Македонските навивачи кои за Милан 1.000 пати би возеле по 1.000 км дневно

Во нашата рубрка „Навивачи“ од страствените фанови на италијанските екипи ги имавме оние на Јуве, Интер, Лацио и Рома, а сега ви ги претставуваме и Миланистите. Имаат тазе впечатоци од нивното прво европско гостување, надвор од Сан Сиро.

По пауза од три години Милан се врати на Европските натпреварувања. Првата пречка која треба да ја поминат во квалификациите за Лига Европа е романскиот клуб Крајова со кој на првата средба извадија позитивен резултат од 0:1.
 
Крајова ги игра европските натпревари во градот Дробета-Турну Северин кој се наоѓа на српско-романската граница. Мечот се играше в четврток на 27-јули и членови на Milan fans Macedonia се решија за 24 часовна авантура. Од стадион право на работа.

Ова е нивната репортажа која ни ја испратија:
 
Да се бодри својот омилен клуб во живо - одлично искуство. Тоа да биде на гостување во европските купови - непроценливо чувство. Да се навива на иста трибина со Curva Sud - исполнување на сон!
 
После ждребот за третото квалификациско коло за ЛЕ, имавме помалку од 10 дена да се организираме и за првпат организирано да го следиме клубот надвор од San Siro. Кога добивме потврда за билетите, превозот и останатата логистика беа помал проблем. Олеснителна околност беше и местоположбата на Дробета-Турну Северин, градот кој со својот симпатичен стадион е домаќин на европските натпревари на CSU Craiova. Само 440 километри од Скопје до Северин - бевме едногласни дека е изводлива варијанта за со автомобил.

Во Северин стигнавме околу 17:00 часот по романско време. Имавме уште 4 часа до натпреварот. Збирното место на сите гостински навивачки групи од цел Балкан беше хотелот Континентал. Таму не пречека Милан од регионот, но навистина не очекувавме толку голема група. Не имаше од секаде: Македонија, Романија, Бугарија, Србија, Босна, Црна Гора...

На 2 часа до натпреварот пристигна група од 50тина членови на Curva Sud и тоа беше знак дека вистинската навивачка забава може да почне! Ни кажаа дека е договорено 30-минутно кортео од едниот крај на градот до другиот, каде што беше Stadionul Municipal. Кортеото беше посебно доживување! Цел град беше на нозе.

Откако прописно не истресоа, се сместивме во Сектор 15. Го развиоривме нашето знаме и го поставивме веднаш до неколкуте на Curva Sud и на останатите фан клубови. Сè уште се работеше на декорирање на трибината кога настана првата галама - Marco Fassone и Massimiliano Mirabelli, главните архитекти на преродбата на клубот дојдоа да ги отпоздрават навивачите кои поминале стотици километри за да го следат првиот меч од натпреварувачки карактер на новиот Милан. Вистински потег!

 
Натпреварот почна, почна и навивачката песна, диригирана од Curva Sud. Нема да бидам субјективен ако кажам дека во периоди од натпреварот, посебно после голот на Rodriguez, ние 500-600 миланисти бевме погласни од 20,000 домашни поддржувачи. Ги поздравивме и дел од новите засилувања кои не беа статери, се загреваа точно пред нашата трибина.

Натпреварот заврши, Милан победи и ја оствари целта (иако не со убедлива игра како што веројатно се очекуваше), а фештата на нашата трибина не заврши. Цел еден час откако ги поздравивме победниците, во очекување да се испразни стадионот, Сектор 15 сè уште славеше.

Извозевме скоро 1000 километри. Од текот на тие 24 часа, дури 14 ги поминавме на пат. Некои од нас заминаа на работа директно од натпревар :) Но за Milan, да се биде со клубот во Европа и згора на се, да се навива заедно со Curva Sud, би го повториле истото уште 1000 пати! Неповторливо уживање!
 
FORZA MILAN!!!
31 јули 2017 - 15:30