Во новата фудбалска сезона од македонската прва лига, слободно може да кажеме дека една од најдалечните дестинации за гостување е од Битола (Пелистер) до Кратово (Силекс), растојанние од 205 километри. На овие две екипи ќе им треба околу 3-4 часа со автобус да стигнат од едниот во другиот град.
Оваа те(пробле)матика нè натера да истражиме кои се најдалечните гостувања на два клуба од иста лига во светот:
МОСКВА - ХАБАРОВСК (Русија): 8.304 километри
Како што споменавме во воведот, Манчини и неговиот тим Зенит од Санкт Петербург ја отворија новата сезона со победа од 0-2 на гости во Хабаровск против новиот прволигаш СКА. За да играат на стадионот „Ленин“ Зенит поминал 6.200 километри, секако со авион. Ова не е никаква новост ако се знае на колкава територија се простира Руската Федерација, но гостувањава едноставно „болат“ особено за клубовите од престолнината кои треба да поминат 8.304 км за кои со авион им е потребно околу 7 ипол часа. А летови има нон-стоп. Пеколен пат ги чека и фудбалерите на Краснодар кога ќе треба да играат против новиот прволигаш СКА (и нив кон Краснодар) - 6.882 километри растојание.
ЧАНГЧУЕНГ - КАНТОН (Кина): 2.552 километри
Во кинеската Супер лига играат многу познати фудбалски ѕвезди кои се преселија таму после астрономските понуди кои ги добија. Заработуваат толку многу што им е гајле ако треба да патуваат „две недели“.
Како на пример кога играат Чангчуенг Јатаи со двата клуба од Кантон - шампионот Гвангжу Евергранде и нивните сограѓани клубот Р&Ф Гвангжу. Има директни летови меѓу двата града а патот трае околу 4 часа. На навивачите кои ќе се решат да одат на гостување во еден од овие два града, со кола им требаат 30 часа за да поминат 3.075 километри, растојание за кое со воз би требало цел еден ден.
Но во Кина има и полошо: во Серија Б, четврта година по ред дуелот меѓу екипите на Урумчи (на сама граница со Тибет, Русија и Монголија) и ШенЖен од Хонг Конг има цели 4.321 километар, па оди ти глуми ултрас.
АРИКА - ПОРТ МОНТ (Чиле): 2.569 километри
Се селиме во Чиле и тамошната втора лига Примера Б. Кога меѓу себе играат екипите Клуб Депортиво Сан Маркос де Арика и Депортес Пуерто Монт, навивачите мора да поминат од едниот крај на земјата кај Тихиот Океан па се до Кордиљерите кај Андите - цели 2.569 километри!
За да се помине овој пат со авион потребни се 5 часа а правите и храбрите авантуристи би тргнале со автомобил и за да стигнат пред почетокот ќе им треба 32 часа возење. Програма за возен ред - нема.
СПОРТ РЕСИФЕ - ПОРТО АЛЕГРЕ: 2.979 километри
Овој пат е посебно актуелен во бразилските фудбалски лиги особено што и двата града имаат неколку клуба: Спорт Ресифе, Наутико и Санта Круз од една страна, Гремио и Интернасионал од дрга страна.
И двата града лежат на самиот Атлантски Океан, важат за главни градови на државите Пернамбуко и Рио Гранде до Соул. Да отидете од едниот стадион до другиот ви требаат челични нерви: 3.838 километри треба да пројдете во два дена (се проаѓа низ безбедносно-ризични зони). Порто Алегре се наоѓа на 400 километри до границата со Уругвај. Патот со авион трае 5 часа со бизнис класа.
Во минатото бразилскиот фудбал имаше и дуел меѓу Форталеѕа и Кричума, екипи кои ги делат 4.000 километри! Па „ко воли-нек изволи“.
ВАНКУВЕР - ХЈУСТОН: 3.187 километри
Major League Soccer или попозната како МЛС фудбалската лига на САД го нуди мечот меѓу Вајткапс и Динамо, две екипи од Западната фудбалска Конференција. Овој меч бележи една линија од Британска Колумбија во Канада до најнаселениот град во САД, Тексас. До 2014 година Хјустон бил дел од Источната Конференција.
За да одиграат првенствен меч овие два клуба, ако едниот клуб се реши да тргне по пат на земја би им требало 37 часа за да поминат 3.980 километри. Со авион стигнуваат за 4 ипол часа.
Во 2016-та година Торонто и шампионот на САД, Сиетол поминувале по 3.326 километри воздушна линија, а страшно напорно гостување било и кога играле Њу Ингланд Револушн и Лос Анџелес Галакси во сезоната 2014-та кога биле дел од иста лига - 4.157 километри.
МЕДАН - ЈАЈАПУРА (Индонезија) - 4.719 километри
Следна етапа ни е Индонезија, фудбалско првенство каде играат екипите на Медан и Јајапура односно клубови од градовите Западна Суматра и провинцијата Папуа од Западна Нова Гвинеа, водена административно од азискиот дел. Политичко-географската дистанца го прави овој меч најтежок за гостување за играчите и навивачите.
Ако некој се реши да оди на ова гостување со кола+траект ќе треба да помине преку 6.000 километри за околу 258 часа возење без престан.
Не постои директен лет така што со преседување во други места должината на летот од Медан во Јајапура трае 9 ипол чса. Клубот од Папуа којшто игра на стадионот Мандала (30.000 седишта) е најтрофеен клуб во Индонезија.
ПЕРТ - ВЕЛИНГТОН (Австралија): 5.259 километри
Каква би била листава ако ја немаше Австралија меѓу најдалечните гостувања за фудбалските екипи од светот. На пример кога играат Перт Глори и Феникс, два тима од А-League чии градови се од западна Австралија и Нов Зеланд.
Од 2007 година, Велингтон ги замени Најтс (Оуклнед) како единствена ново-зеландска екипа во првенството на Австралија составено од 10 екипи. Тука нема сомнеж: Единствена разумна и постоечка варијанта е воздушната линија, авионски лет кој трае 9 часа и преседува барем еднаш.
Перт е фудбалски клуб којшто два пати во историјата станал државен првак и тоа во 2003 и 2004 го кревале пехарот во National Soccer League. Од појавувањето на новоформираната A-League Перт во 2005. Перт не освоил ниту една титула.
Замислете да треба да го прекинат постот на гостување во Велингтон.
ЕДМОНТОН - ПОРТО РИКО: 5.626 километри
Се враќаме кај Америките, поточно во Северно-американската фудбалска лига (NASL) односно втората лига (прва е МЛС).
Веќе две години во оваа втора лига играат Канаѓаните од Алберта и Порториканците од Бајамон, клуб од остров којшто треба да стане дел од САД: На референдумот во 2012 61,15% од населението позитивно се изјасниле на прашањето дали сакаат да станат 51 држава на САД.
Од канадскиот мраз до Карибите патот е единствен: само со авионски лет кој трае 11 ипол часа и кој треба да го пројде екипа од Едмонтон за да игра против екипа од Бајамон.
Што е интересно, и двата тима славеле кога играле дома: Едмонтон 2-1 на првиот меч, а Порториканците победиле 3-0 на островот кај нив. Толку многу се далеку едни од други географски а толку близу на дното на табелата.