На 7. јули годинава, телото на Рафаело Бучи беше пронајдено под не баш славниот мост/виадукт на самоубиствата “Viadotto dei suicidi”.
Ден претходно, на 6-ти јули Бучи бил испрашуван во полицијата која што ја истражувала поврзаноста меѓу фудбалот и организираниот криминал. Виадуктот Фосано е импресивна градба која што го поврзува Торино со Кунео, град оддалечен 100 километри од Франција. Висок е 45 метри. Од истото место во ноември 2000-та самоубиство изврши и Едоардо Ањели, единствениот син на легендарниот Џани Ањели (епски сопственик на ФИАТ и Јувентус).
Животот на Бучи, како и неговата смрт и тоа како го поврзува со семејството Ањели. Иако израснал во Сан Северо (Пуља), градче оддалечено 850 километри од Торино, Бучи како и многу „јужњаци“ кои се селат во богатиот север бил страствен навивач на Јувентус. Растел во времето кога Платини, Баџо, Раванели, Виали и Дел Пиеро ја покоруваа Европа. Јуве бил, по сведочење на еден негов стар другар, негова опсесија.
Бучи бил крстен Рафаело, но сите го знаеле како Чичо. Чичо Бучи. Неговите корени биле од скромно семејство: татко му бил школски чувар а мајка му куќна помошничка. Семејството било многу Католичко и според соседите, многу толерантно. Чичо Бучи од мал бил духовит, забавен, природен лидер. Го запишале во секундарно школо да учи книговодителство. Таму имал блиски другари, бил избран за претседател на класот.
Кога го завршил школото, во средината на ’90-те се преселил во Торино, северо-западен дел од регионот Пиемонте, дом на неговиот сакан Јувентус. Торино е град кој го делат две реки а погледот кон Алпите е величествен. Торино отсекогаш важел за место за богатите, место на луксузни вина, чоколади и ароматични пијалаци (Кампари, Мартини, Чинцано).
Чичо Бучи не нашол работа како книговодител, но имал енергија и волја па брзо навлегол во примамливиот свет на продажба на карти. Почнал да купува и продава карти за другари и за другари на другарите. Брзо станал човек од доверба на Juventini.
Навивачите во Италија се познати по нивната страсна поддршка. Првите ултра групи биле основани во доцните ’60-ти години кога навивачи на Милан, Интер, Сампдорија, Торино и Верона формирале понекогаш насилни групи.
Оригиналните ултраси често доаѓале од крајната десница или од крајната лево-крилна партизанска герила (“Brigades”, “Fedayn”, “Commando”). Со текот на времето хулиганизмот растел, па имињата станале англизирани (“Fighters”, “Old Lions”, “Boys”, “Deranged”, “Out of Our Heads”). Неофицијално во Италија има околу 382 ултра групи од кои 40-ина се десничарски а 20-ина левичарски.
Чичо Бучи наскоро влегол во групата позната во светот под името Drughi. Ова име е земено од младите брутални насилници од филмот Droogs of A Clockwork Orange („Пеколен портокал“ од Стенли Кјубрик) кои се познати по развратно насилство и бруталност.
Логото на групата Drughi се состои од четири силуети со палки и шешири исцртани на бела или портокалова позадина. Постерот на Бенито Мусолини стои на вратата од приватниот клуб на членови на Drughi во Мирафјори којшто се наоѓа на три автобуски постојки од крајот на торинското метро.
Во свет на измами и нелојалност на играчи и газди, ултрасите се гледаат себеси како единствениот верен елемент на клубот. Тоа го привлекло и вниманието на Чичо Бучи.
Но ултрасите секогаш имаат и темна страна. Секогаш биле во центарот на најголемите насилства на трибините во последните 50 години или се инволвирани во нелегален бизнис: тапкање, препродавање на карти и дрога.
Чичо на почеток не ја видел таа темна страна. Тој живеел пристоен живот, заработувал од полу-легалната продажба на карти. Таквата работа ја гледал како чекор до исполнување на сонот еден ден да работи за славниот Јувентус. Како и многу други клубови во Италија, така и односот меѓу Јувентус и неговите ултраси не бил отворен судир туку таен компромис.
