Во средата напладне се појави вест дека на српскиот тренер роден во Белград му се слошило за време на една вечера во ресторан во Солт Лејк Сити каде Голден Стејт Вориорс требаше да ѝ гостува на Јута Џез синоќа.
Иако првичните информации беа дека Милојевиќ бил итно префрлен на клиника во Солт Лејк Сити и бил опериран, доцна вечерта синоќа стигна жалната вест.
Со шок и неверување ја примија многу кошаркарски работници, тренери, играчи, навивачи. Тренерот на повеќекратниот шампион Мајами Хит Ерик Сполстра веста ја нарекол „ужасна“, а Богдан Богдановиќ, капитенот на Србија и близок пријател со Милојевиќ бил скршен.
Дејан во 2022-ра освои шампионски прстен во НБА со Голден Стејт Вориорс како помошен тренер на Стив Кер.
Богдановиќ после мечот меѓу неговата Атланта Хокс со Орландо Меџик кој Хокс го добиле 106:104 рекол дека размислувал дали воопшто да игра на овој меч и дека го погодила изненадната смрт на Дејан Милојевиќ но дека и самиот Деки не би го сакал тоа.
A moment of silence in the arena for Dejan Milojevic, who coached under Hawks assistant coach Igor Kokoskov on the Serbian national team and also coached Bogdan Bogdanovic in the same capacity. pic.twitter.com/uLcUAzrfUL
— Kevin Chouinard (@KLChouinard) January 18, 2024
Богдан постигнал 12 поени со четири скока и една асистенција а после натпреварот со болка зборувал за омилениот Деки.
„Сешто ми поминуваше низ глава во соблекувална, видов сè... Мислев да не се појавам вечерва зошто не можев да спијам, испаднав од својата рутина но сфатив дека Милојевиќ не би сакал да не играм. Во оваа состојба би ме прашал како сум, би ме водел низ некои работи.
Како и секој друг во Србија, и ние овде не можевме да поверуваме, зошто тој беше ѕвер. Секогаш позитивен. Беше одличнен играч но никогаш не бркаше кариера. Секогаш сакаше да живее семеен живот со неговите деца во убави градови. Никогаш не трчаше по пари, мислам дека тоа е голем пример за секого.
Веруваше дека ако не го сакаш животот, нема да напредуваш во работата. Колку е жално сега кога се гледа колкаво влијание имал на толку многу играчи и луѓе во светот. Едно нешто што никогаш нема да заборавам е дека никогаш не трчаше по кариера“.
Грег Поповиќ, легендарниот трофеен тренер на Сан Антонио Спарс изјавил:
„Беше со нас во 2017-та година. Добар тренер, се докажа со неколку различни тимови тоа лето и после се врати да работи во Црна Гора и Белград. Стив Кер беше многу, многу поврзан со Дејан Милојевиќ. Искрено не го познавав добро, само од тој период од 2017-та. Никогаш не поминавме многу време заедно но разговарав со некои луѓе од Белград и знам дека се девастирани од ова што се случило. Беше тренер со толку светла иднина. Сè го чекаше. Мислам дека ова му беше трета година со Стив Кер и знам дека му одеше сè. Затоа многумина а посебно неговото семејство се скршени од неговото заминување“, рекол Поповиќ.
Адам Силвер, комесарот на НБА изјави:
„НБА жали по ненадејната смрт на помошникот тренер на Голден Стејт Вориорс Дејан Милојевиќ, сакан колега и драг пријател на многумина во глобалната кошаркарска заедница“.
NBA Commissioner Adam Silver issued the following statement today regarding the passing of Golden State Warriors assistant coach Dejan Milojević: pic.twitter.com/Ft6akrEZHr
— NBA Communications (@NBAPR) January 17, 2024
Родениот Белграѓанец работеше многу близу со Никола Јокиќ во Мега и практично тој е најзаслужен што Јокиќ стана МВП и најдобар играч во НБА. Во неколку интервјуа Србинот раскажуваше како Милојевиќ му го сменил менталитетот, начинот на исхрана, тактички го обучил.
Pocivaj u miru deki! 💔💔💔 pic.twitter.com/bdEFpijm8e
— Luka Doncic (@luka7doncic) January 17, 2024
Дејан работеше и со Ивица Зубац кој во меѓувреме стана еден од најдобрите центри во ЛА Клиперс, го направи одличен центар и Гога Битадзе кој отиде во Орландо Меџик, центарот на Хјустон Бобан Марјановиќ и најпосле со Кевон Луни, тешкашот на Голден Стејт Вориорс од кого Милојевиќ избруси еден од најдобрите „петки“ во лигата без кого е незамислива играта на повеќекратниот шампион.
Лука Дончиќ кој беше близок со Милојевиќ на социјалните мрежи напиша:
„Почивај во мир, Деки“.
