 1968. година Маноло држел мал бар во Уеска. Тогаш емотивниот навивач го знаеле само во Арагона, а потоа во 1982. цела Шпанија дознала за него. Така се појавил и „Спортскиот музеј“ во Валенсија каде луѓето не доаѓаат за вкусна храна. Вкусна паеља има на други места, овде домаќинот може да ви понуди студено пиво, лимонада и неверојатно фудбалско расположение близу стадионот изграден во далечната 1923. година.
„Следен предизвик ми е Светското во Русија, но би сакал да завршам после тој 12. Мундијал за мене. Симболично е што секогаш го носам дресот со тој број. Сега имам 67 години, а после Светското во Русија сакам да живеам спокоен живот“, како да се предава Маноло.
Главни експонати во музејот на Маноло се посветени на Европските и Светските првенства. Регистерски таблички, знамиња, амблеми, капи, шорцеви, маици, труби. Секогаш се носат нови, и Маноло се надева дека неговиот последен Мундијал што ќе го гледа ќе биде во неговата татковина. Поради тоа тој сака Шпанија да ја добие кандидатурата за СП 2026. Во тој момент ќе има 77 години.
„За Русија не знам многу, но имам неколку маици од различни руски клубови. Велат дека таму има одлични навивачи и се надевам дека во Русија ќе имам добар провод“, додава Маноло кој на 12-ти месецов ќе ја бодри Шпанија против Македонија во Гранада, а следниот јуни и во Скопје.
Најважниот експонат во мојот музеј е - фотографијата со кралското семејство. За мене тоа беше најголем настан во животот. Со кралот го гледавме финалето на Кралскиот Куп во 1983. година кога Барселона го победи Реал 2-1. После мечот му пријдов на Хуан Карлос и кралциата Софија за да им заблагодарам во името на сите шпански авивачи. Тогаш тој беше принц а сега е крал. Иако важат за луѓе со највисока титула, тие се сосема народни луѓе“.
На 5. јуни 1983. година, кога го видел Маноло, принцот Хуан Карлос го викнал: „Маноло, дојди“. Кадравиот Шпанец со дресот 12 му подарил цвеќа и плакета на кралското семејство со натпис: “За нашиот крал од тапанарот Маноло и сите шпански навивачи“.
Во последните неколку години Маноло е придружба на шпанската фудбалска експедиција. Сојузот му плаќа авионски карти и хотелско сместување, а тој сам купува храна. Го очекуваме догодина, да го заудира легендарниот тапан на „Филип Втори“ во Скопје.