Во замена за сигурен, безбеден и полн стадион, Јувентус ги помагал ултрасите да прават по милиони евра годишно. Кога Чичо првпат дошол во Торино во ’90-те години, ултрасите биле најмоќни од кога и да било. Можеле да стопираат трансфер на играч кој не го сакаат (на пример мала анти-семитска фашистичка групација ултраси на Удинезе, го стопирала трансферот на Израелскиот напаѓач Рони Розентал) или пак продажбата на Бепе Сињори од Лацио во Парма и повикот за бојкот кога цел стадион беше празен и го чинеше Лацио милиони евра.
Со растот на влијанието на ултрасите растела и бројката на повредени од инцидентите на и надвор од стадионите. Во сезоната 95/96 имало 400 повредени а во 1999/2000 околу 1.200 повредени навивачи.
Улиците, ѕидовите и зградите ширум Италија се ишарани со графити и последни поздрави до загинати навивачи: Клаудио Спањоло (избоден на пат кон стадион), Винченцо Папарели (кој умре откако беше погоден со наутичка ракета од спротивната трибина), Антонио Де Фалки (најпознат навивач на Рома кој го убија навивачи на Интер на железничка станица), Антонио Куро’ (убиен кога навивач на Катанија фрлил рачно направена бомба меѓу тифозите на Месина), Серџо Ерколано (фрлен од трибина во 2003-та)...
Позната е и сцената од римското дерби кога се проширила вест дека наводно полициско комбе удрило и усмртило дете надвор од стадионот. Тогаш ултраси на Рома во кожни јакни се симнаа на теренот и бараа од капитенот Тоти мечот да не се продолжи: „Ако играме, ќе не убијат, што да ви кажам“, им рекол Тоти на тренерот и соиграчите.
Некои во светот на ултрасите не се навивачи туку просто криминалци кои се надеваат на брза и лесна пара. Во еден разговор кој го прислушкувала полицијата еден ултрас го прашал другар му ќе одиме ли на стадион во недела, на што овој му кажал: ’Ако направиме пари, ќе одиме, иначе кој кур бараме таму’?
Но никој не можел да му ја оспори лојалноста на Чичо Бучи кон Drughi и Јувентус. Толку добро му одела препродажбата на карти што добил плакета со златна ѕвезда во приватниот клуб на Drughi.
Во 2004-та Бучи се запознал со Габриела, девојка од Кунео. Се земале и добиле машко дете. Живееле во Беинет, селце близу Кунео. Ова место било познато по мешавината на земјоделци и индустријалци близу падините на Алпите.
Бучи редовно патувал меѓу Беинет и Торино, еден час патување. Во Торино имал мал стан близу стадионот на Јувентус и буквално цело време зборел на мобилниот. Жена му подоцна изјавила дека мобилниот му ѕвонел нон-стоп и дење и ноќе од луѓе кои барале карти.
Бучи можеби бил главен за карти, но никогаш не бил ’Човекот’. Тоа бил Дино Мочиола, лидерот и главен водач на Drughi, којшто поминал цели 20 години во затвор за вооружен грабеж и убиство на полицаец. Само неколку луѓе биле блиски со Мочиола: Кога го ослободиле од затвор во февруари 2005-та, тој добил забрана за натпревари, така што за разлика од другите лидери од нега нема многу фотографии, поточно има само една кога бил уапсен во 1989. година.
Мочиола никогаш не користел телефон. Ниту со неговите адвокати, кои подоцна раскажувале дека не знаеле како да го најдат. Но меѓу сите ултраси во Италија бил најмногу ценет. Откако ја отслужил казната, сите противнички групи на своите трибини вадеа пароли: „Ciao Dino. Bentornato” („Здраво Дино. Добредојде назад“).
Додека Дино Мочиола бил во затвор, влијанието на Drughi на трибината опаѓало а борбата за престиж и бизнис интереси била се поголема. „Доминацијата на curva е злато вредна. Значи соработка со клубот, бесплатни карти, услуги, пари, патувања, сместување“, вели еден италијански новинар.
Со излегувањето на Мочиола од затвор, почнал и судирот за превласт на трибината. Во април 2005-та, еден ултрас од ривалската фракција Fighters бил избоден со нож. Судирот меѓу овие две групи за превласт траел повеќе од една година: Во летото 2006-та, двајца од Drughi меѓу кои и Мочиола биле избодени а 50 навивачи уапсени. Од тогаш Мочиола ја вратил власта и моќта врз трибината и бил прогласен за некрунисан „крал“ на Curva-та.
Затоа што Мочиола бил доживотно казнет за присуство на фудбалски мечеви, морал да најде „заменик подофицир“ кој е близок и со ултрасите и со управата. Чичо Бучи стоел добро со сите а посебно со управата (понекогаш спиел во станот на Стефано Мерула, главен во клубот за продажба на билети). Чичо бил совршен кандидат.
