Пит Рајли и Ерик Сполстра - маестралните стратези кои со непознати играчи прават чуда

Уште пред седмиот решавачки меч на Мајами со Бостон многумина сметаа дека Селтикс ќе го искористат налетот и моментумот, но прилично анонимните кошаркари на Мајами Хит во кој малку кој веруваше направија голем подвиг. Четири пати го победија составот кој палеше и жареше во текот на цела сезона во НБА.

Триумфот во седмиот одлучувачки меч во финалето на Источната конференција и тоа среде преполна и врела ТД Гарден Арена, го донесоа помалку познати кошаркари, далеку од суперѕвезди, но вредни работници:

Калеб Мартин - 26 поени, 11/16 од игра, 4/6 за три
Данкан Робисон - 10 поени (за 18 минути), 4/6 од игра, 2/3 за три поени
Гејб Винсент - 10 поени
Макс Струс - 8 поени.

Дури и резервистот Хејвуд Хајсмит влезе во втората четвртина и одигра одлична одбрана над Џејсон Тејтум.

Дури 58 поени од недрафтувани играчи! Заедно со лидерот Џими Батлер постигнаа 86 поени. Цел Бостон во седмиот меч имаше 84 поени.

МАЈАМИ ХИТ Е ТОТАЛНО НЕСФАТЛИВА ЕКИПА, ЈОКИЌ ЗА НИВ ВЕЛИ ДЕКА СЕКОГАШ ИГРААТ НА КРВ И НОЖ

На почетокот на минатогодишниот плејоф лани Мајами неочекувано влезе од прво место на Истокот. Зошто неочекувано?

Мајами Хит во сезоната 2021/2022 стана само четврта екипа во историјата на НБА која користела најмалку пет недрафтувани играчи во 65 НБА сезони. И само Мајами при таква ротација имал позитивен учинок.

Интересно и лани јаки битки во завршницата на плејофот, поточно во полуфинале на Истокот Бостон и Мајами водеа големи битки. Тогаш Џими Батлер промаши за три на крајот од седмиот меч и Бостон влезе во финале каде беше послаб од Голден Стејт Вориорс.

Сезонава и во третиот меч од полуфиналната серија против Селтикс, гореспоменатите анонимуси собраа дури 81 поен или дури три пати повеќе од страшното трио на Бостон Тејтум-Браун-Хорфорд (сите тројца трети пикови на својот драфт).

ПЕТ РАЈЛИ ОСНОВОПОЛОЖНИК НА УСПЕСИТЕ НА МАЈАМИ

Во 1995-та година генијалниот Пет Рајли стана претседател и тренер на младиот клуб Мајами Хит. Неговото бурно раскинување со Њујорк Никс по факс станало причина за правна војна каде тој добил милион долари компензација и голем лут ривал во кариерата.

Пет Рајли тогаш стекнал целосна контрола над кошаркарските операции во Мајами Хит. Први ѕвезди на екипата станаа Алонзо Морнинг и Тим Хардавеј. Во следната сезона 1996/1997 Мајами Хит стана најразвиен клуб и прв во својата конференција. Стигнаа дури до големото конференциско финале каде изгубија од Чикаго на Џордан а Пет Рајли стана тренер на годината.

Во разно време Мајами Хит во својот состав привлекуваше секогаш многу ѕвезди: Еди Џонс во 2000-та година, Шекил О’Нил во 2004, Леброн Џејмс и Крис Бош во 2010-та, Реј Ален во 2012, Џими Батлер во 2019.

Стратегијата беше и повеќе од успешна - освоени шампионски титули 2006-та, 2012-та и 2013-та.

Од моментот на доаѓање на Пет Рајли Мајами Хит имал 15 избори во прва рунда на 27 драфта од кои тројца кошаркари биле разменети на денот на драфтот.

Тешките и астрономски договори со ѕвездите и отсуство на квалитетни пикови го принудиле шефот на Хит да обрати внимание на пазарот на слободни агенти, односно недрафтувани проспекти.

Веќе од средината на ’90-те години скаути на Мајами почнале да регуритаар играчи од втор и трет кошаркарски ешалон. На пример Брус Боуен (иден трикратен шампион со Сан Антонио Спарс) го довеле од француски Безансон во 1997-ма. Малик Ален и Мајк Џејмс од полупрофесионалните лиги ABA и CBA во 2001-ва, Џоел Ентони, Тајлер Џонсон и Кендрик Нан од развојната лига во разни години итн.

Но не се во фокус на Хит само недрафтувани играчи. Уште еден метод им е да ловат драфтувани играчи од кои се откажале другите клубови. Мајами одлично ја искористи можноста за втора шанса за некои достапни играчи на пазарот.

