Се спрема ли историски пресврт во НБА? Бостон намали на 2:3 со Мајами

Откако Мајами Хит поведе со убедливи и речиси недостижни 3:0 во финалето на Истокот, сите ги видоа Џими Батлер и другарите во ново големо НБА финале каде ги чека Денвер. Сите освен Бостон.

Бостон Селтикс по брејкот во Мајами, синоќа во петтиот меч од серијата славеа 110:97 во својата арена „ТД Гарден“ и намалија на 3:2 во серијата, па сега сите опции се можни. Дури и онаа најневеројатната, да станат прв НБА тим во историјата што се вратил после страшна негатива од 0:3.

Досега, пресметаа прецизните статистичари, дури 150 пати екипата која водела 3:0, отишла понатаму во следна фаза.

Селтикс откако го загубија третиот меч, според говороот на телото на теренот како да ја предадоа серијата, но сега се издигнаа од пепелта и се вратија комплетно во серијата.

Дерик Вајт со 24 поен (6/8 за три), Маркус Смарт со 23 поени и дури пет одземени топки, Џејлен Браун со 21 поен и Џејсон Тејтум со 21 поен и 11 асистенции со осум скока беа најзаслужни за ново славје на Селтикс.

Кај Хит, Данкан Робинсон уфрли 18 поени, Бам Адебајо додаде 16 а Хајсмит 15. Потфрли Џими Батлер кој синоќа имаше 14 поени со по пет скока и пет асистенции.

Бостон Селтикс уште во почетна фаза од мечот стекнаа големи 20 поени разлика која што ја одржуваа во поголем дел од натпреварот а во еден момент имаа и +24 на 12 минути пред крајот, така што победникот веќе беше решен.

Мајами Хит со овој пораз пропушти уште една меч топка да закаже големо финале со Денвер Нагетс, а сега психолошката предност е кај Бостон Селтикс а не кај момците на Ерик Сполстра.

Следниот дуел се игра на Флорида кога Мајами ќе има уште една меч топка, пред своите навивачи во ноќта меѓу сабота и недела од 02:30 часот.

Интересно, навивачите на Денвер Нагетс потенцираат дека за нив е подобро да играат со Мајами од причина што ќе имаат предност домашен терен, што не би било случај ако Бостон Селтикс влезе во големото финале затоа што „детелините“ имаа подобар учинок на крајот од регуларниот дел со дури 57 победи.

 

26 мај 2023 - 09:46