Бучи бил близу до сонот. Блиску до својот сакан клуб и неговите навивачи. „Кога Чичо се враќаше на Југот, секогаш зборуваше за Габриела и син му, ни покажуваше фотографии со нив“, се сеќава еден другар на Рафаело Чичо Бучи.
Но идилата не траела долго. Години и месеци френетичен и хаотичен живот и доцни вечерни повици и враќања од Торино и биле доста на неговата жена. Чичо ретко бил дома и според сестрата на Габриела, секогаш се карале пред синот. Габриела не сакала кога Бучи го зема малиот со него во градот и се враќаат доцна.
По извесно време Бучи купул мал стан во Маргарита, соседно село со симпатична црква и средовековен замок. Неговата позиција „човек во сендвич“ меѓу легитимниот и криминалниот свет била се потешка. Во 2007. година младиот полицаец Филипо Рачити беше убиен во тепачката меѓу полицијата и навивачите на Катанија.
Од тој момент, италијанските власти решија да удрат тупаница во масата и жестоко да се спротивстават на насилството во фудбалот. Сите мечеви беа суспендирани на една недела, а строгите мерки забранија: знамиња, тапани, мегафони, пиротехника. Знамињата и паролите мораше да бидат одобрени од клубот, а камери беа инсталирани на секоја трибина.
Јувентус тогаш имаше многу причини насилството да прекине. Клубот само што го откупи стадионот „Деле Алпи“ од градот и почна план за изградба на нов со капацитет од 42.000 седишта. Безбедноста им беше многу важна а штетата од евентуални казни ненадоместлива.
Од таа причина управата им угодувала се на ултрасите. Продажбата на карти одела преку нивна агенција. Правиот мед лежел во сезонските карти. Законот налагал едно лице да може да купи само четири карти за еден натпревар или една сезонска карта. Тогаш ултрасите оделе по целиот град и барале лични карти, кои ги фотокопирале и ги дуплирале со цел да може да купат повеќе влезници.
Ако некој сопственик на сезонска карта не може да оди на меч на Јувентус, препродавачите ја продавале со „ко да више“ наддавање. Цените стигнувале и до 100 евра, а годишната заработка на ултрасите била околу 1 милион евра. Редарите на влезовите најчесто се и самите ултраси, а оној којшто не бил нивен бил свесен дека ако прави проблем при влез, надвор стојат ултраси и го чекаат.
„Компромисот беше добра солуција за сите. Знаев дека прават бизнис, но ситуацијата беше под контрола“, изјавил во полиција еднаш Стефано Мерула, шефот на одделот за продажба на карти во Јувентус. „Старата дама“ освои пет скудета од 2011 до 2016 така што сите биле мирни а семејството Ањели било сметано речиси за кралска фамилија во Торино.
Во меѓувреме ултрасите правеле сериозен профиот. Со продажба на околу 300 карти за еден меч или 300 сезонски карти (50 евра за влезница) за преку 40 натпревари во сезоната значи огромен годишен профит. Одлични пари за мал ризик (препродажбата на карти во Италија не е кривично дело, туку “illecito amministrativo“ и следува парична казна).
Таквиот профит и западнал во љубоморното око на мафијата.
Калабриската мафија ’Ндрангета со седиште на „штиклата“ од „чизмата“ во Италија важи за една од најозлогласените по историската Коза Ностра. ’Ндрангета е позната по: илегално кладење, рекет, изнуда, уцени, мито и корупција. Пиемонте, богатиот реон и срцето на италијанската индустрија бил магнет за Калабриската мафија.
Во 2013-та, двајца значајни членови на овој клан биле предмет на истрага на анти-мафијашките истражувачи: Салверио Доминело и неговиот син, Роко. И двајцата бил дел од моќниот Росарно клан кој изнудувал пари во малите градови меѓу Торино и Милано.
Набрзо Роко Доминело, кој важел за еден од најопасните мафијаши во Италија решил да вмеша прсти во препродажбата на карти за Јувентус. Основал ултра група “Gobbi” („Грбавите“) кои своето „деби“ ќе го имаат на дербито против Милан на 21. април 2013-та.
Ден претходно водачот на Drughi, Дино Мочиола се сретнал со таткото и синот Доминело. Се сретнале во едно кафуле во селото Монтанаро каде Дино дошол со нов џип BMW а Калабријците со FIAT 500, познати по тоа што не сакале да се експонираат во јавноста. Ја договориле поделбата на пленот.
