На овој начин е урнат рекордот кој го држеше легендарниот Карим Абдул-Џабар уште од 5 април 1984 година (38.387 поени).
Шесткратниот НБА првак присуствуваше на мечот синоќа а после натпреварот имаше церемонија на која Абдул-Џабар му честиташе на Леброн и му подари топка.
„Рекордот траеше скоро 40 години. Многумина мислеа дека никој нема да го надмине. Леброн ти си најдобар стрелец во историјата на НБА. Честитам“, вели комесарот на лигата Адам Силвер.
Во петорката најдобри стрелци во историјата се уште и Карл Мелоун (36.928), Коби Брајант (33.643) и Мајкл Џордан (32.292).
Но постојат и многу рекорди кои Леброн Џејмс а и кој било друг тешко да ги достигне во догледно време.
100 поени на Вилт Чемберлен - најмногу на еден натпревар
Во сезоната 1961/1962 во НБА имало севкупно 9 клуба, а секој состав имал свој суперстрелец.
Вилт Чемберлен веќе на 25 години ги урнал сите дотогашни рекорди. На крајот од февруари месец таа 1962-ра Вилт вторпат во сезоната не стигнал до најмалку 30 поени (дал 26).
На 2 март 1962-ра центарот на Филаделфија Вориорс дошол во арената во градот Херш. Во митски натпревар против Никс на неутрален паркет имало 4.000 гледачи на трибините. Пренос од мечот немало. Го гледале само присутните и имале што да видат.
Вилт Чембрлен постигнал 100 поени!
Тоа било сензационална вест, а рекордот на Вилт стои непоместен ден-денес.
Интересно Чемберлен го држел и претходниот рекорд.
Во декември истата сезона претходно постигнал 78 поени во натпревар кој го загубиле после дури три продолженија. Претходно рекордот по број на најмногу поени на еден натпревар уфрлил кошаркарот на Лејкерс Елџин Бејлор.
Коби Брајант беше најблизу до овој мегаломански рекорд кога во 2006-та година против Торонто Репторс одигра неверојатен меч и даде 81 поен!
Во последните неколку сезони, натпревари на кои еден играч постигнува најмалку 50 поени се случуваат три пати почесто отколку до 2019-та година. Необичен тренд.
Во јануари годинава Донован Мичел забележа нестварни 71 поен. Ако оваа тендеција која ја потврдуваат Дончиќ, Ембид, па и Јокиќ продолжи, ништо чудно утре долгоочекуваниот прв пик на драфт, младиот Французин Виктор Вембанјама да стигна до 100-ка.
Ако Клеј Томпсон можеше да распали 37 поени за една четвртина, зошто некој не би се обидел да направи чудо.
РЕКОРД ПО НАЈМНОГУ МИНУТИ ВО ПРОСЕК НА ПАРКЕТОТ
Вилт Чемберлен го држи и рекордот со најмногу одиграни минути во просек во една сезона - по 48 по натпревар кога во НБА средбите траеле по 48 минути.
Во сезоната 1961/1962 Вилт играл без замена за него. Тврдел дека дури кога седнува на клупа, брзо се лади, губи тонус и долго му треба да се загрее по враќањето во игра.
Чемберлен и покрај тоа не успеал да ги одигра сите натпревари 100% од почеток до крај. На еден дуел го исклучиле од игра на 8 минути до крајот поради два технички фаули. Но со продолженија стигнал до просек од 48,5 минути по натпревар во просек.
Претходно овој рекорд го држел Нил Џонстон, исто центар на Вориорс кој му бил и прв тренер на Вилт во НБА. Џонстон играл во просек по 45,8 минути по натпревар.
11 ШАМПИОНСКИ ПРСТЕНИ НА БИЛ РАСЕЛ
Династијата на Селтикс во ’60-те години била практично хегемонија. Од 1956/1957 до 1968/1969 клубот изгубил само две серии во плејоф. Таа 13-годишна доминација се совпаѓа со маестралниот Бил Расел.
Во 1963-та Расел станал шесткратен НБА шампион заедно со соиграчите Кузи, Рамзи и Хајнсон. Постепено легендарните негови соиграчи ги завршувале кариерата еден по друг, но тоа не влијаело на Селтикс. Бил Расел и натаму бил главен фактор на успехот на големата династија.
Сега тешко е да се замисли да се одржи династија со еден фактор. Има повеќе тимови, бројот на претенденти на титули можеби е помал отколку во ’60-те години, но сега шампионот практично губи можност брзо да добие „свежа крв“ затоа што ограничувањето на плати ги кочи трансферите, немаат право на прв пик на драфтот, туку се некаде во третата десетка, а играчите нестрпливи за што побрз личен успех потешко може да се задржат.
