Препознатливото движење и одличната одбрана му овозможија на Џими Батлер да биде на врвот на играчи со најголема минутажа во НБА. На мечот во декември против Њујорк Никс, Батлер имаше офанзивен скок, украдена топка и две асистенции за 44 секунди. Во јануари даде девет поени по ред за 67 секунди во четвртата четвртина и избори продолжение против Лејкерс.
Џими Батлер (25), првпат стигнал на сцената во НБА од сенка, како играч чија задача е да ги брка противничките играчи каде и да се на паркетот. Но сезонава е нешто поинаку, дава во просек по 20,4 поени, има 5,8 скока и 3,2 асистенции по натпревар. Сето тоа му овозможи да стане фаворит за наградата Најголем просперитет на годината. Доби дури 500.000 гласа за Ол-Стар мечот.
Пораснат како бездомник и отфрлено дете во Томбал, Тексас, Џими Батлер наскоро треба да потпише мегаломански договор во јули и да покаже дека борбата во животот треба да биде непрестана.
Мишел Ламберт, мајка на четири деца која го примила 16-годишниот Батлер во нејзиниот дом го гледа секој меч на Чикаго. „Мами“, како што ја викал Батлер и натаму го гледа истото момче од игралиштето.
На 25 километри северо-западно од Хјустон, Томбал е местенце со 11.124 жители или нешто повеќе од половина капацитет на Јунајтед Центарот. Батлер е гордоста на Тексас, тој често носи каубојки и знае да зајава коњ, вели неговиот агент Хепи Волтерс и додава дека Батлер попрво би пиел со Гарт Брукс отколку со Лил Вејн.
Со претежно бело население, во размер 15 спрема 1, Томбал знаел да има расистички епизоди. Во 2005. година, кога Батлер бил средношколец во Томбал, Кју Клукс Кланот држел настан во центарот за комуникации во градот. Во 2013. година некој Афро-американски ученик добил Кју Клукс Клан покана за некој роденден. Сепак, овие споредни инциденти нималку не го смениле детството на Џими Батлер кој живеел среќно по терените, иако без биолошките родители кои го напуштиле како мал.
На 13 години, неговата мајка Лонда го избракала од дома поради како што самиот Џими Батлер изјави за ЕСПН, „не ѝ се допаѓало како изгледал“. Џордан Лесли, син на Мишел Ламберт (жената што го вдомила), вели дека Џими никогаш не зборувал за тоа. Татко му исто се викал Џими и бил возач на камион.
Малиот Батлер се преселил кај другар му Џермејн Томас. „Секогаш бевме заедно како мали. Го сметам за мој роден брат“, вели Томас за
Спортс Илустрејтед. Двајцата живееле без никаков родителски надзор во изнајмена гарсониера за која плаќал татко му на Томас, исто камионџија кој најчесто бил на пат.
После две години борба за гол живот, Батлер првпат добил знак за доверба. Извесен бруцош Лесли го викнал на некој летен кошаркарски турнир, а двајцата делеле иста судбина и љубов кон спортот. Татко му на Лесли, исто Афро-американец како Батлер, загинал кога го удрила кола.
Ламберт, жената која го земала работи како инженер во компанијата Хилкорп Енерџи. Таа го памети Џими како „смртно срамежлив“ и „многу тивок“. Џими секогаш одел на прсти за да не разбуди некои од домашните додека спиеле, а често спиел на душек на земја.
Кога отишол на летниот кошаркарски камп, Џими со себе имал пар маици и шорцеви за баскет. Другарите од детството го опишуваат како ранета мала птица која имала сериозни животни проблеми во минатото.
Среќата го погледнала кога помошниот тренер на колеџот Марквет, Баз Вилијамс дошол да гледа некој друг играч, а во око му западнал малиот Батлер. Кога Вилијамс станал прв тренер на Марквет во април 2008. година, го викнал Џими Батлер кој морал да се пресели речиси 1.000 километри подалеку од дома, во Милвоки. До тогаш Тексас го напуштал само два пати.
