Славјето на улиците на Атина за европската титула на Олимпијакос

Кошаркарите на Олимпијакос се нови владетели на европскиот трон откако во големото финале на Евролига после пресврт го совладаа големиот Реал Мадрид 92:85.

Во преполната „ОАКА Арена“ во Атина кошаркарите на Олимпијакос стигнаа до четврта шампионска титула во Евролигата, а прва после долги 13 години без пехар. Последната им ја донесе легендарниот Душан Ивковиќ со Перо Антиќ во составот.

Реал Мадрид имаше водство во голем дел од натпреварот но во завршницата носени од преполните трибини обоени во црвено, кошаркарите на Олимпијакос направија пресврт за конечна победа 92:85.

Еван Фурние беше најефикасен со 20 поени, со 5 скока и 4 асистенции, Алекс Питерс додаде 16 а Саша Везенков имаше 12 поени. Никола Милутинов додаде 8 поени со 8 скока. Кај Реал Мадрид Треј Лајлс уфрли 24 поени од кои дури 21 во првиот дел, со 8 скока. Марио Хезоња броеше до 19 поени со 5 асистенции и 4 скока а Андрес Фелиз 13 поени.

Ова е втор шампионски трофеј на Олимпијакос со Јоргос Барцокас на клупата и интересно втор исто освоен против Реал Мадрид.

На улиците во Пиреја, предградието на Атина каде е домот на Олимпијакос црвено-белите славеле цела ноќ после натпреварот:

27 мај 2026 - 09:02