Бил Расел го надминал дури и својот идол и негов предвесник во НБА. Џорџ Мајкан имал 4, 5, 6 или дури 7 титули во зависност од тоа какви турнири се сметаат. Официјално НБА ги признава БАА титулуте, а НБЛ не така што на Мајкан официјално му се признати 5 шампионски титули.
КОЈ БИЛ НАЈБЛИЗУ?
По број на титули како играч (од оние кои не играле со Расел во династијата на Селтикс) најблизу бил Бил Роберт Ори со 7 шампионски прстени.
Подоцна, подвигот со 11 титули на Бил Расел имале намера да го достигнат Карим Абдул-Џабар и Меџик Џонџон. Лејкерс практично си забетонираа себе место во финалето на НБА низ цели ’80-ти години така што Меџик стигна до бројката од 5 прстени.
33 ПОБЕДИ ПО РЕД НА ЛА ЛЕЈКЕРС
Во сезоната 1971/1972 многумина мислеле дека шампионските амбиции на Лос Анџелес Лејкерс се завршени. На Западот се појави Милвоки со Карим. Стартот на сезоната со новиот тренер Шарман беше топло-ладно: 6 победи, 3 порази, а Бакси го растурале ривалот на секој меч.
Потоа формата на Милвоки опаднала, а Лејкерс не само што ја кренал туку и направил страшна, недостижна до ден-денес серија од 33 триумфи по ред! Им ја прекинале токму најголемите ривали во тоа време, Милвоки Бакс но во плејофот Лејкерс се реванширал и првпат по селењето во Калифорнија станале шампиони.
Интересно, година дена претходно токму Милвоки Бакс го поставил претходниот рекорд со 20 победи по ред.
Дури и во рекордната сезона на Голден Стејт Вориорс пред неколку сезони со фантастични 73 триумфи вкупно на крајот, имаа 28 победи по ред.
15.806 АСИСТЕНЦИИ НА ЏОН СТОКТОН
Тандемот Стоктон-Мелоун играше неверојатни 18 сезони заедно.
Се појави тогаш интересната симболика дека „поштарот“ Стоктон редовно му доставува „писма“ на Мелоун, како паралела на асистенциите.
Вкупно 15.806 асистенции имаше Стоктон во кариерата и е апсолутен лидер со многу голема предност зад ривалите.
Втор е Џејсон Кид кој играше од 1994 до 2013 и подели 12.091 асистенција. Трет е Крис Пол кој е уште активен а почна во 2005-та и досега има 11.246 асистенции.
Леброн Џејмс од 2003-та до денес има 10.338 асистенции а легендарниот Стив Неш од 1996-та до 2014-та забележал 10.335 асистенции.
3.830 БЛОКАДИ НА ХАКИМ ОЛАЈЏУВОН
„Бананите“ се „млада“ статистика во НБА - почнале да ги бројат дури од 1973-та, така што официјално Вилт Чемберлен и Бил Расел имаат по 0 банани во кариерата, иако по оценките тие „лупале“ во просек од 5 до 9 банани по натпревар секоја сезона.
До дебито на големиот Хаким Олајџувон во НБА во 1984-та никој не собирал и запишувал информации за блокадите, но потоа веќе ги сметале за еден од најважните показатели во одбрана.
Снажниот Хаким запиша 3.830 блокади во кариерата и е рекордер. Зад него е Дикембе Мутомбо кој од 1991 до 2009-та залепил 3.289 блокади. Следи Карим Абдул-Џабар со 3.189 од 1969-1989, Марк Итон со 3.064 (од 1982-1993) и Тим Данкан со 3.020 банани од 1997 до 2016-та.
1.611 НАТПРЕВАРИ НА РОБЕР ПЕРИШ
Од 1976-та до 1997-ма година, Робер Периш одиграл 1.611 натпревари во регуларниот дел од сезоните, што до ден-денес е рекорд.
Втор зад него е Карим Абдул-Џабар со 1.560 средби во регуларен дел од сезона од 1969-та до 1989-та. Винс Картер е на трето место на вечната листа со дури 1.541 натпревар од 1999 до 2020. Германецот Дирк Новицки, пак, одигра 1.552 меча од 1999-2019, а Џон Стоктон 1.504 од 1984-та до 2003-та.
Роберт Периш до 40 години играл регуларно на паркетот, поминал вкупно 20 сезони во НБА, подвиг каков не се гледа во поново време. Дури и Винс Картер кој е на оваа листа, одигра 1 цела година повеќе од Периш во НБА но никогаш не го стигна неговиот рекорд.