Вилијамс бил сурово искрен со Џими Батлер. Му ја кажувал вистината во лице, со цел да го окуражи за предизвиците кои следуваат.
„Џвакаше тутун и често плукаше со него по мене додека ми викаше“, изјави Батлер во една пригода.
Кога дошол зимскиот семестар, Џими се јавил дома: „Мамо сакам да си одам дома, направив грешка“, се чувствувал Џими како риба на суво. Се сеќава и дека не размислувал дека времето во Висконсин е поразлично од она во Тексас и дека маиците нема да му бидат од корист наскоро кога ќе падне снег.
Пресуден момент се случил кога Вилијамс решил да му дава по 34 минути игра. „Не беше можно да го вадите од игра. Тој не беше одличен, само не беше лош во ништо“, се сеќава првиот тренер на Џими Батлер. Тој никогаш не падна година, никогаш не задоцни на тренинг, учеше и не доцнеше во ништо. Го правеше точно тоа што го барам од него, се гледаше дека е акадамески паметно момче“.
Првото големо разочарување стигнало во првата рунда од НЦАА првенството кога Марквет бил фаворит против Вашингтон, но Квинси Пондекстер не мислел така и во последниот напад го измрдал од патики Џими Батлер и го дал победничкиот кош.
„Ја симнав сликата од последниот напад и ја залепив на вратата, така што секое утро кога станував можев да гледам како Пондекстер ме праќа по бурек и дава кош за победа. Од тој ден му реков на тренерот Вилијамс дека ќе работам да станам одличен дефанзивец“, вели Батлер.
Со Вилијамс се зближиле до таа мера што пред некое време кошаркарот на Чикаго Булс ненајавено дошол дома кај нив за роденденот на синот на Вилијамс.
„Нашиот однос никогаш не беше изграден на кошарка. Тоа не беше нешто што му треба на неговото срце“, додава Вилијамс.
Веќе во 2011-та Џими силно се заинтересирал за пре-драфт процесот. Неговата агилност и моторика ја забележал агентот Волтер, чија агенција Релативити Спортс само што почнала сериозно да влегува во кошарката. Волтер им додевал на неколку луѓе од НБА за неговиот нов клиент. Прв се заинтересирал легендарниот Док Риверс, ѕвезда на Марквет во раните '80-те години кој тогаш беше прв тренер на Бостон. Му го препорачал на Том Тибодо, негов поранешен помошник и тренер на Чикаго Булс.
По овие два знаци на доверба, Батлер ја добил и третата среќа. Биковите се решија за него во првата рунда на драфтот. Јавноста сериозно се запозна со одличниот Џими Батлер во плејофот 2013-та, кога Чикаго играше против Мајами, а Батлер не го оставаше Леброн Џејмс да дише.
Денес, кога веќе е изградена личност и неверојатен кошаркар, Џими Батлер не заборава на жената која го кренала од пепелта. Ламберт направила сè што е во нејзина моќ за Џими да ја добие потребната родителска грижа и нега.
Таа дури на другите деца им забранувала да носат дресови од други играчи, затоа што тоа било неблагодарно кон тивкиот Батлер. Ламберт и ден денес пред секој натпревар му ја праќа истата порака од порано: „Good luck, Lovebug. I love you so much".
И покрај сè што го погодило, Џими не ги заборавил неговите биолошки родители.
„Никој не е совршен, така што никој не треба да осудувате. Како успеав да заборавам? Нема причина за омраза или гнев. Јас не верувам во тоа. Очигледно дека е потребно време човек да ја сфати смислата. Целата историја е дел од мене, но минатото е минато. Им простувам на сите, ги сакам сите. Тоа е тоа", ја заклучува Џими приказната со која докажа дека борбата во потрага по среќа треба да биде непрестана.