ДАЛЕКУВИДИОТ ПИТ РАЈЛИ

Патот на Хасан Вајтсајд е само уште еден светол пример од видовитоста на Пет Рајли. Избран од Сакраменто Кингс како 33-ти пик на драфтот 2010-та Вајтсајт за две сезони не остави никаков впечаток во Кингс и беше отпуштен од клубот. Вајтсајд не бил заинтересиран да игра во развојна лига па се решил за егзотична дестинација. Играше во Либан (за клубовите Ачит и Ал Мутахед Триполи) и во Кина (Сичуан и Џијансу).

Во 2014-та година Хасан реши да се врати во НБА преку Летната лига од каде го регрутираше токму Мајами. Набрзо Вајтсајд стана лидер во НБА по блокади во сезоната 2015/2016 и по број на скокови во сезоната 2016/2017. Хит со него потпишаа четиригодишен договор вреден страшни 98 милиони долари.

Вајтсајд стана прв во историјата на НБА кој преминал од минимален до максимален договор за едно лето.

Во 2019-та Мајами Хит го направи најдобриот потег во својата клупска историја. Го трампаше Вајтсајд во Портланд а како резултат на големата размена во Мајами дојде младиот Џими Батлер кој стана права клупска легенда. Вајстајд сега игра во Порторико.

Речиси долги години трае праксата на Мајами Хит во екипата да има таканаречени „ноунејм“, анонимни кошаркари кои се дискретни херои и од сенка одработуваат огромна работа.

Мајами Хит лани постави рекорд со дури пет недрафтувани играчи кои имаа по 65+ натпревари во цела сезона. Но за разлика од минатата сезона овојпат недрафтуваните имаат поголема улога во составот: Макс Струс, Гејб Винсент, Калеб Мартин и Хејвуд Хајсмит одиграа голем број натпревари.

Во ротација им се приклучува и Орландо Робинсон кој дојде од развојна лига а за екипата во регуларниот дел од сезоната играа и недрафтуваните Омер Јуртсевен, Дру Смит, Џамал Кејн и Џамарај Буеи.

Во неофицијалниот избор на најдобри недрафтувани играчи во плејофот 2022/2023 од пет кошаркари тројца се од Мајами Хит - Гејб Винсент, Калеб Мартин и Макс Струс. Новиот шампион во Источната конференција има двајца стартери во првиот тим со минимална плата.

Мајами е трет од позади според буџет на табелата клубови кои играле во плејофот. Хит одлично ги распределил средстава од буџетот предвиден за плати а ограничен од НБА лигата, па така Џими Батлер и Бам Адебајо имаат по 48 милиони долари, Калеб Мартин заработува 6,5 милиони долари, Струс и Винсент имаат минималка за НБА по 1,8 милиони долари годишно.

КОИ СЕ МАЛКУ ПОЗНАТИТЕ ИГРАЧИ КОИ НАПРАВИЈА ГОЛЕМ ПОДВИГ?

Голем дел од кошаркарските аналитичари се држеа за глава со широко отворени очи кога слушнаа дека Мајами Хит потпишал договор вреден 17 милиони долари со Данкан Робинсон и сметале дека тој бил преплатен премногу, но Робинсон во плејофот покажа дека и тоа како добро може да го одмени Тајлер Хиро за кого претходно исто така „аналитичари“ се чудеа од каде го ископале.

Во пролетта 2018-та година скаутот на Мајами Хит Чет Камерер гледал потенцијални кандидати за претстојниот драфт. Хит немал свои пикови. Решиле да одат по оние кои нема да бидат избрани.

На еден од тренинзите во Лос Анџелес скаутот Камерер видел играч-снајпер. „Шефе, најдобар шутерски тренинг што некогаш сум го видел“, му рекол Камерер на Сполстра. После тоа Данкан Робинсон не бил драфтуван, Мајами го проверил во Летната лига каде тој шутирал тројки со висок процент од 55% и ги убедил луѓето од Хит да го потпишат.

Во петтиот меч со Бостон Селтикс, Данкан Робинсон уфрли 18 поени и имаше 9 асистенции.

Гејб Винсент играл одлично во колеџот Санта Барбара. Не бил заинтересиран за драфтот 2018, но Сакраменто му понудил 10-дневен договор кој потоа не му го продолжиле. Затоа Гејб заминал да игра во Равојната лига, а таму блескал со 23 поени, 4 скока и 2 асистенции во просек по натпревар па и тоа ги заинтересирало ловците на таленти од Мајами Хит кој во јануари 2020-та потпишале повеќегодишен договор со Гејб.

