Речиси извесно името Џон Брискер не звучи познато и не ви значи многу, но за неговиот живот комотно може да се сними филм. Во НБА лигата играл само три сезони за Сиетл Суперсоникс, но доволно верните следбеници на кошарката да го запаметат. Додуше не го паметат по играта на паркетот, иако бил страшно талентиран, туку по бројните тепачки и инциденти.
Иако играл бек, Џон Брискер важел за еден од најсилните играчи во НБА. Како млад тренирал и бокс, а кошарка играл најчесто на уличните игралишта во Детроит.
Од Универзитетот Толедо му ја покажале вратата поради крајно проблематичното однесување, а Брискер никако не ја поднесувал расната дискриминација и често се карал со професорите.
Го викале да се проба во НФЛ, но Џон се решил да игра професионална кошарка. Интерес за него не покажале тимови од НБА, така што првиот професионален договор го потпишал со Питсбург Пајперс, екипа од АБА лигата. Таму играл две и пол години и постигнувал по фантастични 26 поени по натпревар во просек и 8 скока.
Во тоа време во АБА лигата во САД играле легенди како Џулиус Ирвинг, Артис Глимор и Рик Бери. Сепак, карактерот на кавгаџијата Брискер никој не можел да го смени, немало меч да не удри некој противнички играч. Од него се плашеле и судиите затоа што често го исклучувале од средбите, а тој тргнувал да ги тепа.
Најмногу страв, покрај гледачите кои му дофрлале имале и неговите соиграчи кои секојдневно го трпеле. Еднаш закаснил во второто полувреме затоа што во соблекувалната се затепал со двајца соиграчи. Кога конечно му се јавиле од НБА, се очекувало дека ќе ја намести главата.
Сепак милионите кои ги добил од Сиетл негативно влијаеле на Џон Брискер. Внесувал немир во екипата, се карал со соиграчите и тренерот, легендарниот Бил Расел, поради што
Брискер после три сезони добил отказ и никогаш не ѝ се вратил на кошарката.
Како што обично бидува, ѕаработените пари брзо ги потрошил. Отворил ресторан кој му пропаднал, купил фудбалски клуб во Нигерија и имал голем проблем со алкохолот и дрогите. Не плаќал данок и бил должен кај сомнителни ликови. Единствен човек кој останал во контакт со него бил Руди Томјановиќ, неговиот другар од средно школо.
На Брискер не можел никој да му помогне. Мистериозно исчезнал кон крајот на ’70-те години во Уганда, каде што тргнал да биде селектор на кошаркарската репрезентација на оваа земја. По извесно време станал платен убиец на диктаторот Иди Аминво Уганда. На девојка му во една прилика ѝ рекол дека ќе оди во Либерија за да почне свој бизнис, а тоа не му било првпат да оди во Африка.
Откако режимот на Амин паднал и диктаторот бил тргнат од власт, на Брискер му се губи секоја трага, а официјално е прогласен за мртов во 1985. година.
За неговото исчезнување се слушале многу гласини. Најневеројатно делуваше онаа дека Брискер загинал во ноември во 1978. година во Француска Гвајана како член на секта која што ја предводел извесен Џим Џонс и чии припадници извршиле колективно самоубиство. Но тоа е мит.
Братот на Џон Брискер упорно тврдел дека тој му се јавувал неколку пати од Кампала, па дури и му пратил фотографија од таму. Постоеле сведоци во Уганда кој изјавиле дека често во својот реон гледале еден крупен Американец, и тоа 10 години откако Иди Амин паднал од власт.