Актуелниот европски шампион Ливерпул е на добар пат во одбрана на титулата во Лига на шампиони. Ако се погледне како играат нивните конкуренти, а како мелат „црвените“, тогаш јасно е дека Клоп и бандата лесно би можеле да кренат нов пехар.
Во тој поход, лидерот во Премиер лигата има сериозен ветер во грб од своите навивачи кои илјадници одат на гостувања ширум Европа. Така беше и во Неапол, а така беше и синоќа во убавиот белгиски град Генк.
Ама меѓу стотиците скаузери (жаргон за навивач на Ливерпул), двајца од нив ја зезнале работава.
Кога тргнале да чекираат авионски карти, во полето за дестинација го барале Гент наместо градот Генк. Фино лепо си уплатиле карти (150 повратна авионска карта и 70 за влезница за стадион), а што е поинтригантно, ни кога слетале не сфатиле дека утнале. Си тргнале со куферите, ама им било чудно што нема ниеден црвен шал ни песна да се ори по аеродромот.
На точно 32 минути пред почетокот на мечот Генк - Ливерпул ја откриле грешката. Платиле 150 евра авион и 70 евра карта за да на крај го гледаат мечот на телевизија во извесен Селтик Таур Паб во Гент. Искрено и од срце се изнасмеале со домаќинот на пабот, а клубот Гент ги поканил да бидат гости на вечерашниот дуел од Лига Европа против Волфсбург.
Неодамна, после ждрепката за групите во ЛШ, официјалниот Твитер на Наполи му посака добредојде на Гент, наместо на Генк.
Thanks for the invitation @sscnapoli but you probably mean @KRCGenkofficial 🙃 #UCLdraw #UCL https://t.co/sFORYt5tQL
— KAA Gent (@KAAGent) August 29, 2019
Интересно, ова не е првпат навивачи на Ливерпул да промашат рута. Еднаш наместо во француски Лил, завршиле во некое мало селце Лил на белгиско-француска граница.
Сега некој од УЕФА треба да нагласува догодина за Европското каде е Bucurest, а каде Budapest.