Боне Темелков не се смее при фотографирањето тука во погорниот дел на трибините во Ер Канада центарот пред почетокот на натпреварот меѓу Рапоторс и Хокс, носејќи златен шлем со црвени пердуви кој е имитација на Александар Македонски. На пример кога 800 Македонци од Канада од сите возрасти ќе се кренат околу него во нивните црвено-жолти дресови - некои навиваат, некои исвиркуваат, други си ги чешаат главите - тој со насмевка вели „Ние навиваме за сешто".
Но пред камерата, Темелков е газда. Тој има потекло од еден од најпочитуваните кралеви кои некогаш чекореле на земјата: Александар Велики.
Но Темелков пред сѐ е Македонец. Запомнете го тоа.
Александар Велики е најпознатиот Македонец - ОК, некои велат дека бил Грк, но да ја оставиме таа расправија на страна. Неколку места подолу на листата е Перо Антиќ, центарот на Атланта Хокс и првиот Македонец кој играл во НБА. Денес Антиќ игра пред најголемиот број на Македонци кои некогаш се собрале во НБА сала. Тие се тука да гледаат еден нивен човек кој го игра третиот најпопуларен спорт во земјата по фудбалот и ракометот. 300 од нив дојдоа и последниот пат за да го гледаат Антиќ како седи повреден на клупата, а тие навиваа додека тој накривуваше. Темелков ги организираше.
Но сега Антиќ е на паркетот со своите 210 тетовирани сантиметри, брада и избричена глава. По повеќе од една декада во Европа, тој се појави во Атланта и почна да погодува тројки во последна секунда и тоа со една нога. Тој не е како Ал Хорфорд чии патики требаше да ги пополни откако тој се повреди во декември, но Антиќ има продуктивна година со просек од солидни седум поени и четири скока додека Атланта се бори да го задржи последното место кое води во плеј оф од истокот.
Во меѓувреме тој стана македонскиот Ле Брон. Во секоја арена каде игра, има и навивачи со црвено-жолти знамиња кои го чекаат. Посебно во Торотно каде имаа најголема заедница на македонски иселеници.
Боне и неговата сопруга Нина - која нема голем избор - можеби се најголемите фанови на Антиќ. Тие се единствените во салата со шлемовите на Александар Велики кои си ги имаат нарачано од татковината. Нивните деца, Елена (15) и Антонио (13) седат во близина. И тие имаат специјални капи, но не ги обожаваат (Елена: „Малку е чудно. Тато ќе го носи тоа додека не си легне"). Останатите Македонци од Канада се тука заради Антиќ, но и заради моќта за убедување и организација на Темелков. Сите тие носат специјални капчиња кои Темелков им ги купи и подели.
Канада му стана дом на Темелков во 1990-та година. Тоа беше една година пред Македонија да стане независна држава. Тој пристигнал тука со 40 германски марки. Сега поседува убав дом во предградието на Торонто. Тој работи напорно како телекомуникациски консултант и како агент за недвижности и е горд на својата работна етика. Темелков се гордее и со Антиќ, се разбира. Тој за него е македонски амбасадор во Северна Америка. Според Темелков, Антиќ е рамо до рамо со фудбалерот Горан Пандев и ракометарот Кире Лазаров.
На Темелков му беа потребни четири месеци за да ја организира вечерта со Перо. Тој направи маички на кои Антиќ беше претставен како Александар Велики, организираше средба на Антиќ со сонародниците по натпреварот и на крајот собир во црква. Му купи пиво новинар по првата четвртина и му го даде шлемот кој неговиот син не го сакаше.
Тоа што не можеше да го направи е да ги направи Македонците фанатични. Повеќето од нив седеа држејќи ги своите знамиња и транспаренти. Постојано му ги упатуваа истите прашања на Темелков на македонски јазик:
Боне, зошто не игра Перо? Можеш да го внесеш, Боне? Да не му е лут тренерот на Перо, Боне? Боне, ме слушаш? Боне?
Тоа не беше натпревар на Антиќ како што Македонците посакуваа. Нивниот херој имаше дабл-дабл учинок неколку ноќи претходно против Шарлот, но овој пат постигна само 4 поени, 10 скока и 3 асистенции, а Хокс изгубија со 96:86.
Но Темелков се појави на големиот екран со неговото знаме на тајм-аут. И Антиќ се поздрави со него на кратко по натпреварот. Целата три-минутна средба со навивачите беше на македонски, а се пееше и национална песна која Темелков ни ја преведе:
Македонците: Излези момче, право на тераса...
Антиќ: Ви Благодарам.
Упатувајќи се кон неговиот автомобил со семејството, Темелков беше среќен.
Нина: Ќе ја симнеш ли сега капата?
Боне: Не додека не си легнам вечерва.
Еден час подоцна ние сме во македонската црква Свети Илија каде Темелков треба да подели пар патики од Перо Антиќ. Еден постар човек со долга брада го завршува четири-годишниот проект со цртање на светците на ѕидовите од црквата. Еден од нив изгледа како Перо Антиќ. Коинциденција? Човекот се насмевна но не сакаше да одговори.
100 Македонци се собрани во скромна просторија, пијат ракија и јадат пица. Темелков ја подготвува лотаријата и ги повикува присутните. Време е да видиме кој ќе ги добие патиките со автограм од Антиќ. Темелков извлече едно парче хартија и прочита име. Тоа е едно мало девојче кое се уште не сфаќа чии патики добила.
Ќерката на Темелков, Елена набљудува од една маса од позадината. И покрај нејзината тинејџерска индиферентност, таа сепак се заинтересира за церемонијата со лотаријата за патиките на Перо. „Претпоставувам дека татко ми е кул. Но сепак не му давам да става мои фотографии од денес на Фејсбук".
Надвор, додека пуши цигара пред да се упати кон автомобилот, Темелков сѐ уште зрачи со гордост. „Се надевам дека научи нешто за Македонците", вели тој. „Ние сме горд народ и имаме многу да му понудиме на светот. Перо е само почетокот", и си замина носејќи ја капата на Александар Велики.
Charles Bethea (@charlesbethea), Grantland