Деведесет и два пати сериите во кои еден тим поведувал со 3-0 завршувале со таканаречена „метла“ односно со 4-0 на крајот, а во 44 случаи завршувале 4-1. 11 плејоф серии со 3-0 завршувале во шест меча на крајот 4:2, а само четири пати се случувало ривалот да израмни на 3-3 но не и да направи историски подвиг за комплетен и неверојатен пресврт.
Кошаркарите на Мајами Хит го победија Бостон Селтикс 103:84 во седмиот натпревар од Истокот што значи дека во големото финале ќе се судрат со Денвер Нагетс кој одмора веќе речиси две недели.
Бостон Селтикс направи голем подвиг откако се врати од 0-3 на 3-3 во серијата но немаа сили и после големите емотивни и физички празнења, потклекнаа пред Хит кој ќе игра уште едно големо финале.
Мајами поведе посериозно на средина од првиот период кога и започнаа проблемите на Бостон со ужасна реализација на три поени (ја завршија првата четвртина со мизерни 15 поени за 12 минути што им е најслаб учинок сезонава), па Хит во вториот период отиде и на +17. Разликата Селтикс ја намали на седум поени во третиот период но веќе во решавачката четвртина Мајами ги врати своите +17 и спокојно до крајот ја сочува победата.
The Heat are the second 8-seed in NBA history to reach the NBA Finals, joining the 1998-99 Knicks! pic.twitter.com/JMjwRgJhjk
— NBA (@NBA) May 30, 2023
За таквиот развој на настаните виновна беше и повредата на лидерот на Бостон Џејсон Тејтум во 26-та секунда од почеток на мечот кога го повреди скочниот зглоб но продолжи да игра со болни гримаси на лицето.
Најефикасни во триумфот на Хит беа Џими Батлер кој постигна 28 поени и неверојатниот Кејлеб Мартин со 26 поени и меч на сезоната. Бам Адебајо додаде 12 поени со 10 скока и седум асистенции.
Кај Селтикс Џајлен Браун даде 19 поени со многу „земени“ шутеви (8/23) и дури осум изгубени топки. Тејтум уфрли 14 поени.
Големото НБА финале почнува во ноќта меѓу четврток и петок а очекувано предноста на домашен терен ќе ја има Денвер Нагетс кој беше лидер во регуларниот дел за разлика од Хит кој беше осмопласиран и едвај преку плеј-ин турнирот влезе во плејофот.