Во третиот меч од серијата кој Хит го доби со Селтикс, Гејб Винсент уфрли 29 поени со неверојатен процент 79% од игра.

Калеб Мартин не беше избран на драфт 2019, но во втората рунда Шарлот го одбрал брат му близнак Коди. Хорнетс се решиле да му дадат шанса и на Калеб па го потпишале и него. Две сезони во длабока ротација и никакво играчко време. Од таму Калеб Мартин заминал во Мајами Хит кој го пратил во развојната Џи-лига.

Калеб во актуелниот плејоф е најстабилен шести играч со 30 минути, 13 поени, 6 скока и 1,6 асистенции во просек.

Макс Струс исто не беше избран на драфтот 2019-та но во Летната лига ги привлекол луѓето од Бостон со прецизниот шут од далечина и добил 2-годишен договор. Но во Селтикс не доби никаква шанса па продолжи во Чикаго Булс каде дебитираше во НБА против Мајами. После еден месец му го раскинале договорот и станал слободен играч. Една година подоцна дошол на 1-месечна проба во Мајами Хит и заслужил богат договор.

„Кога во целост се трудите во работната култура, ве наградуваат за сите вложени напори... Тоа е најважно што го разликува Хит од многу други организации. Како они се трудат и сакаат да ве развијат“, бил премногу благодарен Макс за тоа што Мајами му дал шанса а тој сега им враќа повеќекратно на паркетот.

Во плејофот 2023 Макс Струс сите натпревари ги почнал од старт со 10 поени во просек. 

Поради повредата на херојот од минатите сезони Тајлер Хиро, четворката Винсент, Струс, Мартин и Данкан Робинсон во целост ги користи своите минути.

Во ротација е и Хејвуд Хајсмит кој пролетал на драфотот 2018. Во 2019-та тој потпишал минимален договор со Филаделфија, дебитирал во НБА но бил вишок во тимот и добил отказ.

После Хајсмит имал авантури во германскиот Крајлсхајм Мерлинс и Ваноли Кремона но не заиграл за италијанскиот клуб и во 2021-ва добил нов краткотраен договор со Сиксерс од каде го пратиле во развојната Џи-лига.

Хит го следеле долго време и му понудиле 10-дневен договор. После тие десетина дена тренерот Сполстра сфатил дека Хајсмит многу добро му се вклопувал во ротацијата и дека ќе му биде од корист. Така и бидна.

Во петтиот меч од големото финале на Истокот со Бостон, Хејвуд Хајсмит за 36 минути постигна 15 поени со 67% прецизност од игра.

Во составот на Мајами се и талентираниот Србин Никола Јовиќ и Турчинот од Узбекистан, Омер Јуртсевен. Близу клупата е и ветеранот Јудонис Хаслем кој е права легенда и олицетворение на долгогодишната филозофија на Мајами Хит.

Хаслем не беше избран на НБА драфтот 2002 наводно поради низок раст во таква силна конкуренција меѓу големи ѕверови. После тренинг кампот Атланта Хокс кренала раце од него. Јудонис Хаслем заминал во Европа каде играл за француски Елан Шалон. Во 2003-та пак пробал да се пробие во НБА и добил понуда за проба од Мајами Хит.

После дваесет сезони во Мајами Хит Јудонис Хаслем освои три шампионски титули. Во плејофов, 42-годишниот ветеран само еднаш излезе на паркет но неговата улога на ментор за младите соиграчи е бесценета.

„Причината поради што ние може да ги натераме овие момци многу посветено да работат се состои во тоа што уште пред да зборуваме со нив за кошарка, им ставаме до знаење дека се дел од нашето семејство и дека им посакуваме сè најдобро“, вели ветеранот Јудонис Хаслем за рецептот за успех.

ја открива тајната на успехот Ерик Сполстра, тренерот кој сега ќе јуриша кон трет шамионски пехар.

На тој пат ги чека големиот Никола Јокиќ со Денвер Нагетс.

А како кулминација на оваа приказна е историјата на железниот Џими Батлер кого веднаш по раѓање го напуштил татко му, а мајка му го избркала од дома на 13 години со зборовите:

„Не ми се допаѓа како изгледаш“. Батлер од тогаш скитал по разни домови со другарите, додека не го вдомила извесна Мишел Ламберт, мајка на четири деца која го примила Џими на 16 години во нејзиниот дом и која ден-денес го гледа секој меч на неверојатната суперѕвезда Батлер. Тој ја вика „Мами“ и после секој натпревар е со неа.

***********************************************************

Нема историски подвиг во НБА - Мајами го реши Бостон и закажа битки со Јокиќ

30 мај 2023 - 09:41