Роко Доминело брзо станал влијателен и меѓу управата на Јувентус и меѓу разните ултраски фракции. Го запознале и со Стефано Мерула (шефот на одделот за карти на Јуве) и со Алесандро Д’Анџело, шеф на обезбедувањето во Јувентус.
Д’Анџело бил син на омилениот шофер на легендарниот Џани Ањели на времето. Откако станале блиски, Д’Анџело му кажал на Доминело дека групата Viking добива помалку карти за препродажба а на прислушкуваните разговори се слуша како Калабриецот му вели: ’Ти кажав, се плашат од нас, кај смеат да кренат глас’.
Во јануари 2014-та година еден швајцарски државјанин се пожалил на клубот Јувентус дека платил 620 евра за карта која што чинела 140 евра. Внатрешната проверка во клубот покажала дека картата се водела на името Роко Доминело.
Истата година, за дербито Јувентус - Торино, Мочиола побарал мобилизација и сериозни навивачки напади кон противничката „Граната Торино“ со цел да покаже сила во хиерархијата и да исползува повеќе карти за препродажба. Дино сакал Drughi да добиваат повеќе карти по поевтина цена. Во исто време влијанието на Чичо Бучи опаѓало и навивачите почнале да го сметаат за агент инфилтриран меѓу нив.
На 25. ноември 2014-та година, полицијата и истражувачите растуриле една криминална група водена од 39-годишниот Андреа Пунторно, Сицилијанец кој живеел во Торино. Го уапсиле поради организиран шверц на кокаин и хероин од Сицилија и Албанија. Пунторно бил лидер на уште една ултрас фракција Bravi Ragazzi. Од 2004 до 2001 тој пријавил заработка од само 2.600 евра годишно а поседувал куќи, викендици, автомобили и мотори.
Со неговото апсење почнало да се одмотува клупчето околу врската меѓу криминалот и ултрас групите. Неговата сопруга била уценувана и застрашувана, поради што решила да проговори во полиција. „Андреа ги раководеше сезонските карти. Овој бизнис го водеше долги години а цената на билетите одеа од 30 до 100 евра. Плус Bravi Ragazzi имале и монопол врз продажбата на официјални шалови, маици, капи и дуксери од Јувентус.
Под голем притисок, Чичо Бучи решил да се врати во родниот крај и цела сезона 2014/2015 седел во Сан Северо. По извесно време управата на Јувентус сфатила дека единствено со него може да соработува поради што го вработуваат во одделот за продажба на карти. Во тоа време клубот бил под разни притисоци и уцени од разни криминалци кои сакале нивните компании да добијат работа во изградбата на новиот стадион на Јувентус.
На 1. јули годинава Роко и Саверио Доминело и уште 13 други биле упасени под обвинение за разни криминални работи. Доминело и син му уште се во затвор каде што го чекаат судењето. Андреа Пунторно бил обвинет за шверц на дрога но подоцна го ослободиле со кауција од 500.000 евра.
На 6. јули Чичо Бучи бил повикан во полиција на информативен разговор како „сведок на некои факти“. Транскриптот од разговорот покажува дека Чичо не оддавал никакви знаци на страв или чај. Еден од инспекторите изјавил дека Бучи бил смирен и духовит.
„Не негирам дека добиваме карти. Но Јувентус не ни ги дава, туку ние земаме кредит за да ги купиме и плаќаме на време“, рекол Рафаело Чичо Бучи во полиција.
Истата вечер се јавил кај поранешната сопруга да и се извини неа и на синот затоа што недоволно ги почитува. Таа не разбрала зошто е таков а тој кажал дека е „тотално параноиден“. Бил 100% сигурен дека ќе ги уапсат и дека ќе мора да ја продава куќата.
Се јавил повторно во 11:30 следното утро и кажал дека ќе оди на работа. Половина час подоцна скокнал од фамозниот виадукт. Така покажала истрагата, иако двајца работници кои биле сведоци рекле дека се сигурни дека Чичо не се самоубил.
На крајот Чичо Бучи, човекот кој отсекогаш го сакал Јувентус бил „жртвено јагне“. Се нашол себе заглавен не само меѓу Јувентус и неговите ултраси, туку и меѓу полицијата и Калабриската мафија. На крајот не гледал друг излез од одземањето на својот живот.
Via: The Guardian