Тони Паркер влезе во Куќата на славните на НБА

Четирикратниот НБА шампион и еден од најдобрите во историјата заслужено доби свое место меѓу великаните, во Куќата на славните на НБА во Спрингфилд. Заедно со Грег Поповиќ, Ману Џинобили и Тим Данкан се симбол на едно преубаво време на трофејните Спарси.

Францускиот ас конечно ќе зачекори таму каде што се великаните, најголемите легенди на светската кошарка. Тренерски и играчки.

Џинобили и Данкан одамна станаа дел од Куќата на славните, а сега дојде ред и на Паркер кој претходно присуствуваше на нивните славни моменти.

„Што научив од Тими и Ману е само да бидеш свој и да се обидеш да им покажеш на луѓето како се чувствуваш на твојот пат. Многу сакав да ги слушам Ману и Тими што имаа да кажат. И овде гледаш лица кои не ги гледаш многу често, каде ти се отвораат чувствата, за семејството, за родителите, за сопругата, децата.

Ова е нешто што ретко се гледа. Бев со Тими и Ману долго време и беше прекрасно да се видат одново. Дури и за време на повлекувањето на нивните бројки во Спарс, не зборуваа како да се повлекуваат. Но Куќата на славните е последна во која можеш да зборуваш за кариерата и да погледнеш во својата прва љубов. И тоа е толку убаво“, рекол Паркер при влезот во Куќата на славните.

Тони Паркер во 2001-ва година беше избран како 28-ми пик на драфтот од Сан Антонио Спарс. На мала врата стигна во НБА а таму стана еден од најголемите.

Во 2007-ма Паркер стана првиот Европјанин кој освоил МВП награда во НБА финале. Шест пати играше на Ол-Стар натпревар а четири пати беше избран во тимот на сезоната. На шесто место е на вечната листа во НБА по број на асистенции и на 10-то по број на поени.

Паркер одигра дури 18 сезони во НБА од кои 17 во дресот на Сан Антонио Спарс. Тој е најдобар стрелец во историјата на овој клуб кој го повлече неговиот дрес со број 9.

Тони ја водеше и Франција до европско злато во 2013-та кога стана МВП а Французите за првпат станаа европски прваци. Во 2015-та стана најдобар стрелец во историјата на Европските првенства. Играше професионално и за ПСЖ Расинг како и за АСВЕЛ Лион чиј претседател е веќе неколку години.

Во 2007-ма го добил орденот на Легија на честа, највисок орден за заслуги во Франција. 41-годишниот Паркер сега е прв човек на АСВЕЛ и на женскиот тим Лион.

Има два сина, Џош (9) и Лиам (7) и тие треба заедно со Тони да бидат дел од церемонијата во Куќата на славните која ќе се одржи во петок и сабота.

11 август 2023 - 11:00