Стив Кер, еден од најтрофејните играчи и тренери во НБА лигата еднаш раскажал дека за Милојевиќ прво дознал од Кент Лакоб, синот на сопственикот на Голден Стејт Вориорс Џо Лакоб. И во 2021-ва стручниот штаб претрпел некои измени и новитети па Кер решил да го ангажира Милојевиќ кој ја прифатил понудата и стана важна карика во шампионската екипа.
„Веднаш видов за што Кент зборуваше. Во негово (Дејан) друштво беше многу добро. Во исто време тој има неверојатна кошаркарска позадина како тренер и играч. Имаше толку многу смисла во нашата одлука да го донесеме Деки кај нас“.
ТРИ МВП НАГРАДИ ПО РЕД ВО ЈАДРАНСКА ЛИГА
Дејан Милојевиќ кариерата ја почнал во локалниот белградски клуб Беовук, играл и за ФМП и за подгоричка Будуќност.
Милојевиќ беше нарекуван српскиот Чарлс Баркли, интелектуален тешкаш кој умееше да игра на петка и да се спушти на крилен центар. Освои Европско злато во Истанбул 2001-ва со Србија и Црна Гора под водство на Светислав Пешиќ. Со неговата доминантна игра освои награди за најдобар играч во Јадранска лига во 2004, 2005 и 2006. Никола Јокиќ беше МВП на оваа лига во 2015-та, а Дарио Шариќ во 2016-та.
Милојевиќ започнал да тренира кошарка од рана возраст. Еднаш на некој локален натпревар во 1991-ва година како 14-годишен постигнал 141 поен после што луѓето од кошарката се распрашуале кое е тоа дете.
„Ги учев сите мои играчи дека кошарката не е работа, туку дека треба да уживаат во играта, затоа што ако сакаш да правиш нешто во следните 20 години, тогаш треба многу да го сакаш. Не е лесно да ги истрпиш сите тие напори ако нешто не сакаш. Само оние што имаат искрена љубов кон играта, може да истрпат сè со голем успех“, рекол Милојевиќ за едно интервју за радио Босна и Херцеговина во 2018-та.
Пред да стане важен дел од стручниот штаб на Голден Стејт, Милојевиќ стекнуваше НБА искуство како помошен тренер во летната лига во екипите на Атланта, Сан Антонио и Хјустон Рокетс.
„Тој ми беше идол како играч, како човек, како сопруг, како тренер, некој што многу го почитував и ценев. За жал минатата ноќ неговото срце престанало да работи и тој зад себе ги остави жената и двете деца и големо, огромно наследство“, изјавил тренерот на Торонто Репторс Дарко Рајаковиќ.
„Не само што беше екстремно талентиран тренер, тој беше уште подобра личност“, рекол тренерот на Сакраменто Кингс Мајк Браун.
Трогателни зборови упатил и првиот човек на Будуќност Подгорица каде Милојевиќ беше и тренер и играч и многу го следел овој клуб.
„Не постојат зборови со кои доволно би искажале шок, невера и тага, длабоко не погоди веста и тешко се помируваме со тоа дека засекогаш нè напушти нашиот Дејан Милојевиќ. Неверојатен човек, неверојатен соиграч, неверојатен тренер, неверојатен другар, неверојатен татко и сопруг.... Широката насмевка која веднаш од старт го разоружуваше секого“, напишал првиот човек на Будуќност Подгорица Драган Бокан и додал дека тие со Деки заедно ја испишале историјата во АБА лигата кога бил дел од генерацијата која освоила двојна круна во 2001-ва година а после и како тренер на екипата за малку не освоил Еврокуп и АБА лига“.
„Сакаше да остане но со еден услов - да не добие повик од НБА лигата, но баш такво сценарио се случи. И како тренер во најсилната лига и шампион во неа не ја заборави Будуќност. Се јавуваше да види како стоиме, како играме, следеше, онака вистински пријателски... Невозможно е со зборови да се искаже колку ќе ни недостига. Збогум драг мој пријателе. Со посебен пијетет и длабоки емоции ќе носиме спомен на тебе. Додека постои нашиот клуб ќе живее и сеќавањето на Тебе“.
Мечот меѓу Јута Џез и Голден Стејт Вориорс е одложен а тимот од Солт Лејт Сити соопштил дека картите за мечот ќе важат кога средбата ќе се преигра. Прв следен натпревар на Голден Стјет е во петок дома против Далас Маверикс.
Милојевиќ зад себе ги остави сопругата Наташа и децата Никола и Маша. Никола студира на Хаваи каде и тренира кошарка.
„Нивната загуба е ненадоместлива“, рекол Стив Кер, тренерот на Голден Стејт Вориорс и еден од најблиските луѓе на Милојевиќ со кого делеле секојдневница на тренинзи, натпревари и се дружеле надвор од кошарката.
****************************************************************