Олимпијакос со час по кошарка за Реал Мадрид, Монако за Барселона

Успеа Реал Мадрид некако едвај да се протне до Топ8 во Евролига и покрај поразот од Париз во доигрувањето, ја искористи втората шанса против Баерн Минхен, ама сега налета на екипата која е главен фаворит за титулата. Олимпијакос.

Во салата „Мир и пријателство“ во Пиреја, Олимпијакос го разби Реал Мадрид 84-72 а резултатот во еден момент беше и далеку поубедлив. Одличниот Саша Везенков уфрли 23 поени и 7 скока, Еван Фурније додаде 13 поени со четири скока и три асистенции но имаше очаен шут за три 1/8. Српскиот центар Никола Милутинов имаше 11 поени и 8 скока а Алек Питерс 10 поени.

Кај Реал Мадрид Серхио Љуљ покажа дека и на 38 години уште му се игра кошарка па синоќа беше најефикасен кај „кралевите“ со 16 поени. Хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња имаше 13 поени и 5 скока а Џанан Муса од БиХ 11 поени и 4 скока. Во целост потфрлија Кампацо (само 7 поени и 5 асистенции), Еди Тварес (7 поени и само 2 скока) и Габриел Дек (2 поени).

Монако беше уште поубедлив па со 97:80 ја растури Барселона. Тимот предводен од легендарниот Василис Спанулис ја отвори серијата против Барселона со голема победа а најзаслужни за тоа беа Германецот Даниел Тајс со 22 поени и 5 скока, Мајк Џејмс со 22 поени и Ели Окобо со 19 поени и 7 асистенции.

Кај грогираната Барселона Кевин Пантер стигна до 16 поени а по 14 имаа Дарио Бризуела и Јусуфа Фол кој забележа дабл-дабл со 14 скока.

Вечерва продолжува сјајниот Топ8, се играат вторите дуели од сериите кај Панатиниакос - Ефес (1-0) и Фенербахче - Париз (1-0).

24 април 2025 - 09:45