Фајнл Форот, турнирот на најдобрите четири екипи во завршната фаза од Евролигата ќе се игра во Истанбул, град во кој пред шест години се играше финалето на Светското првенство 2010 и финале на Евролигата во 2012-та. Утрово веста ја соопшти Жорди Бертомеу, првиот човек на Евролигата.
Модерната Арена „Синан Ердем“ собира 22.500 посетители на концерти и околу 16.000 на кошаркарски натпревари. Ова Арена е најголемата поливалентна сала во Турција и се користи за разни манифестации. По изградбата му беше посветена на Синан Ердем, претседателот на Националниот Олимписки Комитет на Турција од 1989. година до 2003-та.
Истанбул низ историјата беше театар на историски настани во клупската и репрезентативната кошарка. Во 1992 година во салата „Абди Ипекчи“ Фајнл Форот заврши со победа на белградски Партизан со тројка во последната секунда на Александар Саша Ѓорѓевиќ против шпанска Уникаха.
Во 2012. година, Олимпијакос предводен од Василис Спанулис и нашиот Перо Антиќ губеше 19 поени разлика во последните 11 минути, но на крајот победи против ЦСКА Москва со тројка со сирената на Јоргос Принтезис. Тоа беше првата титула европски првак за Антиќ кој подоцна со Олимпијакос освои уште една, во Лондон, а сега ќе има можност да влезе на листата на европски кошаркари кои дури три пати се закитиле со највредната титула во клупската кошарка.
За првпат во историјата на Евролигата екипите кои ќе играат во финалето сигурно ќе имаат претходни дуели, затоа што сезонава почнува новиот формат на натпреварување според кои 16 екипи се во една иста група и ќе играат меѓусебе дома-гости. Првите 8 на табелата ќе играат во следната фаза.