Веројатно татко ми како осведочен звездаш и некој што ме учел цело детство да го продолжам процесот “од колено на колено”, да дознае дека сум напишал текст за Партизан или било што поврзано со него, би се одрекол од мене јавно преку весник. Ама, сепак мојата објективност мора да оди над тие меѓусебни колорофилни препукувања, па нема да ми биде проблем да напишам збор-два за нешто што веќе 3-4 години го следам и секогаш успева добро да ме извади од патики, секако во добра смисла.
Група ЈНА, кратко и јасно: навивачки бенд оформен некаде 2010 година сосема спонтано од другари Гробари кои сакаат музички да ја воскреснат јужната трибина на некогашниот армиски стадион сега во сопственост на ФК Партизан. Навивачката трибина ги разбира нивните песни кои по дифолт заради панк/рок жанрот се полни со енергија, викање, урлање, бучава, но исто и емоции, љубов и страст како двигатели на секоја посериозна трибина. По лошите работи и поделбата на “Забранети” кои почнаа да одат на исток и “Гробари кои останаа на југот” предводени од подгрупата “Алкатраз”, на црно-белите навивачи им требаше еден ваков обединувачки момент за да се вратат во колосек. Како кец на десетка дојдоа овие неколку момци кои пред сè со ентузијазам се трудат да ги забавуваат своите истомисленици, а потоа од тоа да направат и некоја кариера за самите себеси. Во суштина, не се работи за ништо посебно: гитара, бас, вокал и тапани + 5000 навивачи пред тебе кои ти ги знаат песните. Во пракса, тоа може да се протолкува како нешто навистина тешко бидејќи од навивачите нема да најдеш поголеми цепидлаки, пребирливи и сој на луѓе кој за секоја работа ќе си дозволи да каже: “не чини ова, дај друго нешто”. Епа тука такви нема, или барем не ги гледаме. И тоа е она што веројатно ги турка напред сите работи. Се работи креативно, секој си ја знае задачата, клубот не се меша бидејќи целата екипа е независна. Резултат: маса луѓе кои се поистоветуваат со новиот бран на гробарство, позитивна атмосфера, преполни клубови кога настапува бендот и секако литри и литри вињак и пиво додека се слави некоја нова победа или титула.
Досега момците имаат издадено два албуми со по 15тина песни од кои добар дел се преработки на некои доста популарни светски ствари, ама има и такви кои се 100% авторски. Текстовите се оригинални, а добро знаеме дека е многу тешко да се протне оригиналност кај навивачката тематика. Зошто? Бидејќи е ограничен просторот: можеш да бираш помеѓу теми како љубов кон твојот клуб, величање на сопствената трибина, да правиш екскурзија со некои нови моменти кои тешко дека ќе наидат на одобрување кај останатите, или пак да ги плукаш и пцуеш конкурентите. Група ЈНА за среќа последново не го практикува, а во однос на другите тематики прави еден пост-панкерски микс давајќи му нова нота на целиот навивачки циклус. За што зборам еве и пример, синглот кој е преработка на култните Pink Floyd.
Да се биде различен од другиот, да се направи повисок стандард, да се биде прв во нешто кое кај сите ќе наиде на одобрување. Во општество кога она што се случувало пред 70тина години на овие простори се миноризира, тие излегуваат со стих "ми смо деца (П)партизана" и малку по малку влегуваат во социолошко-историска синтагма нудејќи ни две можности за бирање: деца на Партизан или на партизаните? Секако, како група што се врти кон спортската приказна и нуди излез од секојдневните политички бранувања, одговорот е секако оној со големата буква.
Кога би требал да бирам омилена песна од нив секако дека тоа би била оваа:
Инаку ова е преработка на песна од хрватскиот бенд ФИТ, и се води доста остра контра-политика од страна на градските ривали “Делије Север” (или популарно наречени Цигани) кои играјќи на картата национализам, српство, четништво и слично, си најдоа за сходно да ги зафркаваат црно-белите дека се Хрвати. За волја на вистината овие такви какви што се многу и не се потресуваат која е и чија е песната, туку гледаат на нив да им е убаво. Прави хедонисти на некој начин, без некои измислени правила и кодекси туку единствено позитивни вибрации, хаос во публиката кога се пее и широки насмевки на лицата.
Хемијата која може да се направи помеѓу играчите и навивачите знае да биде клучна за освојувањето на трофеите. Ако тие 11 на теренот знаат дека има некој што би дал сè за нив, ако знаат дека еден потег или гол ќе смени многу животи и ќе израдува многу срца, тогаш и сами ќе стават прст на чело кога ќе излегуваат на теренот. Едно е чувството кога имаш илјадници луѓе што ќе дадат се за тој еден гол, а друго е кога се игра пред празни трибини. Токму бендот во последните години беше оној линк помеѓу трибината и играчите давајќи му еден нов шмек на целиот ритуал на навивањето. За нивна среќа Партизан е доминантен во последните 7-8 години и навистина е добро да се види дека има хемија, дека играчите не играат само за нивната плата, дека навивачите знаат како да се радуваат на секоја победа.
Олд-скул шмек, оригинални текстови за голема почит, полна трибина на нивните славенички настапи при освојувањето на титулите, преполни клубови и ресторани кога настапуваат во другите градови. На балканската навивачка сцена и требаше нешто вакво и се надевам дека ќе продолжи успешно целата приказна. Досега горе-доле секоја навивачка група имала по некој сингл со домашен бенд, било да е рап,рок или поп. Ама ваков континуитет и пред се убава приказна со глава и опаш, не сум сретнал кај никого. Секако, ова е домашна задача за оние музикални луѓе кои секоја трибина ги има, а кои би можеле преку својата креативност да направат нешто повеќе за својата група и нормално за својот клуб. Дотогаш, ќе одиме само на црно-бело рандеву.
Il Consigliere претходно ни пиша за навивањето во Македонија и навивачките групи.